Поглед во светот
Градинарството ги намалува последиците од мозочниот удар
„Откако ќе доживеат мозочен удар, градинарството им дава на луѓето најголема желба за живот“, се известува во германскиот весник Gießener Allgemeine. Шест месеци откако им завршила рехабилитацијата, 70 пациенти кои имале доживеано мозочен удар биле запрашани кои активности им носат најголемо задоволство. Меѓу наведените биле работата низ дома, пазарувањето, готвењето, читањето, шетањето, возењето, работата и голем број друштвени собири. Но, градинарството била единствената активност за која рекле дека им дава желба за живот. Според Бригите Оберауер, трудов терапевт, градинарството „им помага на пациентите што имале мозочен удар полесно да се сконцентрираат и да останат сконцентрирани на одредени работи. Тоа им ги окупира сетилата и му ја пренесува на мозокот пораката дека нови работи растат и дека животот продолжува. Оваа порака е важна откако човек ќе биде сериозно болен“. Исто така, кога се работи надвор, човекот не се изолира, станува поподвижен и си го вежба чувството за рамнотежа.
Домашни лекови за децата?
Во Folha Online се известува дека во Бразил и во други земји има навика на децата да им се даваат секакви лекови. Многу семејства дома си имаат резерва со лекови. Но, „спротивно на она што многу луѓе мислат, дури и лековите што можат да се купат без рецепт можат неповратно да му го оштетат здравјето на детето — ако не се користат исправно или ако се користат непотребно“. А многу болести кај децата, како што е обичната кашлица, ќе си поминат сами и без лекови. „Во нашиот менталитет, сѐ се решава со лекови“, вели Лусија Феро Брикс, педијатар во Детскиот институт при Клиничкиот центар во Сао Паоло. Не се користат исправно ни додатоците во исхраната, зашто во најголемиот број случаи исправната исхрана ќе ги задоволи потребите на детето. Д-р Брикс вели: „Кога родителите ќе ме замолат да препишам витамини, јас им велам да земат малку овошје и да му направат убав овошен сок на детето“.
Читањето го подобрува памтењето
Како можете да си го подобрите памтењето? „Не надевајте се на чудо“, се вели во бразилскиот весник Folha Online. „Тајната е во тоа да си го натерате мозокот да работи.“ Еден од најдобрите начини да си го стимулирате мозокот е читањето. Зошто? Неврологот Иван Искјердо вели: „Штом некој ќе го прочита зборот ‚дрво‘, за стоти дел од секундата низ главата ќе му поминат сите дрвја што ги видел во животот.“ Според д-р Искјердо, „сето ова се случува несвесно“. Тој смета дека со помош на ваквата ментална активност нашиот мозок е помалку подложен на болести како што е Алцхајмеровата болест. Неврологот Вагнер Гатас од Истражувачкиот центар за нарушување на памтењето во Сао Паоло (Бразил) вели: „Колку повеќе го користиме памтењето, толку подолго ќе го имаме“.
Непредвидливи џиновски бранови
Според некои проценки, секоја седмица во светот потонуваат два големи брода. Дури и огромните танкери и тешките товарни бродови подолги од 200 метри биле жртви на морето. Се верува дека многу од овие несреќи се предизвикани од големи застрашувачки бранови. Приказните за огромни океански бранови, кои можат да потопат големи бродови, долги години се сметале за обични преувеличени приказни на морнарите. Меѓутоа, едно истражување што го спроведе Европската унија покажа дека тие приказни се вистина. Внимателно беа испитувани слики од океанот направени со сателитски радари. Весникот го цитира водачот на тој проект, Волфганг Розентал: „Докажавме дека џиновските бранови ги има многу почесто отколку што некој мислеше“. Во период од три седмици, неговиот тим забележал најмалку десет такви бранови. Тие се речиси вертикални, можат да достигнат висина и од 40 метри, а кога ќе се струполат врз бродот, можат сериозно да го оштетат, па дури и да го потонат. Малку бродови можат да издржат вакви бранови. Господин Розентал вели: „Сега мораме да испитаме дали можат да се предвидат овие бранови“.