ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 5/11 стр. 4-7
  • Цени ги своите прекрасни дарби

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Цени ги своите прекрасни дарби
  • Разбудете се! 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Човечката дланка
  • Човечкото уво
  • Човечкото око
  • Човечкиот мозок
  • Човекот — чудо
    Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?
  • Вашиот слух — дар што треба високо да се цени
    Разбудете се! 1998
  • Колку само си уникатен!
    Постои ли Творец кој се грижи за тебе?
Разбудете се! 2011
g 5/11 стр. 4-7

Цени ги своите прекрасни дарби

ЧОВЕЧКОТО тело е навистина сестрано. Ниедно животно нема толку многу различни способности како луѓето. Една причина за ова е исправената положба на нашето тело која ни овозможува не само да имаме широко видно поле туку и да ни бидат слободни рацете за да извршуваме голем број задачи. Колку ли ќе бевме ограничени да моравме да одиме на сите четири екстремитети!

Друг дар е нашиот исклучително сложен сензорен систем, кој подетално ќе го разгледаме во оваа статија. Во него спаѓаат дланките, ушите, очите и, се разбира, неверојатниот мозок. Да ги разгледаме овие делови еден по еден.

Човечката дланка

Нашите дланки се прекрасни и многу прецизни алатки. Со нив можеме да вденеме игла или да замавнеме со секира, да насликаме портрет или да свириме на пијано. Освен тоа, тие се исклучително осетливи. Дури и краток допир може да открие дали материјалот е крзно, хартија, кожа, метал, вода или дрво. Да, нашите дланки се многу повеќе од алатки со кои можеме да фатиме нешто или да ракуваме со работите. Преку нив го осознаваме светот околу нас. А преку нив можеме да изразиме и љубов и нежност.

Зошто човечката дланка е толку вешта, толку експресивна, толку осетлива и толку сестрана? Постојат многу причини. Да разгледаме четири.

1. Во двете дланки заедно има над 50 коски, што е отприлика една четвртина од сите коски во телото. Прецизниот склоп на сите делови на дланката — коските, зглобовите, лигаментите — ја прави исклучително флексибилна.

2. Палецот на дланката е така поставен што може да ги допре останатите четири прсти. Поврзан е со седлест зглоб кој претставува извонредна структура од две површини во облик на седло поставени под соодветен агол. Овој зглоб, мускулите и другите ткива поврзани со него го прават палецот неверојатно флексибилен и силен.

3. Дланката ја контролираат три групи мускули. Двете најсилни групи — екстензорите (истегнувачите) и флексорите (стегачите) — се наоѓаат во подлактицата и ги управуваат прстите со помош на тетиви. Да се наоѓаа овие мускули во дланката, таа ќе беше многу гломазна и тромава! Третата, многу помала група мускули на дланката, овозможува прстите да прават прецизни движења.

4. Прстите се, всушност, живи сензори — врвовите од прстите имаат околу 2.500 рецептори на само еден квадратен сантиметар. Освен тоа, овие рецептори се најразлични и секој си има посебна функција, поради што можеме да осетиме температура, влажност, вибрација, притисок, болка и каква структура имаат предметите. Тоа ги прави прстите најосетливите сензори за допир што постојат.

Човечкото уво

Иако некои животни можат да чујат звучни фреквенции што човекот не може да ги чуе, аудиоекспертите велат дека соработката помеѓу ушите и мозокот кај човекот е импресивна. Нашето сетило за слух ни овозможува да ја одредиме јачината, висината и бојата на звукот и отприлика од кој правец и од колкава оддалеченост доаѓа тој. Здравото човечко уво може да регистрира звук чија фреквенција лежи во дијапазонот од околу 20 до 20.000 херци, т.е. циклуси на звучни осцилации во секунда. Увото е најосетливо на звуци во дијапазонот од 1.000 до 5.000 херци. Освен тоа, можеме да забележиме и промена од само еден херц — на пример ако дојде до промена од 440 на 441 херц.

