Поглед во светот
Група истражувачи од Канада сакале да ги испитаат ефектите на порнографијата врз мажите. „Прво баравме мажи на возраст меѓу 20 и 30 години кои никогаш во животот не биле изложени на порнографија“, изјави еден член на тимот, „но не најдовме ниту еден“ (УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО МОНТРЕАЛ, КАНАДА).
Бурџ Калифа, највисоката зграда на светот, беше свечено пуштена во употреба минатиот јануари во Дубаи. Оваа кула е висока 828 метри, има повеќе од 160 катови и се гледа на оддалеченост од 95 километри (GULF NEWS, ОБЕДИНЕТИТЕ АРАПСКИ ЕМИРАТИ).
„Реформистичкиот јудаизам не би бил ‚реформистички‘ ако не оди во чекор со времето. Неодамна, во неговите богослужби беше воведена посебна молитва за лицата што оперативно го менуваат полот“ (THE NEW YORK TIMES MAGAZINE, САД).
Неспособни да комуницираат
Денешните родители многу поретко разговараат со своите деца за време на оброците и ретко им читаат пред легнување за разлика од родителите од претходните генерации. „Деца кои поаѓаат на училиште зборуваат како 18-месечни бебиња, а расте и бројот на оние кои не можат да склопат едноставни реченици“, известува лондонскиот весник The Times. Во Британија, „18 отсто од децата на 5-годишна возраст (повеќе од 100.000) ги немаат развиено говорните вештини до степенот што е соодветен за нивната возраст“. Затоа, многу деца кои не можат да ги разберат основните упатства или да си кажат што им треба се „како странци во училницата“, неспособни да разберат што се случува.
Криза за свештеници во ирските цркви
„Со свои очи гледаме како свештенството што управуваше со Католичката црква полека исчезнува“, стои во весникот The Irish Times. Пред педесет години, Ирска беше прва земја во светот по бројот на новоназначени свештеници. Но, сега повеќето свештеници се во поодминати години, што значи дека, кога тие ќе заминат во пензија откако ќе наполнат 75 години, ќе има парохии што ќе останат без свештеници. Некои велат дека главна причина за ваквата криза е одлуката за забрана на вештачка контрацепција објавена во папската енциклика Humanae Vitae од 1968 год. Истиот весник понатаму наведува дека овој документ најпрвин ‚предизвикал сомнежи во однос на учењата на Црквата, а потоа ја ослабел довербата во црковните водачи‘.
Магнетниот Северен Пол „се сели“
Кога бил откриен во 1831 год., магнетниот Северен Пол се наоѓал во северна Канада, „околу 2.750 километри од географскиот Северен Пол“, стои во францускиот весник Le Figaro. Сѐ до 1989 год., магнетниот север се движеше кон географскиот север по 5 до 15 километри годишно. Според Парискиот институт за геофизика, магнетниот пол моментално се движи „по околу 55 километри годишно“, а во 2007 год. беше лоциран на само 550 километри од географскиот пол. Ако продолжи да се движи со ова темпо и во иста насока, до 2020 год., поларната светлина (аврора бореалис), која го следи магнетниот пол, „ќе се гледа повеќе над Сибир отколку над Канада“, вели истиот весник.