Царот на американските џунгли
ЗА КОГО станува збор? За јагуарот — најголемата од сите припадници на фамилијата мачки во Америка. Каде може да се види? Во џунглите, мочуриштата, шумите, пустините и пределите со ретка вегетација во Средна и Јужна Америка. За разлика од повеќето други мачки, јагуарот добро се снаоѓа не само на земјата или меѓу дрвјата туку и во вода.
Замисли се како стоиш до еден возрасен мажјак, кој може да биде долг и до 2 метра — без да се смета опашката — и да тежи повеќе од 120 килограми. Јагуарите се самотни животни кои меѓу себе се среќаваат само кога треба да се парат. Мажјакот е спремен за парење до својата трета или четврта година, а женката може да ги донесе на свет своите први младенчиња уште пред да наполни две години. Таа обично раѓа две младенчиња откако ги носела 3-4 месеци. Се знае дека, кога не се на слобода, некои јагуари можат да доживеат и повеќе од 20 години.
Коментирајќи за тоа колку се таинствени овие големи мачки и колку ретко можат да се видат, еден биолог вели: „Многу е тешко да сретнеш јагуар! Би можел да стојам до него... а сепак да не успеам да го видам“. Нивното златожолто крзно попрскано со црно-кафеави дамки им помага да се скријат и потоа незабележано да исчезнат меѓу сенките.
Осамен и тивок ловец
Јагуарот е искусен ловец и се храни со околу 85 видови животни, како што се тапирите, срните и мајмуните. Бидејќи е вешт во вода, многу лесно лови риби и желки. Некои луѓе еднаш виделе како еден јагуар убил возрасен коњ, го влечел по суво 80 метри, а потоа го пренел преку реката.
Оваа итра мачка честопати го чека својот плен во заседа, искачена на дрво. Кога под неа ќе помине булук диви свињи, таа скокнува врз нив. Убива една свиња заривајќи ѝ ги забите во месото и повторно рипнува на дрвото. Таму чека булукот да помине, а потоа си го зема убиениот плен.
Сепак, за разлика од другите големи мачки, јагуарот речиси никогаш нема да нападне човек. Никогаш не бил ставен во категоријата животни што јадат луѓе. Всушност, луѓето се многу поголема закана за јагуарот отколку тој за нив.
Зошто се толку малку
Подрачјето на кое живеат јагуарите некогаш се простирало од јужниот дел на САД до речиси крајниот југ на Латинска Америка. За само сто години, ова подрачје се намали за двапати. До средината на 1970-тите, ловџиите убивале илјадници јагуари секоја година заради нивното крзно. Само во 1968 год., од Америка биле извезени 13.500 вакви крзна. Се проценува дека во 2002 год. имало помалку од 50.000 јагуари. Сега, надвор од зоолошките градини има можеби само околу 15.000.
Според едно истражување на Здружението за заштита на дивите животни, речиси 40 отсто од првобитниот дом на јагуарот е уништен со сечење на шумите. Освен тоа, се смета дека само во Мексико секоја минута се уништува дел од нивното живеалиште со површина на фудбалско игралиште. За да преживеат, јагуарите немаат друг избор освен да се хранат со добитокот.
Напори да бидат заштитени
Околу 200 земји ги поддржуваат одредбите од Спогодбата за меѓународна трговија со загрозени видови со кои е забранет ловот на јагуари за комерцијални цели. Основани се национални паркови за да се заштитат нивните природни живеалишта. Во 1986 год., природниот резерват Кокскомб Басен во Белисе стана првиот резерват за јагуари во светот. Исто така, за да го заштити јагуарот, Мексико издвои повеќе од 150.000 хектари тропска шума во рамките на биосферскиот резерват Калакмул на полуостровот Јукатан.
Времето ќе покаже колку успешни ќе бидат ваквите напори на луѓето да го заштитат од истребување овој цар на американските џунгли. Сепак, може да нѐ утеши тоа што знаеме дека нашиот драг Творец наскоро ‚ќе ги уништи оние што ја уништуваат земјата‘ и дека на неа ќе завладее мир помеѓу луѓето и животните, каква што била Божјата намера во почетокот (Откровение 11:18; Исаија 11:6-9).
[Карта на страници 24 и 25]
(Види во публикацијата)
Подрачје на кое живеат јагуари
◻ Првобитно подрачје
◼ Сегашно подрачје
СЕВЕРНА АМЕРИКА
СРЕДНА АМЕРИКА
ЈУЖНА АМЕРИКА