Еден здрав човек има толку осетлив слух што може да регистрира звуци дури и кога звучниот бран ја затреперува мембраната на ушното тапанче за растојание помало од дијаметарот на атомот! Според едно факултетско предавање во врска со слушањето, „теоретски кажано, нашиот слушен механизам речиси и не е можно да биде поосетлив... И нема зошто да е поосетлив бидејќи тогаш би слушале само шиштење“ како резултат на движењето на атомите и молекулите од кои е составен воздухот.

Вибрациите во ушното тапанче механички се засилуваат и се пренесуваат до внатрешното уво со помош на слушни ковчиња: чеканче, наковална и узенгија. Но, што ако нашите уши ненадејно бидат изложени на заглушувачки звук? Тие имаат вграден заштитен механизам, т.е. доаѓа до мускулна активност при која слушните ковчиња се поместуваат за да се намали јачината на звукот. Меѓутоа, нашите уши не можат да издржат да бидат изложени на силен звук подолго време. Тоа би довело до трајно оштетување на слухот. Затоа, грижи се за овој „чудесно создаден“ дар од твојот Творец (Псалм 139:14).

Слушниот механизам ни помага и да го лоцираме звукот. Ова е можно благодарение на неколку фактори, како што се формата на ушната школка, нејзините вдлабнатини, тоа што имаме уши на двете страни од главата и исклучителната способност на мозокот да ги обработува информациите. Така, ако јачината на звукот се разликува макар за малку од едното до другото уво или ако звукот до едното уво дојде само 30 милионити дел од секундата порано отколку до другото, твојот мозок веднаш ги насочува очите кон изворот на звукот.

Замисли да мораше сите тие информации свесно да ги обработуваш! Ќе требаше да знаеш да изведуваш сложени математички операции, и тоа со секавична брзина! Кога некој инженер би дизајнирал „слушен“ механизам што барем малку би личел на оној што ти го дал твојот Творец, сигурно би собрал многу почести. Но, колку често можеме да чуеме како луѓето му ја припишуваат на Бог заслугата за неговите прекрасни дела? (Римјаните 1:20).

Човечкото око

Некои истражувачи проценуваат дека луѓето што гледаат добро, околу 80 отсто од информациите за своето опкружување ги добиваат преку очите. Во комбинација со мозокот, нашите очи ни овозможуваат да гледаме во боја, со леснотија да следиме предмети и слики што се движат, да препознаваме шеми и форми и да гледаме тродимензионално. Освен тоа, нашите очи можат да се приспособат и на светлина со различна јачина.

За ваквата приспособливост придонесуваат голем број механизми што се надополнуваат еден со друг. На пример, дијаметарот на зеницата може да се прошири од 1,5 на 8 милиметри за да може во окото да влезе и до 30 пати повеќе светлина. Потоа светлината минува низ леќата, која ја насочува кон мрежницата засилувајќи ја светлосната енергија и до 100.000 пати. Затоа, никогаш не треба да гледаме директно во Сонцето со голо око!

Во мрежницата, пак, има два вида фоторецептори — чепчиња (околу 6 милиони), кои помагаат да гледаме во боја и со висока резолуција, и стапчиња (120-140 милиони), кои се над илијада пати поосетливи од чепчињата и ни помагаат да гледаме при придушена светлина. Во оптимални услови, едно стапче може да регистрира и само еден фотон, т.е. основна честичка на светлината!

Друг приспособлив механизам се невроните на мрежницата, кои се поврзани со чепчињата и стапчињата. Овие неврони можат да се адаптираат „за само неколку секунди и да ни ја зголемат за 10 пати, па и повеќе, способноста да гледаме ноќе“, вели Американската оптометриска асоцијација.

Инженерите честопати дизајнираат камери, скенери и компјутери со соодветен софтвер. Но, перформансите на овие апарати и начинот на кој тие ги обработуваат податоците многу заостануваат зад можностите на нашиот сензорен систем. Размисли: ‚Дали е разумно нашиот ненадминлив жив сензорен систем да ѝ го припишуваме на слепата случајност, како еволуционистите?‘ Еден Божји слуга по име Јов, кој живеел многу одамна, знаел малку за човечкото тело во споредба со она што го знаеме денес. Па сепак, бил поттикнат да му каже на Бог: „Твоите раце го обликуваа и го направија секое мое делче“ (Јов 10:8).

