ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/9 стр. 26-28
  • Заштитете го својот слух!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Заштитете го својот слух!
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Звуците што ги слушаме
  • Како функционира нашиот слух
  • Како бучавата го оштетува слухот
  • Заштитете го и продолжете ја трајноста на својот слух
  • Вашиот слух — дар што треба високо да се цени
    Разбудете се! 1998
  • Бука — што можете да сторите во врска со неа
    Разбудете се! 1998
  • Цени ги своите прекрасни дарби
    Разбудете се! 2011
  • Поглед во светот
    Разбудете се! 2005
Разбудете се! 2002
g02 8/9 стр. 26-28

Заштитете го својот слух!

„Повеќе од 120 милиони луѓе во светот имаат оштетување на слухот што ги прави инвалиди“ (Светската здравствена организација).

НАШАТА способност да слушаме е дар што треба да го цениме. Но, како што старееме, нашиот слух постојано слабее. Изгледа дека современото општество, со многуте и различни звуци и бучава што ги создава, го забрзало овој процес. Еден научник од Централниот институт за глуви лица во Сент Луис (Мисури, САД), забележал: „Околу 75 проценти од губењето на слухот кај типичниот Американец не е предизвикано само од процесот на стареење туку и од она што сте им го правеле на своите уши во текот на животот“.

Интензивната, кратка изложеност на гласни звуци може да биде штетна за чувствителната градба на внатрешното уво. Но, многу почесто губењето на слухот е резултат на „заедничкото влијание на бучните работни места, бучните хобија, бучните рекреативни активности“, рекол специјалистот за слух д-р Маргарет Чисман. Што можете да сторите за да го заштитите својот слух? За да го пронајдете одговорот, корисно е да знаете нешто за тоа како функционира Вашето сетило за слух.

Звуците што ги слушаме

Изгледа дека нашата животна средина станува сѐ побучна. Секојдневно, многу луѓе се бомбардирани од звуци со различен интензитет, почнувајќи од бучавата на автомобилите, автобусите и камионите на улиците до бучавата на електричните апарати на работното место.

Понекогаш го зголемуваме проблемот со тоа што го попуштаме гласот. Еден популарен начин на слушање музика е со слушалки поврзани со дискмен или касетофон. Според Маршал Чејсен, соосновач на Клиниката на музичари во Канада, анкетите спроведени во Канада и во Соединетите Држави покажуваат дека младите сѐ повеќе го губат слухот поради тоа што користат слушалки за да слушаат многу гласна музика.

Но, кога звукот е прегласен? Звукот има три карактеристики — траење, фреквенција и амплитуда. Траењето едноставно се однесува на должината на времето во коешто се слуша звукот. Фреквенцијата на звукот, односно висината, се опишува со периоди во секунда, односно херци. Скалата на слушна фреквенција за нормален, здрав слух е од 20 до 20.000 периоди во секунда.

Амплитудата, односно јачината на звукот, се мери со единици наречени децибели (dB). Нормалниот разговор има звучно ниво од приближно 60 децибели. Аудиолозите велат дека, колку подолго сте изложени на нешто погласно од 85 децибели, толку поголем ќе биде евентуалниот губиток на слухот. Колку е погласен звукот, толку побрзо ќе се оштети слухот. Еден извештај во списанието Newsweek забележал: „Вашето уво може безбедно да издржи два часа електрична дупчалка (100 dB), но не повеќе од 30 минути во бучна видеоаркада (110 dB). Секој пораст за 10 децибели на звучната скала претставува 10 пати поголема бучава за увото“. Тестовите потврдуваат дека звукот предизвикува болка на приближно 120 децибели. Неверојатно, но некоја домашна стереоопрема може да произведе звук повисок од 140 децибели! (Видете ја придружната рамка.)

За да Ви помогнеме да разберете зошто гласните звуци можат да Ви го оштетат слухот, да разгледаме што се случува кога звучните бранови ќе навлезат во Вашите уши.

Како функционира нашиот слух

Обликот на месестиот дел на надворешното уво, наречен ушна школка, е конструиран за да собира звучни бранови и да ги насочи во ушниот канал, каде што наскоро доаѓаат до ушното тапанче. Овде звучните бранови предизвикуваат ушното тапанче да вибрира, а ушното тапанче, пак, предизвикува да вибрираат трите ковчиња во средното уво. Потоа, вибрациите се пренесуваат во внатрешното уво, ќесичка исполнета со течност сместена во коска. Овде вибрациите преминуваат низ течноста во полжавчето, слушен дел во облик на полжав во внатрешното уво, кој содржи влакненца. Течноста во полжавчето го придвижува горниот дел од влакненцата за да произведе нервни импулси што можат да се читаат. Овие импулси потоа се пренесуваат во мозокот, каде што се дешифрираат и се интерпретираат како звук.

