Младите прашуваат
Што треба да знам за пушењето?
Разгледај ги следниве опции и стави ✔ во квадратчето до оние што сметаш дека најдобро те опишуваат.
□ Љубопитен сум
□ Под стрес сум
□ Сакам другите да ме прифатат
□ Страв ми е да не се здебелам
АКО штиклираше макар едно квадратче, тогаш имаш нешто заедничко со твоите врсници кои пушат или кои размислуваат да пропушат.a На пример:
Да се задоволи љубопитноста. „Ме интересираше како е да пушиш, па затоа зедов цигара од една школска и скришум ја испушив“ (Трејси).
Да се намали стресот и да бидеш прифатен. „Децата на училиште ќе речеа: ‚Морам да запалам една‘ и откако ќе запалеа велеа: ‚Уф, сега се смирив!‘ Кога бев под стрес, и јас сакав такво олеснување“ (Ники).
Да се одржува линијата. „Некои девојки пушеа за да не се здебелат — што е многу полесно од држењето диета!“ (Саманта).
Но, пред да ја запалиш првата — или следната — цигара, застани и размисли за момент. Немој да бидеш како риба што се фаќа на мамка. Точно, можеби рибата ќе добие црвче како мала награда, но ќе плати многу голема цена! Наместо тоа, послушај ги библиските совети и користи го ‚својот здрав разум‘ (2. Петрово 3:1). Одговори на следниве прашања.
Колку навистина знаеш за пушењето?
Означи со точно или неточно.
а. ․․․ Пушењето го намалува стресот.
б. ․․․ Ќе го испуштам речиси целиот дим.
в. ․․․ Пушењето нема да ми влијае на здравјето додека сум млад.
г. ․․․ Ќе бидам попривлечен за спротивниот пол.
д. ․․․ Со пушењето си штетам само себеси.
ѓ. ․․․ На Бог не му е важно дали пушам или не.
Одговори
а. Пушењето го намалува стресот. Неточно. Иако пушењето привремено го намалува стресот предизвикан од симптомите на апстиненција, научниците откриле дека никотинот, всушност, го зголемува нивото на хормонот на стрес.
б. Ќе го испуштам речиси целиот дим. Неточно. Некои истражувања покажуваат дека преку 80 отсто од честичките присутни во димот од цигарите што го вдишуваш остануваат во твоето тело.
в. Пушењето нема да ми влијае на здравјето додека сум млад. Неточно. Иако со секоја запалена цигара сѐ повеќе си го загрозуваш здравјето, некои последици од пушењето се очигледни и веднаш. На пример, некои луѓе стануваат зависни по само една цигара. Може да ти се намали капацитетот на белите дробови, а има шанси и да почнеш хронично да кашлаш. Ќе имаш повеќе брчки на кожата и ќе ти се појават порано. Со пушењето се изложуваш на поголем ризик од сексуална дисфункција, напади на паника и депресија.
г. Ќе бидам попривлечен за спротивниот пол. Неточно. Истражувачот Лојд Џонстон дошол до сознание дека тинејџерите што пушат „им се помалку привлечни на повеќето од спротивниот пол“.
д. Со пушењето си штетам само себеси. Неточно. Секоја година умираат илјадници непушачи што биле изложени на дим од цигари. Пушењето ќе му наштети на твоето семејство, на твоите пријатели, па дури и на твоите миленичиња.
ѓ. На Бог не му е важно дали пушам или не. Неточно. Оние што сакаат да ја вршат Божјата волја мораат да се исчистат од „секоја валканост на телото“ (2. Коринќаните 7:1). Нема сомнение дека пушењето го валка телото. Ако избереш да бидеш нечист и да пушиш, нанесувајќи си штета и себеси и на другите, не можеш да му бидеш пријател на Бог (Матеј 22:39; Галатите 5:19-21).
Како да одбиеш
Што би рекол ако некој ти понуди цигара? Може да биде доволно едно едноставно, но одлучно: „Не, фала. Не пушам“. Ако другиот продолжи да ти нуди или дури и да инсистира да земеш цигара, задржи на ум дека ти имаш право на избор. Би можел да речеш:
● „Дознав колку е штетно пушењето и одлучив да не пушам“.
● „Не, фала. Не ми се умира млад“.
