Бука — што можете да сторите во врска со неа
НА КРАЈОТ од еден заморен ден, паѓате во длабок сон. Одеднаш, во свесност се враќате од лаењето на кучињата од соседството. Се превртувате во креветот и се надевате дека буката која Ве раздразнува наскоро ќе престане. Но таа не попушта. Сѐ одново, кучињата квичат. Изнанервирани и фрустрирани поради неспиењето и сега сосема будни, се прашувате како соседите можат да трпат таква врева.
Луѓето многу се разликуваат по начинот како ја толерираат буката. Вработените на аеродромите кои живеат во близината на аеродромска писта помалку се вознемирувани од буката на авионот отколку оние чија работа не е поврзана со авиони. Домаќинката која користи електричен процесор за храна далеку подобро ја толерира неговата бука отколку лицето во соседната соба кое се обидува да чита книга или да гледа телевизија.
Што е загадувањето со бука?
Земјите се разликуваат по начинот како го дефинираат загадувањето со бука. Во Мексико, буката е „секој непожелен звук кој вознемирува или кој е штетен за лицата“. Нов Зеланд ја смета буката за прекумерна кога е „од таква природа што претерано се меша со мирот, удобноста и погодноста на кое и да било лице“.
Двајца прочуени научници, Александар Греам Бел, изумителот на телефонот, и Хајнрих Херц, германски физичар, тесно се поврзани со мерката на звукот. Белите, или повообичаено децибелите (една десетина од белот), ја мерат релативната гласност, додека херците ја мерат висината, односно фреквенцијата на звукот. Кога се мери буката, извештаите обично се однесуваат на нивото на децибели на звукот.a
Но, кој одредува колкаво вознемирување предизвикува звукот? Вие, слушателот! „За проценување на вознемирувањето, човечкото уво останува како најдобар детектор“, забележува The Independent од Лондон.
Ефектите од буката
Поради тоа што увото е „најдобриот детектор“ на буката, очигледно дека тој е и органот кај кој постои најголема веројатност да претрпи штета од неа. Оштетувањето на сетилните нервни клетки во Вашето внатрешно уво може да предизвика трајно губење на слухот. Вистина е дека луѓето се разликуваат по нивниот одговор на гласните звуци. Но, постојаната изложеност на звуци повисоки од 80 до 90 децибели може да доведе до постепено губење на слухот. Навистина, колку повисоки се нивоата на буката толку помалку време дневно можете да поминувате во таа средина пред Вашиот слух да претрпи штета.
Списанието New Scientist известува дека многу персонални стереа продадени во Франција имаат максимален аутпут од 113 децибели. Наведувајќи една студија, тоа забележало дека „рок музиката пуштена до даска за еден час на персонални апарати за компакт дискови поголемиот дел од времето надминала 100 децибели и достигнала највисока точка од околу 127 децибели“. Уште посериозен е ефектот на буката која е произведена во текот на концертите во живо. Еден иследник открил луѓе групирани еден до друг во близината на натрупани звучници во една несвесна зашеметеност. „Ми беше замаглен видот, телесните шуплини ми одекнуваа со ритамот на басот“, раскажува тој, „и буката беше болна за моите уши.“
Какви ефекти може буката да има врз Вас? Еден авторитет наведува: „Постојаната бука на умерени до високи нивоа предизвикува стрес, замореност и раздразливост“. „Да се биде измачуван од бука не само што ја одзема радоста на животот туку го истоштува лицето и физички и емоционално“, забележува професор Гералд Флајшер од Универзитетот Гисен (Германија). Кога покрај други стресни состојби ќе се додаде и буката, според професор Макис Цапогас, може да се предизвика депресија, како и некои органски болести.
Продолжената изложеност на бука може да влијае врз Вашата личност. Кога истражувачите на британската влада прашале некои жртви од загадувањето со бука во врска со тоа што чувствувале спрема оние кои биле одговорни, тие зборувале за омраза, одмазда, па дури и за убиство. Од друга страна, оние кои прават бука честопати стануваат агресивни кога се мета на постојани жалби. „Буката го намалува алтруизмот на луѓето и создава агресија и непријателство“, тврди едно лице кое води кампања против буката.
Повеќето кои страдале од загадувањето со бука препознаваат едно постепено слабеење на нивната отпорност на вознемирувањето. Тие го одекнуваат гледиштето на една жена чии бучни соседи постојано пуштале гласна музика: „Кога си присилен да слушаш нешто што не го сакаш, тоа те исцрпува . . . Дури и кога буката престана, ние чекавме пак да почне“.
Тогаш, зарем не постои никаков начин да се справиме со загадувањето со бука?
