Вашиот слух — дар што треба високо да се цени
ТИВКА вечер во село, далеку од вревата на цивилизацијата, дава прилика да се навлезе во нежните звуци на ноќта. Благ ветрец едвај приметливо шумоли низ лисјата. Инсектите, птиците и животните ги додаваат своите далечни повици. Колку само прекрасно чувство е да се чујат такви нежни звуци! Можеш ли да ги чуеш?
Потенцијалот на човечкиот систем за слух едноставно е вчудовидувачки. Поминете половина час во комора која не одекнува — акустички изолирана соба со површини направени да ги апсорбираат сите звуци — и Вашиот слух полека ќе ја ‚зголеми јачината‘ доволно за да почнете да слушате непознати звуци кои потекнуваат од Вашето тело. Научникот за акустика Ф. Алтон Еверест го опишува ова искуство во The Master Handbook of Acoustics. Прво, чукањето на Вашето срце почнува гласно да се слуша. После околу еден час во собата, го слушате течењето на Вашата крв низ крвните садови. Најпосле, ако имате остар слух, „Вашата стрпливост е наградена со чуден шумлив звук помеѓу ‚ударите‘ на срцето и плискањето на крвта. Што е тоа? Тоа е звукот на честичките воздух кои удираат во Вашите ушни тапанчиња“, објаснува Еверест. „Движењето на ушните тапанчиња како резултат на овој шумлив звук е неверојатно мало — само 1/100 милионит дел од сантиметарот!“ Ова е „праг на чујноста“, најниската граница на Вашата способност да откриете звук. Поголема осетливост не би Ви била од корист бидејќи послабите звуци би биле заглушени од шумот на движењето на честичките воздух.
Слушањето е овозможено преку соработката на надворешното, средното и внатрешното уво, заедно со моќта за преработка и перцепција на нашиот нервен систем и мозокот. Звукот патува низ воздухот како бранови од варијациите на притисокот. Овие бранови ги движат нашите ушни тапанчиња напред назад, а ова движење, пак, средното уво го пренесува во внатрешното уво. Таму движењето се претвора во нервни импулси, кои мозокот ги толкува како звук.a
Вашето важно надворешно уво
Флексибилниот, искривен надворешен дел на Вашето уво е наречен ушна школка. Ушната школка го собира звукот, но таа прави и повеќе од тоа. Дали некогаш сте се запрашале зошто Вашето уво ги има сите оние мали набори? Звучните бранови кои се одбиваат од различните површини на ушната школка, едвај приметливо се модифицираат според нивниот агол на пристигнување. Мозокот може да ги дешифрира овие ситни варијации и да ја одреди положбата на изворот на звукот. Мозокот го прави ова, освен што го споредува времето и интензитетот на звукот кога тој влегува во секое Ваше уво.
За да го прикажеме ова, пукајте со прстите додека ја движите раката горе-долу директно пред некое лице со затворени очи. Иако Вашите прсти остануваат на иста оддалеченост од секое негово уво, тоа сепак ќе може да каже дали звукот доаѓа од горе, од долу или од некое друго место помеѓу. Всушност, дури и лице кое има само едно здраво уво, прилично добро може да ги локализира звуците.
Вашето средно уво — механичко чудо
Примарната функција на Вашето средно уво е да ги пренесе вибрациите од ушното тапанче до течноста што го исполнува внатрешното уво. Таа течност е многу потешка од воздухот. Така, како што е случај со велосипедист кој се искачува по еден стрмен рид, потребен е исправен ‚однос на запчаникот‘ за да се пренесе енергијата колку што е можно поефикасно. Во средното уво, енергијата се пренесува преку три ситни ковчиња, општо наречени чеканче, наковална и узенгија поради нивниот облик. Оваа минијатурна механичка врска постигнува ‚однос на запчаникот‘ кој е речиси совршен за внатрешното уво. Пресметано е дека без неа би биле изгубени 97 проценти од енергијата на звукот!
Постојат два нежни мускула кои се прикачени за врската во Вашето средно уво. Ако Вашето уво е изложено на силен звук со ниска фреквенција за стотинка од секундата, овие мускули автоматски се стегнуваат, намалувајќи го во голема мера движењето на врската и така спречувајќи какво и да е можно оштетување. Овој рефлекс е доволно брз за да Ве заштити од практично сите гласни звуци кои се појавуваат во природата, иако не и од сите звуци кои се предизвикани од механичката и електронската опрема. Освен тоа, малите мускули можат да ја задржат оваа заштитна положба само околу десетина минути. Но, ова Ви дава можност да побегнете од непријатниот звук. Интересно е тоа што, кога зборувате, Вашиот мозок испраќа сигнали до овие мускули да ја намалат осетливоста на Вашиот слух, така што Вашиот сопствен глас да не Ви биде прегласен.
Вашето чудесно внатрешно уво
Оној дел од Вашето внатрешно уво кој е вклучен во слушањето е содржан во полжавот, наречен по неговиот облик на полжавска куќичка. Овој надворешен слој кој го штити неговиот нежен механизам е најтврдата коска во Вашето тело. Во неговиот лавиринт се наоѓа базиларната мембрана, едно од неколкуте ткива кои ја делат должината на полжавот во канали. Покрај базиларната мембрана лежи Кортиевиот орган, кој држи илјадници клетки со трепки — нервни клетки кои имаат влакнести завршетоци кои се протегаат во течноста што го исполнува полжавот.
