Што вели Библијата
Може ли самоповредувањето да те зближи со Бог?
ПОВЕЌЕТО луѓе се згрозуваат од помислата дека некој би можел самиот да се повредува. Па сепак, верниците кои си ги измачуваат телата со камшикување, со строги пости и носејќи власеница од груб материјал што ја иритира кожата се посочуваат како пример за побожни луѓе. Ваквите обичаи не се карактеристика само на мрачниот среден век. Според еден неодамнешен извештај за медиумите, дури и некои денешни истакнати верски водачи се камшикуваат себеси.
Што ги мотивира луѓето на ваков начин да му покажуваат на Бог дека му се оддадени? Како што кажал и еден претставник за односи со јавност на една организација која тврди дека е христијанска, „доброволно прифатената неудобност е еден начин да станеме поблиски со Христос и да му се придружиме во страдањата кои тој доброволно ги прифатил за да нѐ откупи од гревот“. Но, и покрај ваквите тврдења, што вели Библијата?
Грижи се за своето тело
Библијата ниту препорачува ниту одобрува да му служиме на Бог така што самите ќе се повредуваме. Всушност, таа многу често ги поттикнува луѓето што го почитуваат Бог да се грижат за своето тело. Да разгледаме, на пример, како ја опишува љубовта помеѓу мажот и жената. Укажувајќи на начинот на кој еден маж природно би се грижел за своето тело, таа го дава следниов поттик: „Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела... Никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува, како и Христос собранието“ (Ефешаните 5:28, 29).
Дали заповедта мажот да ја сака својата жена како своето тело би имала некаква смисла ако од верниците се очекува да си го измачуваат телото како дел од службата за Бог? Очигледно е дека од оние што ги сакаат библиските начела се очекува да се грижат за своето тело, па дури и до извесна мера да го сакаат, а ваква одмерена љубов треба да ја покажуваат и кон брачниот другар.
Библијата содржи многу начела кои ни помагаат да се грижиме за своето тело. На пример, Библијата вели дека е корисно умерено да се вежба (1. Тимотеј 4:8). Таа ни открива дека некои видови храна се корисни за здравјето и укажува на штетните последици од лошиот начин на исхрана (Изреки 23:20, 21; 1. Тимотеј 5:23). Библијата нѐ поттикнува да си го зачуваме здравјето бидејќи така ќе можеме да даваме најмногу од себе (Проповедник 9:4). Ако од оние што ја читаат Библијата се очекува да си го чуваат здравјето применувајќи ги овие совети, дали е логично во исто време од нив да се бара да му наштетуваат на телото? (2. Коринќаните 7:1).
Треба ли христијаните да поминат низ страдањата на Исус?
Сепак, некои организации погрешно се концентрираат на страдањата што ги доживеале Исус и неговите први следбеници за да ги поттикнат верниците да се повредуваат себеси. Но, Божјите слуги никогаш не си ги нанеле сами страдањата за кои Библијата кажува дека ги претрпеле. Писателите на Библијата од времето на Исус се осврнувале на неговите страдања за да ги поттикнат христијаните да издржат прогонство, а не за да се прогонуваат самите себеси. Според тоа, оние кои си го измачуваат телото не го следат примерот на Исус Христос.
Да го објасниме ова со една споредба: Замисли си дека гледаш како една толпа навредува и тепа некој твој пријател кого многу го цениш. Тој го поднесува нападот смирено и не возвраќа со удари или навреди. Ако сакаш да го следиш неговиот пример, дали би почнал да се тепаш и да се навредуваш себеси? Се разбира дека не. Со тоа би го следел примерот на толпата. Наместо тоа, кога ти би доживеал сличен напад, ќе се трудиш да не враќаш.
Очигледно, од следбениците на Христос не се очекува да си нанесуваат болка правејќи го она што го правела разулавената толпа која го измачувала Исус и барала да го убие (Јован 5:18; 7:1, 25; 8:40; 11:53). Наместо тоа, кога се прогонувани, и тие, како Исус, треба смирено да ги поднесуваат маките (Јован 15:20).
Извртување на Библијата
Дури и пред да постои христијанството, Светите Списи по кои живееле Евреите и на кои ги темелеле своите верувања забранувале самите да си нанесуваат физички повреди. На пример, Законот јасно им забранувал на Евреите да се сечат по телото, што по сѐ изгледа било обичај кај другите древни народи (3. Мојсеева 19:28; 5. Мојсеева 14:1). Ако Бог не сакал некој да се сече по телото, логично е дека не би сакал ни да си нанесува рани со камшик. Библиското мерило е јасно — за Бог е неприфатливо намерно да си го повредуваме телото на каков и да било начин.
Исто како што еден уметник сака неговото дело да биде ценето, така и Творецот, Јехова Бог, сака човечкото тело, како негово дело, да биде ценето (Псалм 139:14-16). Всушност, самоизмачувањето не го подобрува нашиот однос со Бог. Напротив, го влошува и ги извртува учењата изнесени во Евангелијата.
Под водство на Божјиот дух, апостол Павле го кажал следново кога зборувал за ваквите сурови човечки обичаи: „Тие прописи се гледаат во почитувањето на Бог какво што луѓето сами си го наметнале и во лажната понизност и строгост спрема телото. Тие, всушност, изгледаат како мудрост, но немаат никаква вредност во борбата против угодувањето на телото“ (Колошаните 2:20-23). Ако некој сака да стане поблизок со Бог, нема никаква вредност сам да си нанесува болка. Напротив, она што Бог го бара од нас е пријатно, лесно и нѐ закрепнува (Матеј 11:28-30).
ШТО МИСЛИШ?
● Како гледа Бог на човечкото тело? (Псалм 139:13-16)
● Може ли самоповредувањето да ни помогне во борбата со неисправните желби? (Колошаните 2:20-23)
● Дали Бог бара од нас да се измачуваме или да се повредуваме? (Матеј 11:28-30)
[Истакната мисла на страница 11]
Библиското мерило е јасно — за Бог е неприфатливо намерно да си го повредуваме телото на каков и да било начин
[Слика на страница 10]
Аџија кој со болки ползи кон една црква
[Извор на слика]
© 2010 photolibrary.com