Што можете да сторите
Со тоа што буката е насекаде распространета, многу луѓе едноставно не увидуваат кога тие предизвикуваат вознемирување за другите. Кога би знаеле, без сомнение, некои би престанале со активноста која создава немир. Од таа причина, еден пријателски пристап до бучниот сосед може да биде делотворен. Едно лице се разлутило поради официјалните жалби на соседите дека бил бучен. Тој рекол: „Би претпоставувал дека ако биле вознемирени од буката, би дошле да ме видат очи в очи“. Една мајка која организирала забава за неколку мали деца изразила зачуденост кога се нашла пред еден службеник кој иследувал една поплака поради бука. „Би сакала тие кои ги поднеле жалбите да затропаа на мојата врата и да ми кажеа дека се несреќни“, забележала таа. Тогаш, не изненадува тоа што еден британски службеник за здравје на природната средина бил зачуден кога открил дека 80 проценти од оние кои се жалеле на домашната бука никогаш не ги замолиле своите соседи да бидат потивки.
Воздржаноста на луѓето да разговараат со бучни соседи укажува на недостиг на меѓусебна почит. ‚Ако сакам да си ја пуштам својата музика, можам. Тоа е мое право!‘ — е одговорот кој го очекуваат и честопати го добиваат. Тие се плашат дека еден љубезен предлог да се промени јачината на гласот би можел да води до конфронтација додека бучниот сосед ја обележува нивната жалба како безобразна. Каков само жалосен одраз на денешното општество! Колку само е слично тоа со библиската изјава дека во овие „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“, луѓето во целина ќе бидат ‚себељубиви, надуени, жестоки и тврдоглави‘! (2. Тимотеј 3:1—4, NW).
Многу зависи од пристапот на жртвата. Списанието Woman’s Weekly го понудил следново сценарио за тоа како да се реши една напната ситуација после една неуспешна агресивна поплака: „Можеби сѐ што ќе биде потребно за да се смират [соседите кои се бранат] е едно срдечно и многу човечно: ‚Знаете, жал ми е — изгубив живци, но станувам многу уморен кога не можам да спијам‘“. Можеби спремно ќе ја преместат својата опрема за засилување од граничниот ѕид и донекаде ќе ја намалат јачината на гласот.
Реално гледано, вредно е да зачувате добри односи со Вашите соседи. Некои локални државни власти нудат услуга за посредување за да ги помират спротивставените соседи. Со оглед на силните чувства кои ги предизвикуваат официјалните поплаки, на повикувањето посредник за спроведување на законот треба да се гледа како на „безусловно последно средство“.
Ако предвидувате да се преселите во ново живеалиште, ќе видите дека е мудро да проверите за можни извори на вознемирувачи со бука пред да ги финализирате преговорите. Посредниците за недвижен имот препорачуваат да го посетите Вашиот потенцијален дом во различно време од денот за да ја проверите буката. Можете да ги прашате соседите за нивните забележувања. Ако се сретнете со проблеми откако ќе се преселите во Вашата нова резиденција, обидете се да ги решавате на еден соседски начин. Парничењето обично охрабрува на непријателство.
Но, што ако живеете во бучно соседство и немате никаква можност да се преселите на друго место? Дали сте осудени да страдате неограничено? Не мора да значи.
Како да се постигне заштита од бука
Погледнете што можете да сторите за да го изолирате Вашиот дом од надворешна бука. Проверете ги ѕидовите и подовите за да видите дали има дупки кои можат да бидат пополнети. Посебно забележете каде се наоѓаат електричните приклучоци. Дали се безбедни?
Буката честопати влегува во домот преку вратите и прозорците. Прицврстување на втор слој стакло за прозорците (двојни прозорци) може да помогне да се намали буката. Дури и додавање на тенка трака од пена за Вашата рамка на вратата ќе осигури вратата прецизно да се намести. Можеби градењето трем и поставувањето втора врата ќе ги заштити Вашите простории за живеење од вознемирувачката сообраќајна бука.
Иако сообраќајната бука расте со алармантно темпо, производителите на автомобили постојано развиваат нови материјали и методи за да го намалат нивото на звук внатре во Вашето возило. Потивките гуми на Вашиот автомобил, исто така, се од помош. Во многу земји, некои експерименти со различни видови патни површини произвеле такви производи како што се „тивок бетон“, каде што дел од агрегатот е оставен изложен и, како резултат на тоа, постои само повремен контакт со гумите. Користењето на таа површина наводно го намалува нивото на бука дури до два децибела за лесни возила и еден децибел за тешки камиони. Иако тоа можеби не изгледа толку значајно, падот од три децибели во просек е еднаков со намалувањето на буката од сообраќајот на половина!
Градителите на патишта сега дизајнираат автопатишта кои се сокриени со бариери или насипи од земја, и така ефективно ја намалуваат буката. Дури и онаму каде што нема простор за тоа, посебно дизајнирани огради, како што е онаа во источен Лондон која е направена од сплетени фиданки од врба и зимзелени растенија, ги штитат жителите во близината на автопатот од несакана бука.