Човечкиот мозок

Мозокот со извонредна ефикасност ги дешифрира огромниот број дразби што преку нервите доаѓаат од сетилните органи. Освен тоа, тој ги поврзува овие дразби со детали од нашето сеќавање. Па така, извесна миризба може веднаш да предизвика мозокот да се сети на некое одамна заборавено искуство или случка. И ако видиме само мал дел од нешто познато — на пример врвот од опашот на нашата мачка — мозокот ќе ги пополни деталите што недостигаат за да знаеме дека нашата мачка е во близина.

Се разбира, мозокот не ни бил однапред програмиран да препознае изглед на мачка, исто како што не бил однапред програмиран да препознае мирис на ружа, звук на вода што тече или допир на крзно. Твојот мозок научил да ги прави овие врски. Ова се гледа од искуствата на луѓе кои биле родени слепи, но кои прогледале, можеби со помош на операција. Нивниот мозок морал да научи да го обработува напливот од визуелни дразби што доаѓаат до него. Како реагираат овие луѓе?

За многу кратко време, можат да кажат дека гледаат бои, движења и едноставни форми. Но, потоа напредокот е различен од човек до човек. Децата, а посебно најмладите, лесно продолжуваат да учат. Но, тоа не е случај со возрасните. Ним им е тешко дури и да им го препознаат лицето на луѓето. И, како што изјавуваат од Институтот за технологија во Калифорија, за жал, една заедничка карактеристика на „излечените“ возрасни обично „е почетна еуфорија по која следуваат разочарување и неспособност да се ориентираат со помош на обновениот вид, што честопати води до тешка депресија“.

Овие факти ни помагаат подобро да разбереме колку темелно лечел Исус Христос додека бил на Земјата. На слепите и на глувите не само што им се вратил видот и слухот туку и почнале да го препознаваат она што го гледале и слушале околу нив. Исто така, немите зборувале нормално, што било посебно чудесно во случајот на лицата кои биле родени со ваков хендикеп (Матеј 15:30; Марко 8:22-25; Лука 7:21, 22). И, можеме да бидеме уверени дека ниеден од слепите кои биле излечени не паднал во депресија. Всушност, еден од излекуваните храбро го бранел Исус пред неговите верски непријатели. Тој рекол: „Досега не се чуло некој да му ги отвори очите на човек што е слеп од раѓање. Да не беше овој човек од Бог, не ќе можеше ништо да направи“ (Јован 9:1-38).

Во следната статија ќе разгледаме некои обележја на нашата личност, како што се храброста и љубовта. Си размислувал ли некогаш зошто само луѓето можат да ги покажуваат овие особини? Таквите, чисто човечки, особини претставуваат голема пречка за оние што сакаат да докажат дека сме само животни на повисок степен од еволутивниот развој.

[Рамка на страница 7]

НАШИОТ НЕВЕРОЈАТЕН МОЗОК

Како нашиот мозок ги регистрира дразбите што доаѓаат преку сетилото за допир, слух, вид и мирис? Научниците немаат одговор на ова прашање. „Сѐ уште не се знае како твојот мозок може да ги препознае зборовите што сега ги читаш“, вели научникот Џералд Л. Шродер.

Тој го напишал и следново: „Сознанието дека мозокот функционира на многу посложен начин отколку што во минатото можеше да се претпостави ја оспорува упростената теорија за случајна еволуција на животот“. Понатаму тој додава: „Да беше свесен Дарвин колкава мудрост се крие зад животот, сигурен сум дека ќе изнесеше една многу поинаква теорија“.

[Графикон/слики на страница 5]

(Види во публикацијата)

Сложени коски

Седлест зглоб

Контрола на мускулите

Сетило за допир

[Слика]

Што ги прави нашите дланки толку сестрани?

[Слика на страница 7]

Мозокот ги дешифрира огромниот број дразби кои ги прима преку сетилните органи и ги поврзува со детали од нашето сеќавање

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели