Чекор 3 — биди физички активен
„Да можеше вежбањето да се земе како таблета, ќе беше најчесто препишуван лек на светот“ (Медицински факултет при Универзитетот Емори). Речиси ништо друго не е подобро за нашето здравје од вежбањето.
◯ Вежбај. Тоа што ќе бидеме физички активни може да ни помогне да се чувствуваме посреќни, да размислуваме појасно, да имаме повеќе енергија, да бидеме попродуктивни и, во комбинација со правилна исхрана, да ја одржуваме тежината. За да бидат ефикасни, вежбите не мора да се болни или многу напорни. Редовното умерено вежбање неколку пати седмично може да биде многу корисно.
Трчањето, брзото одење, возењето велосипед и спортувањето, кои ќе ти го забрзаат ритамот на срцето и ќе те препотат, може да ја зголемат твојата издржливост и да спречат да дојде до срцев или мозочен удар. Ако паралелно со ваквите аеробни вежби умерено креваш тегови и правиш гимнастика, ќе ти се зајакнат коските, внатрешните мускули и екстремитетите. Освен тоа, ќе ти се забрза метаболизмот, што автоматски помага да ја одржуваш тежината.
◯ Редовно пешачи. Вежбањето е корисно без оглед на возраста, а можеш да вежбаш и без да одиш во фитнес клуб. Почни така што ќе пешачиш наместо да се возиш со автомобил, со автобус или со лифт. Зошто да чекаш превоз кога можеш да отидеш некаде пешки, па дури така да стигнеш и побрзо? Родители, поттикнете ги своите деца да учествуваат во физички игри, што е можно почесто надвор. Физичката активност им го зајакнува телото и им помага да ги развијат моторните функции, што не е можно со физички пасивните облици на забава, како што се видеоигрите.
Умерената физичка активност е корисна, сеедно на која возраст ќе почнеш да вежбаш. Ако си во поодминати години или имаш здравствени проблеми и досега не си вежбал, добро е да се посоветуваш со лекар со какви вежби да почнеш. Во секој случај почни! Ако постепено воведуваат умерени вежби, дури и најстарите ќе можат да ја одржуваат цврстината на мускулите и коскената маса. Кај постарите лица што вежбаат постои и помал ризик да паднат.
Вежбањето му помогнало на Рустам, кого го спомнавме во првата статија. Пред седум години, тој и жена му почнале да трчаат по малку секое утро, пет дена во седмицата. „Отпрвин си баравме изговори за да не излеземе да трчаме“, раскажува тој. „Но, тоа што трчавме во друштво нѐ мотивираше и двајцата. Сега, трчањето ни стана навика во која уживаме.“
[Слика на страница 6]
Физичката активност може да биде пријатна