Маскирање на звуците кои сметаат со она што е наречено бела бука — на пример, статичен или подвижен воздух — може да биде корисно во некои средини, како што се канцелариите.b Во Јапонија, тивките пијана се појавија на пазарот. Наместо да притисне на струната, чеканчето активира едно електронско коло кое произведува нота во слушалките на свирачот.
Научниците веќе потрошиле долги часови истражувајќи го производството на она што тие го нарекуваат антибука. Во основа, тоа вклучува користење на друг извор на звук за да се произведат вибрации кои ги поништуваат ефектите од буката. Се разбира, тоа вклучува додатна опрема и повеќе трошоци и, всушност, не го отстранува изворот на проблемот. „Сѐ додека луѓето не почнат да ја сметаат буката за звучно ѓубре“, забележува U.S.News & World Report, „антибуката можеби е единствениот начин да се добие момент на тишина.“ Можеби е така, но дали тишината е противотров на загадувањето со бука?
Дали навистина постои некаков изглед за мир и тишина за Вашиот дом и Вашето соседство? Нашата следна статија нуди вистинска надеж.
[Фусноти]
a Нивоата на буката обично се одредуваат со користење на метрика која го мери звукот во децибели. Поради тоа што увото слуша некои фреквенции поизострено од други, метриката е наменета да реагира на сличен начин.
b Исто како што белата светлина е смеса од сите фреквенции во светлосниот спектар, белата бука е звук кој ги содржи сите фреквенции во рамките на чујниот опсег, на приближно еднакви нивоа на гласност.
[Рамка на страница 6]
Како можете да избегнете да бидете бучен сосед
● Земете ги предвид Вашите соседи кога ќе правите нешто бучно и информирајте ги однапред.
● Соработувајте кога некој сосед ќе Ве замоли да ја намалите буката.
● Сфатете дека Вашето задоволство не треба да води до страдање на Вашиот сосед.
● Запомнете дека буката и вибрациите лесно се пренесуваат преку ходниците и подовите.
● Поставете ја на подлога бучната опрема од домаќинството.
● Погрижете се да има некој кој ќе биде повикан за да се справува со лажни аларми во куќата или во автомобилот.
● Немојте доцна навечер да вршите бучна работа или да користите бучни домашни апарати.
● Немојте да пуштате музика со јачина што ги вознемирува Вашите соседи.
● Немојте да оставате кучиња сами подолг временски период.
● Не дозволувајте децата да скокаат по подот и на тој начин да ги вознемируваат луѓето под Вас.
● Немојте да свирите на автомобилската сирени, да лупате врати или да го турирате моторот навечер.
[Рамка/слика на страница 7]
Буката и Вие
„Буката е најшироко распространета индустриска опасност во Британија денес“, забележува The Times, „и глувоста е нејзина вообичаена последица.“ Некои студии по медицина на трудот укажуваат на тоа дека буката над 85 децибели може да нанесе штети врз фетусот. Слухот на бебето се оштетува и бебето може да има хормонални нарушувања, како и маани при раѓањето.
Изложеноста на јака бука ги стеснува крвните садови и го намалува дотекот на крв до Вашите органи. Од своја страна, Вашето тело реагира произведувајќи хормони кои го покачуваат крвниот притисок и го зголемуваат чукањето на срцето, понекогаш водејќи до палпитација или дури до ангина.
Кога буката ја нарушува Вашата рутина, можат да се појават други проблеми. Нарушеното спиење може да влијае врз реакциите во текот на денот. Буката можеби нема да ја промени целосната брзина со која работите, но може да се одразува врз бројот на грешките што ги правите.
[Рамка/слика на страница 9]
Заштита на работното место
Ако увидите дека буката на работното место Ви е проблем, размислете да носите некаков вид заштита за ушите.* Наушниците добро се местат околу главата како слушалки и обично се делотворни кога нивото на буката е високо. Тие ја имаат таа предност што сѐ уште можете да ги чуете вербалните пораки и машинските сигнали на предупредување, иако можат да Ви отежнат да одредите од каде доаѓа звукот. Потребно е тампоните за уши да Ви бидат со исправна големина, но нема да бидат соодветни доколку имате ушно заболување или надразнување на ушното каналче.
Доброто одржување на машините може да ги намали вибрациите. Поставувањето на опремата на гумени подлоги, како и преградувањето на бучната машинерија, ќе послужат да се намали загадувањето со бука.
*Законодавството во многу земји бара работодавците да се погрижат нивните работници да носат соодветна заштита за слухот.
[Слика на страница 8]
Како можете да се заштите од буката произведена од едно мобилно општество?