ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g98 8/8 стр. 6-11
  • Користите од дождовните шуми

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Користите од дождовните шуми
  • Разбудете се! 1998
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Шума како ниедна друга
  • Храна, свеж воздух и лекарства
  • „Ќе го зачуваме само она што го сакаме“
  • Насилство над дождовните шуми
    Разбудете се! 1998
  • Ќе преживеат ли дождовните шуми?
    Разбудете се! 1998
  • Шумите
    Разбудете се! 2023
Разбудете се! 1998
g98 8/8 стр. 6-11

Користите од дождовните шуми

ВО 1844, изучувачот на грчкиот јазик, Константин фон Тишендорф, здогледал 129 листови од некој древен манускрипт во корпата за отпадоци во еден манастир. Тишендорф ги зел скапоцените листови и денес тие се дел од Синајскиот кодекс — еден од најпрочуените библиски манускрипти во светот.

Тоа богатство било спасено навреме. Дождовните шуми — чија вистинска вредност исто така честопати се игнорира — ретко се случува да имаат толкава среќа. Секоја година во текот на сушната сезона, илјадници пожари предизвикувани од сточарите и патувачките земјоделци го осветлуваат тропското небо. Ал Гор, сега потпретседател на САД, кој бил сведок на еден таков пожар од огромни размери во Амазон, рекол: „Опустошувањето е едноставно неверојатно. Тоа е една од најголемите трагедии во историјата“.

Ретко гориме нешто што знаеме дека е вредно. Трагедијата на дождовните шуми е во тоа што тие се уништуваат пред да ја сфатиме нивната вредност, пред да разбереме како функционираат, па дури и пред да дознаеме што содржат. Да се фрли факел во една дождовна шума е исто како да се запали една библиотека за да се згрее домот — без да се провери содржината на книгите.

Во последниве години научниците почнале да ги читаат овие „книги“ кои се големо складиште на информации, заклучено во дождовните шуми. Она што може да се „прочита“ во нив е фасцинантно.

Шума како ниедна друга

„Дрвјата на овие Западноиндиски острови се нешто што не може да се објасни поради нивната многубројност“, извикнал шпанскиот хроничар Гонзало Фернандез де Овиедо во 1526. После пет векови, неговата проценка сѐ уште не е далеку од вистината. „Дождовната шума“, пишува авторот Синтија Рус Рамзи, е „најразновидниот, најсложениот и најнесфатениот екосистем на Земјата.“

Тропскиот биолог Сејмур Сомер изјавува: „Никогаш не треба да го изгубиме од вид фактот дека знаеме малку или, пак, ништо за структурата и функционирањето на повеќето влажни тропски шуми, а да не зборуваме за видовите кои се составен дел од нив“. Самата бројност на видовите и комплексноста на нивните взаемни врски ја прави застрашувачка задачата на истражувачот.

Умерената шума можеби содржи само неколку видови дрвја на хектар. Од друга страна, пак, половина хектар дождовна шума може да биде потпора за повеќе од 80 различни видови, иако вкупниот број дрвја на хектар изнесува просечно околу 700. Бидејќи класифицирањето на таквата разновидност е заморна и напорна задача, анализирани се само мал број парцели на дождовни шуми поголеми од неколку хектари. Меѓутоа, оние што биле анализирани даваат изненадувачки резултати.

Широкиот асортиман дрвја обезбедува безброј погодни места за огромен број жители на шумата — далеку повеќе отколку што сме замислувале. Националната академија на науките на САД вели дека едно типично подрачје од десет квадратни километри неоштетена дождовна шума може да смести дури и 125 различни видови цицачи, 100 видови влекачи, 400 видови птици и 150 видови пеперутки. Со споредување ќе забележиме дека во цела Северна Америка престојувале или доаѓаат во посета помалку од 1.000 видови птици.

Иако некои од безбројните растителни и животински видови можат да се пронајдат на едно огромно подрачје дождовни шуми, други се ограничени само на еден планински венец. Тоа ги прави толку ранливи. До пред неколку години, кога дрвосечачите го завршиле расчистувањето на еден планински венец во Еквадор, истребени беа 90 ендемски растителни видови.

Поради таквите трагедии, Интерагенциската специјална група за тропски шуми од Соединетите Држави, предупредува: „Заедницата на народите мора брзо да спроведе еден забрзан и координиран напад врз проблемот за да може до почетокот на следниот век овие многу потценети и веројатно незаменливи природни богатства да се заштитат од вистинско уништување“.

Но, може да се појави прашањето: Дали овие природни богатства се толку вредни? Дали изумирањето на дождовните шуми ќе се одрази многу врз нашиот живот?