Лимбичниот систем му помага на мозокот да одреди на кои звуци да им обрне внимание а кои да ги игнорира. На пример, една мајка можеби нема свесно да ги слуша нормалните звуци на детето додека си игра, но веднаш ќе реагира на паничен плач. Слушањето со две уши ни овозможува стереослушање, кое е многу корисно. Тоа ни овозможува да откриеме од каде доаѓаат звуците. Сепак, кога некој звук се состои од говор, мозокот може да разбере само една порака во даден момент. „Од таа причина“, вели книгата The Senses (Сетилата), „кога слушаат некого додека зборуваат по телефон, луѓето не можат да чујат што вели лицето до нив“.

Како бучавата го оштетува слухот

За да си претставите како гласните звуци можат да ни го оштетат слухот, разгледајте ја следнава аналогија. Еден извештај за заштита при работата вели дека мембраните со влакненца во внатрешното уво можат да се споредат со жито во поле, а звукот што влегува во увото може да се спореди со ветар. Нежното ветренце, како некој тивок звук, ќе ги придвижи врвовите на житото, но житото нема да биде оштетено. Меѓутоа, побрзиот ветар ќе го зголеми притисокот врз стебленцето жито. Од ненадеен, многу силен ветар или од постојана изложеност на послаби ветрови во текот на долг временски период може да го оштети стебленцето до степен да не може да се поправи и тоа да биде причина да умре.

Слично е и со бучавата и со ситните, нежни влакненца во внатрешното уво. Ненадејната гласна експлозија може да ги раскине ткивата во внатрешното уво и да остави лузни што предизвикуваат трајно губење на слухот. Освен тоа, долготрајните опасно големи бучави можат трајно да ги оштетат нежните влакненца. Штом се оштетат, тие не можат да се регенерираат. Придружен резултат може да биде тинит — зуење, ѕвонење или бучење во ушите или во главата.

Заштитете го и продолжете ја трајноста на својот слух

Иако наследните фактори или некој непредвиден несреќен случај можат да доведат до губење на слухот, можеме да преземеме мерки на претпазливост за да го заштитиме и да ја продолжиме трајноста на нашето скапоцено сетило за слух. Добро е однапред да се научи нешто за потенцијалните опасности за слухот. Како што рекол еден аудиолог, „да чекате да се појави проблем пред да преземете нешто е исто како да нанесете лосион за сончање откако сте изгореле на сонце“.

Честопати во прашање е тоа како слушаме, а не толку што слушаме. На пример, ако користите стереослушалки, можеби ќе сакате да ја наместите јачината на гласот толку тивко што ќе можете да ги слушате и звуците околу себе. Ако радиото во Вашиот автомобил или во Вашиот дом е толку гласно што го загушува обичниот разговор, тоа може да биде знак дека е доволно гласно за да Ви го оштети слухот. Стручњаците предупредуваат дека со два до три часа изложеност на 90 децибели може да се оштетат ушите. Се препорачува секогаш кога сте во бучна средина да користите тампони за уши или други средства за заштита на слухот.

Ќе биде добро родителите да запомнат дека децата се поподложни на оштетување на слухот отколку возрасните. Имајте ја на ум потенцијалната опасност од бучните играчки. Па, ѕвецкањето на една играчка може да достигне 110 децибели!

Нашите уши се нежни, мали и прекрасни механизми. Со нив можеме да ги чуеме сите различни и прекрасни звуци во светот околу нас. Сигурно, овој скапоцен дар на слушање заслужува да биде заштитен.

[Рамка на страница 27]

Приближно ниво на децибели на некои вообичаени звуци

• Дишење — 10 децибели

• Шепот — 20 децибели

• Разговор — 60 децибели

• Густ сообраќај — 80 децибели

• Миксер за домаќинство — 90 децибели

• Воз во движење — 100 децибели

• Моторна пила — 110 децибели

• Авион во лет — 120 децибели

• Истрел — 140 децибели

[Рамка на страница 28]

Можеби го губите слухот ако

• Го попушатате гласот на радиото или телевизорот, но за другите тоа е непријатно гласно

• Постојано ги замолувате другите да повторат што кажале

• Често се муртите, се наведнувате нанапред и ја вртите главата за да го чуете тој што Ви зборува

• Тешко Ви е да слушате на јавни собири или кога има бучава во заднината како, на пример, на друштвен собир или во преполнета продавница

• Честопати зависите од другите да Ви кажат што било речено

[Графикон на страница 27]

(Види во публикацијата)

ушна школка

трите ковчиња во средното уво

ушно тапанче

нерви до мозокот

полжавче

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели