„Не можев да престанам да ја читам!“
● Млади од целиот свет го изразија своето ценење за книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2.a Еве неколку нивни изјави:
„Многу ми се допаѓа тоа што книгата нѐ поттикнува отворено да комуницираме со родителите. Ги применив предлозите и сега можам да кажам дека имам подобра комуникација со моите родители“ (Роберто, Мексико).
„Не можев да престанам да ја читам! Ми се допаѓа рамката ‚План!‘ при крајот на секое поглавје и ‚Мојот дневник‘ на крајот од секој дел. Оваа книга ми помогна храбро да ги бранам своите верувања на училиште“ (Џоела, САД).
„Колку повеќе ја читав, толку повеќе ми се допаѓаше. Одушевена сум од многуте цитати од млади луѓе во неа, како и од рамките ‚Си знаел ли дека?‘ и ‚Предлог‘. Оваа книга јасно ми покажува колку на Водечкото тело на Јеховините сведоци им значат младите!“ (Хуи-вон, Јужна Кореја).
„Од сите книги што ги имаат издадено Јеховините сведоци, најмногу уживам да ја читам оваа книга. Точно знаете за што размислуваат тинејџерите и со какви проблеми се соочуваат во семејството, на училиште и со пријателите“ (Шана, Канада).
„Секојпат кога моите родители се караа, ќе си влезев во собата и ќе плачев. Но, откако го прочитав 24. поглавје со наслов ‚Што да правам кога моите родители се караат?‘, собрав сила да разговарам со мајка ми и татко ми за тоа. Беа изненадени што нивните кавги толку ме погодуваат. И тие го прочитаа ова поглавје. Сега подобро ми ги разбираат чувствата и поретко се караат“ (Маријана, Република Чешка).
„Рамките со наслов ‚Да учиме од...‘ многу ми влијаат и ми помагаат да се борам со моите слабости. На пример, тешко ми е да направам нешто за подобро да ги запознаам членовите на христијанското собрание кои не ги знам добро. Но, на 97. страница пишува дека, со тоа што им укажала гостопримство на Павле и на неговите соработници, Лидија можела подобро да се запознае со нив. Сега се трудам да го следам нејзиниот пример“ (Моника, Унгарија).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 25]
„ПРЕДБРАЧЕН СЕКС — ЗОШТО Е ПОГРЕШЕН“
Катрина, 16-годишна девојка од САД, добила задача на час да изнесе презентација на тема по свој избор. Таа ја избрала темата „Предбрачен секс — зошто е погрешен“, а од голема помош ѝ била книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2. Нејзините родители раскажуваат: „Во својата презентација, Катрина објасни што значи зборот ‚апстиненција‘, какви ризици носи предбрачниот секс и кои се последиците ако некој не ги почитува Божјите морални мерила. Катрина прочита и цитати од книгата за да покаже како се чувствувале некои млади откако ги прекршиле Божјите мерила. Потоа рече дека секој може да поставува прашања, на кои успеа да одговори. Откако заврши, наставничката ѝ даде писменце во кое, меѓу другото, стои: ‚Ти благодарам што ја покажа реалната слика и што внесе зрак светлина во овој мрачен свет. Остани цврста во верата‘“.