Поглед во светот
Министерството за вери на Република Србија ја прифати молбата за регистрација на правно лице кое ќе ги застапува Јеховините сведоци. Според евиденцијата на српската влада, Јеховините сведоци се активни во таа земја најмалку од 1930 година.
Се проценува дека 95 отсто од музиката што во 2009 год. низ целиот свет била преземена од интернет е симната незаконски (TIME, САД).
Земјотресите — „најсмртоносната елементарна непогода“
„Земјотресите беа најсмртоносната елементарна непогода во изминатава деценија“, известува Меѓународна стратегија за намалување на катастрофи при Обединетите нации (UNISDR) со седиште во Женева (Швајцарија). Од сите што во овој период загинаа при некаква катастрофа, речиси 60 отсто се жртви на земјотрес. Оваа „природна опасност“ и понатаму претставува сериозна закана со оглед на тоа што 8 од 10-те градови со најголем број жители во светот лежат на линии на расед, каде што земјотресите се честа појава. Во изминативе десет години, повеќе од 780.000 лица го изгубија животот во 3.852 настани што беа прогласени за катастрофа.
Опасна професија
„Во 2009 год. беа убиени вкупно 110 новинари поради нивната работа, со што оваа година стана најсмртоносна [за оваа професија] во изминатава деценија“, стои во еден извештај на Меѓународниот институт за печат со седиште во Виена. Последниве години „новинарите станаа посебна мета на напад“ во завојуваните подрачја како што се Авганистан, Ирак, Пакистан и Сомалија, стои во истиот извештај. Ова доведе до помала медиумска покриеност и недостиг од информации што би овозможиле да се разберат... сложените настани“ во овие места. Изминатава деценија најопасна земја за новинарите беше Ирак, а потоа Филипините, Колумбија, Мексико и Русија.
Евтин увоз, помалку провалници
„Напливот од евтина електроника“ би можел да ги направи провалниците во Британија „технолошки вишок“, јавува Ројтерс од Лондон, цитирајќи го Џејмс Тредвел, кој држи предавања по криминологија на Универзитетот во Лестер (Англија). На пример, поради ниските цени на новите дивиди плеери, препродавањето речиси воопшто не се исплаќа. „Едноставно, не вреди да се украдат“, вели Тредвел. Сепак, тоа не значи дека намалувањето на цените ја снижи и стапката на криминал. Напротив, сега крадците се концентрираат на поисплатлива роба ‚како што се мобилните телефони и ајпод плеерите, кои луѓето ги носат со себе‘. Некогашните провалници сега се „преквалификуваат“ во улични крадци.