Но, исто како младите што ги цитиравме претходно, можеби и ти најголемиот притисок го чувствуваш од самиот себе. Ако е така, спротивстави ѝ се на желбата така што добро ќе размислиш за прашања како следниве:
● Имам ли навистина некаква корист од пушењето? На пример, ако одлучам да пушам само за да ме прифатат другите, дали ќе успеам да се вклопам во нивното друштво иако немам ништо друго заедничко со нив? Дали всушност сакам да се дружам со луѓе на кои би им било мило што си го уништувам здравјето?
● Како ќе ми се одрази пушењето врз џебот и врз здравјето и дали ќе ја изгубам почитта од другите?
● Дали сум спремен да си го расипам пријателството со Бог заради цигарите?
Но, што ако веќе си зависник? Што ќе ти помогне да ги оставиш цигарите?
Како да се откажеш
1. Убеди се дека мораш да прекинеш. Запиши си зошто сакаш да прекинеш и редовно читај си го списокот. Желбата да бидеш чист пред Бог може да ти биде силен мотив (Римјаните 12:1; Ефешаните 4:17-19).
2. Побарај помош. Ако скришно си пушел, сега е време отворено да кажеш. Кажи им на оние од кои си се криел дека ги оставаш цигарите и замоли ги да те поддржат. Ако сакаш да му служиш на Бог, моли го да ти помага (1. Јованово 5:14).
3. Одреди датум кога ќе престанеш. Дај си две седмици или помалку и обележи го на календарот денот кога планираш да престанеш. Кажи им на семејството и на пријателите дека престануваш да пушиш од тој датум.
4. Најди ги и уништи ги. Пред да дојде датумот што си го одредил да прекинеш, провери дали имаш цигари некаде во собата, во автомобилот или во алиштата. Уништи ги. Фрли ги запалките, кибритите и пепелниците.
5. Издржи ги симптомите на апстиненција. Пиј многу овошни сокови и вода и спиј повеќе. Имај на ум дека непријатностите се моментални, а користите трајни!
6. Избегнувај искушенија. Избегнувај места и ситуации кои ќе те стават на искушение да запалиш цигара. Можеби ќе треба да престанеш и да се дружиш со некои пријатели што пушат (Изреки 13:20).
7. Не си барај изговори. Немој да се залажуваш велејќи си: „Ќе повлечам само еден дим“. Таквите изговори можат лесно да те доведат во ситуација пак да пропушиш (Еремија 17:9).
Не биди наивен
Секоја година, компаниите за производство на цигари трошат милијарди долари на реклами. Мислиш дека не знаат дека многу млади ќе се фатат на нивната мамка, па дури и ќе станат идни зависници?
Не дозволувај тие компании да се богатат на твоја сметка. Зошто да се фатиш на нивната мамка? Ниту тие ниту твоите врсници што пушат не ти го мислат доброто. Наместо да ги слушаш нив, слушај ги советите од Библија и научи „да го правиш она што е за твое добро“ (Исаија 48:17).
[Фуснота]
a Иако во оваа статија се зборува за оние што пушат цигари, проблемите и опасностите што се истакнати тука се однесуваат и на оние што џвакаат тутун.
[Рамка/слики на страница 27]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
››Ако некој ме праша зошто не пушам, ќе му речам: ‚Затоа што не сакам да си ги уништам белите дробови и да си го скратам животот‘‹‹
››Ако некој ми понуди цигара, ќе му речам: ‚Не‘. Ако навалува да земам, ќе му речам: ‚Зарем ми го ускратуваш правото на избор? Тоа е невидено во ова време!‘‹‹
[Слики]
Бенџамин
Хедер
[Рамка на страница 28]
● СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...
Бездимниот тутун — како што е тутунот за џвакање — може да ослободи повеќе никотин отколку цигарите и содржи преку 25 канцерогени состојки кои го зголемуваат ризикот од рак на грлото и устата.
[Рамка на страница 28]
ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?
Многу полесно е да го издржиш притисокот од врсниците ако си подготвен. Би можел да ги замолиш родителите да вежбате како да постапиш ако некој ти понуди цигара. Едниот родител нека глуми твој врсник што наметливо ти нуди цигара. Предлог: Добри идеи можеш да најдеш во рамката „Како против притисокот од врсниците“ на страници 132 и 133 во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2.
[Слика на страница 28]
Како риба што се фаќа на мамка, пушачот добива малку но плаќа страшно голема цена