Храна, свеж воздух и лекарства

Дали го започнувате денот со чинија корнфлекс, можеби со варено јајце или филџан жешко кафе? Ако е така, тогаш Вие индиректно ги жнеете плодовите од тропските шуми. Пченката, зрната кафе, кокошката што го снела јајцето, па дури и кравата што го дала млекото — потекнуваат од фауната и флората на тропската шума. Пченката доаѓа од Јужна Америка, кафето доаѓа од Етиопија, домашните кокошки произлегле од азиската дива кокошка, а стоката што носи млеко потекнува од загрозениот бантенг од Југоисточна Азија. „Цели 80 проценти од она што го јадеме потекнува од тропите“, објаснува книгата Tropical Rainforest.

Човекот не може да си дозволи да му сврти грб на изворот на неговата храна. И земјоделските култури и домашните животни можат да заслабнат од премногу вкрстување. Дождовната шума, со нејзината голема колекција на видови, може да ја обезбеди генетската разнообразност која е потребна за да се зајакнат овие растенија и животни. На пример, мексиканскиот ботаничар Рафаел Гузман открил нов вид зелено растение слично на денешната пченка. Неговиот пронајдок ги возбудил фармерите затоа што ова зелено растение (Zea diploperennis) е отпорно на пет од седумте најголеми болести кои ги опустошуваат посевите на пченка. Научниците се надеваат да го употребат овој нов вид за да создадат таков вариетет пченка кој е отпорен на болести.

Во 1987, мексиканската влада го заштити планинскиот венец каде што растеше оваа дива пченка. Но, со толку многу уништени шуми, многу непроценливи видови, како овој, несомнено се губат, дури и пред да бидат откриени. Во шумите на Југоисточна Азија има неколку видови дива стока кои би можеле да ги зајакнат сортите домашни стада. Но, сите овие видови се наоѓаат на работ на истребување поради уништувањето на нивното живеалиште.

Свежиот воздух е исто толку важен како и храната што ја јадеме. Како што забележал секој кој ужива во освежувачка прошетка низ шума, дрвјата извршуваат скапоцена работа надоместувајќи го кислородот во атмосферата. Но, кога тие горат, се ослободува јаглерод во облик на јаглероден диоксид и јаглероден моноксид. Обата гаса создаваат проблеми.

Некои проценуваат дека човековата активност веќе ја удвоила количината на јаглероден диоксид во Земјината атмосфера. Иако се смета дека индустриското загадување е главниот виновник, се вели дека палењето на шумите е одговорно за повеќе од 35 проценти од вкупните емисии на јаглероден диоксид. Штом ќе се најде во атмосферата, јаглеродниот диоксид го создава таканаречениот ефект на стаклена градина за кој многу научници предвидуваат дека ќе предизвика сериозно глобално загревање.

Јаглеродниот моноксид е уште полош. Тој е главната смртоносна состојка што се наоѓа во смогот кој ги труе градските предградија. Но, истражувачот Џејмс Гринберг се зачудил кога открил „исто толку јаглероден моноксид над амазонските џунгли колку и над предградијата на САД“. Непромисленото палење на амазонските шуми ја извалкало истата онаа атмосфера која дрвјата требало да ја прочистат!

Освен тоа што е извор на храна и на чист воздух, дождовната шума може да биде и вистински орман со лекови. Четвртина од сите лекови што ги препишуваат лекарите доаѓаат од растенија кои растат во тропските шуми. Од магловитите шуми на Андите доаѓа кининот кој се користи во борбата против маларијата; од амазонскиот регион доаѓа кураре, кој се користи како мускулен релаксант во хирургијата; а од Мадагаскар — розовата зеленика, чии алкалоиди драматично ја зголемуваат стапката на преживување на многу пациенти заболени од леукемија. И покрај таквите импресивни резултати, можните лековити својства беа испитани само за отприлика 7 проценти од сите тропски растенија. А времето истекува. Институтот за рак на Соединетите Држави предупредува дека „широко распространетата елиминација на тропските влажни шуми може да претставува сериозно назадување на кампањата за борба против ракот“.

Има и други витални задачи што ги извршуваат дождовните шуми — иако нивната важност ретко се цени сѐ додека не исчезнат шумите. Во нив спаѓаат регулирањето на врнежите и температурата, како и заштитата на почвата од ерозија. „Родот од тропските шуми во светот далеку го надминува она што денес го разбираме за нив“, известува книгата The Emerald Realm: Earth’s Precious Rain Forests. „Но сепак, уште сега знаеме дека нивната вредност е непроценлива.“

„Ќе го зачуваме само она што го сакаме“

Да се уништат природните богатства кои можат толку изобилно да нѐ снабдуваат, сигурно претставува највисок степен на неразумност. Пред повеќе од 3.000 години, Бог ги поучил Израелците да ги зачуваат овошките кога војувале против некој непријателски град. Причината што им ја дал била едноставна: „Тие те обезбедуваат со храна“. Понатаму, „дрвјата од полето не се луѓе за да ги опседнеш“ (5. Мојсеева 20:19, 20, The New English Bible). Истото може да се рече и за истоштената дождовна шума.