Кога движењето на коските на средното уво го вибрира овалното прозорче на полжавот, тоа предизвикува бранови во течноста. Овие бранови ги движат мембраните, исто онака како што бранчињата во едно езерце ги движат нагоре-надолу листовите што пловат. Брановите ја свиткуваат базиларната мембрана на места кои одговараат на специфични фреквенции. Тогаш, клетките со трепки на овие места лесно ја допираат покривната мембрана. Овој контакт ги покренува клетките со трепки, а тие, пак, создаваат импулси и ги испраќаат во Вашиот мозок. Колку е поинтензивен звукот, толку повеќе и побрзо се стимулирани клетките со трепки. Така, мозокот прима погласен звук.
Вашиот мозок и слушањето
Мозокот е најважниот дел од Вашиот систем за слушање. Тој ја има зачудувачката способност приливот од податоци што ги прима во облик на нервни импулси да го трансформира во менталната перцепција на звукот. Оваа главна улога укажува на специјалната врска помеѓу мислењето и слушањето, врска која се изучува во областа позната како психоакустика. На пример, мозокот Ви овозможува да слушате само еден од многуте разговори во една преполнета соба. Микрофонот ја нема оваа способност, па затоа снимката направена во истата просторија би била речиси неразбирлива.
Раздразнетоста предизвикана од несакани шумови покажува еден друг аспект од оваа врска. Колку и да е низок интензитетот на еден звук, дури и ако едвај можете да го чуете тогаш кога не сакате, тоа може да биде раздразнувачки. На пример, јачината на звукот произведен од славина која капе е многу низок. Но, може да Ви биде крајно непријатен ако во глувоста на ноќта Ве држи будни!
Навистина, нашите емоции се тесно поврзани со нашето чувство за слух. Само помислете на заразниот ефект на воодушевеното смеење или, пак, на топлината што ја причинува некој искрен збор на наклоност или пофалба. Исто така, голем дел од она што го учиме интелектуално, го примаме преку нашите уши.
Дар што треба високо да се цени
Многу фасцинантни тајни на нашиот слух остануваат неодгатнати. Но, научното разбирање што е стекнато, го продлабочува нашето ценење за интелигенцијата и љубовта што се покажани во неа. „Колку и да се разгледува длабоко човечкиот систем за слушање“, пишува истражувачот за акустика Ф. Алтон Еверест, „тешко е да се избегне заклучокот дека неговите сложени функции и структури укажуваат на некаква добротворна рака во неговиот дизајн.“
Царот Давид од древниот Израел го немал денешното научно спознание за внатрешните работи на нашиот слух. Сепак, тој размислувал за своето сопствено тело и за многуте негови дарови и му пеел на својот Творец: „[Јас] сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела“ (Псалм 138:14). Научното истражување на чудата и мистериите на телото, вклучувајќи го и слушањето, го зголемува доказот дека Давид бил во право — ние сме биле прекрасно конструирани од еден мудар Создател полн со љубов!
[Фуснота]
a Види Разбудете се! од 22 јануари 1990, страници 18—21 (англ.).
[Рамка/слика на страница 19]
Помош за оние со оштетен слух
Долготрајното изложување на гласен звук предизвикува трајно оштетување на слухот. Тоа што ќе се изложувате на прегласна музика или ќе работите околу опрема која создава бука без да се заштитите, едноставно не вреди толкава загуба. Слушните помагала можат да им дадат одредена мерка на помош на оние со оштетен слух, па дури и на некои кои се глуви од раѓање. За многумина, таквите направи враќаат еден цел свет на доживувања. Откако за првпат ѝ биле поставени слушни помагала, една жена забележала чуден звук од прозорецот на својата кујна. „Тоа беа птиците!“ извикнала таа. „Со години не сум ги слушнала птиците!“
Дури и без крајно оштетување, со стареењето обично се намалува нашата способност да ги откриеме високите звуци. За жал, ова ги вклучува фреквенциите на согласките — звуци кои често се најбитни за да се разбере говорот. Затоа, постарите луѓе можеби ќе увидат дека вербалната комуникација може да биде спречена од нормалните домашни звуци, како што се звуците кои ги создава водата што тече или, пак, хартијата што се тутка, бидејќи тие содржат високи фреквенции кои се мешаат со самогласките. Слушните помагала може да дадат делумно олеснување, но тие си имаат и свои неповолности. Како прво, квалитетните слушни помагала можат да бидат многу скапи — во многу земји потполно над можностите на просечниот човек. Како и да е, ниедно слушно помагало не може потполно да Ви го врати нормалниот слух. Затоа, што може да се стори?
Покажувањето обѕирност постигнува многу. Пред да зборувате со некого кој има намален слух, уверете се дали знае дека се спремате да кажете нешто. Обидете се да бидете лице в лице со него. Ова му овозможува да ги гледа движењата на Вашето тело и усни и да ја сфати потполната јачина на самогласките во Вашите зборови. Ако е можно, дојдете поблиску до лицето и зборувајте полека и јасно; немојте да викате. Гласните звуци, всушност, се болни за многу луѓе со оштетен слух. Ако не ја разбрал изјавата, обидете се да ја преформулирате наместо да ја повторувате. Исто така, ако Вашиот слух не е онаков каков што бил, можете да им олесните на другите да комуницираат со Вас така што ќе дојдете поблиску до оној што зборува и ќе бидете стрпливи. Овие додатни напори веројатно ќе доведат до подобрени односи и можат да Ви помогнат да останете „вклучени“ во Вашата околина.
[Слика]
Кога му се обраќате на некого со изгубен слух, бидете лице в лице со него и зборувајте полека и јасно
[Графикони на страница 17]
(Види во публикацијата)
Вашето уво
ушна школка
слушен канал
ушно тапанче
чеканче (malleus)
наковална (incus)
узенгија (stapes)
овално прозорче
кружно прозорче
полжав
слушен нерв
Кортиев орган
слушен нерв
клетки со трепки
покривна мембрана
нервни влакна
базиларна мембрана