Очигледно, дождовните шуми, исто како и овошките, вредат многу повеќе тогаш кога ќе бидат оставени отколу кога ќе се исечат. Но, во овој современ свет, краткотрајните користи преовладуваат над долготрајната вредност. Меѓутоа, образованието може да ги промени ставовите. Сенегалскиот еколог Баба Дијум истакнува: „На крајот ќе го зачуваме само она што го сакаме; ќе го сакаме само она што го разбираме; а ќе го разбереме само она што сме го научиле“.

Тишендорф ги украл оние древни листови во Синајската пустина затоа што ги сакал античките манускрипти и сакал да ги зачува. Дали доволно луѓе ќе научат да ги сакаат дождовните шуми на време за да ги спасат?

[Истакната мисла на страница 11]

Да се фрли факел во една дождовна шума е исто како да се запали една библиотека за да се згрее домот — без да се провери содржината на книгите

[Рамка/слики на страници 8 и 9]

Зачувување на шумските суштества

ХЕСУС ЕЛА 15-тина години ловел горила и други животни во африканската дождовна шума. Но, тој повеќе не лови. Станал водич во паркот на еден природен резерват издвоен за да се заштитат 750 низински горила во Екваторијална Гвинеја.

„Повеќе уживам во дождовните шуми кога не ловам“, објаснува Хесус. „За мене, шумата е како моето село затоа што овде се чувствувам како дома и таа ми дава сѐ што ми е потребно. Мораме да направиме сѐ што можеме за да ги зачуваме овие шуми за нашите деца.“

Хесус, кој горливо ја споделува со другите својата љубов кон шумите, има среќа. Сега тој заработува повеќе пари штитејќи ги горилата отколку кога ги ловел. Бидејќи туристите се спремни да платат за можноста да видат такви животни во дивината, парковите можат да обезбедат приход за локалните жители и да им овозможат на посетителите незаборавен поглед на многубројните суштества. Но, зачувувањето на овој фасцинантен „сплет на животот“, објаснува книгата Tropical Rainforest, бара „пространи резервати кои, идеално гледано вклучуваат цели вододелници“.a

Зошто е потребно парковите да бидат толку големи за да обезбедат соодветна заштита? Во својата книга Diversity and the Tropical Rain Forest, Џон Терборг пресметува дека на отпорната популација јагуари (околу 300 одгледани единки) ѝ се потребни околу 7.500 квадратни километри. „Според овој критериум постојат само неколку паркови на Земјата кои содржат доволно простор за јагуарите“, заклучува тој. На тигрите може да им биде потребен дури и уште поголем простор. На една одгледувана група тигри (400 животни) може да ѝ биде потребен простор со големина од 40.000 квадратни километри.

Со издвојувањето големи резервати за грабливци, како што се овие, можат да се заштитат и цели предели на дождовни шуми. Како дополнителна добивка, овие животни играат витална улога во одржувањето на целокупното здравје на животинската заедница.

[Фуснота]

a Вододелница е предел кој се влева во некоја река, речен систем или друга водена површина.

[Рамка/слики на страници 8 и 9]

Големи и мали суштества

1. Многу скакулци од дождовните шуми се обоени со дречливи бои. Други инсекти имаат толку ефикасна камуфлажа што е тешко да се распознаат

2. Пеперутките се најзабележливите и најнежните суштества на дождовната шума

3. Група мајмуни кои претрчуваат од гранка на гранка се една од најзабавните глетки во шумата

4. Иако јагуарот е непобитниот цар на американските дождовни шуми, малкумина натуралисти воопшто виделе некој примерок во дивината

5. Нежните цветови на орхидејата ги украсуваат влажните магловити шуми кои ги покриваат тропските планини

6. Во дивината останале помалку од 5.000 тигри

7. Соодветно наречениот коњоштип од тропска Америка има застрашувачки рогови, но сосема е безопасен

8. Иако горилата се заштитен вид, нивното месо сѐ уште може да се најде на африканските пазари. Овој кроток џин е вегетаријанец и талка низ шумата во семејни групи

9. Оцелотите беа ловени речиси до истребување поради нивните величествени крзна

10. Папагалите спаѓаат во најбучните и најдружељубивите шумски птици

11. Како што покажуваат неговите огромни очи, галагото оди во потрага по храна ноќе

[Извори на слики]

Фотографија: Zoo de Baños

Фотографија: Zoo de la Casa de Campo, Мадрид

[Извор на слика]

Фотографија: Zoo de Baños

[Слики на страница 7]

Дождовните шуми произведуваат 1) какао, 2) розова зеленика, корисна во лекувањето леукемија и 3) палмово масло. 4) Ископачувањето на шумите води до одронување на земјата

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели