Како да се спречат сообраќајни несреќи
ЧКРИПЕЊЕ на гуми, смачкан метал, ’рскот на стакло, врисоци... На некој што доживеал сообраќајна несреќа, овие звуци му се добро познати. Според Бирото за демографски истражувања, „се проценува дека [во светски рамки] секоја година во сообраќајни несреќи животот го губат 1,2 милиони луѓе, а околу 50 милиони се повредени“.
Сепак, ако внимаваш на безбедноста и ако си разумен, може да избегнеш многу несреќи. Да видиме како.
Ограничување на брзината, безбедносни појаси и СМС-пораки
На некои патишта може да ти се чини дека дозволената брзина е многу мала. Но, ако го пречекориш ограничувањето, нема да стигнеш многу побрзо таму каде што си тргнал. На пример, ако наместо дозволените 105 километри на час возиш со брзина од 130 километри на час, за растојание од 80 километри во време ќе добиеш помалку од 9 минути. Вреди ли да ризикуваш за толку малку време?
Безбедносниот појас е за твоја безбедност. Една владина агенција во САД заклучила дека помеѓу 2005 и 2009 год., само во таа земја безбедносните појаси им го спасиле животот на преку 72.000 луѓе. Дали воздушното перниче е замена за појасот? Не. Воздушното перниче е дополнение на безбедносниот појас за поголема безбедност. Ако не ти е ставен појасот, нема многу корист од перничето — може да биде дури и опасно. Затоа, нека ти биде навика да го ставаш појасот, а обрни внимание и другите во автомобилот да го направат истото. Уште едно предупредување: Никогаш немој да читаш или да пишуваш пораки додека возиш.
Услови на патот и одржување
Силата на триење на тркалата е помала на патишта што се влажни или на кои има прав, песок или чакал. Ако ја намалиш брзината, помали се шансите да дојде до лизгање кога ќе закочиш. Ако редовно возиш на патишта на кои има снег или мраз, добро е да купиш зимски гуми. Тие имаат подлабоки шарки и затоа имаат поголема сила на триење.
Раскрсниците се опасни за сите возачи. Еден стручњак го препорачува следново: Кога на семафорот ќе се вклучи зелено светло, почекај малку пред да тргнеш. Со тоа што ќе почекаш кратко, може да избегнеш да те удри некој што поминува на црвено светло.
За да не дојде до несреќи, многу е важно добро да го одржуваш автомобилот. Замисли што може да се случи ако ти откажат кочниците додека возиш. За да избегнат механички проблеми, некои редовно го носат автомобилот кај вешт механичар. Други, пак, сами си го проверуваат или поправаат. На што и да се одлучиш, труди се автомобилот редовно да се проверува и да си ги добива потребните поправки.
Пиење и возење
Возачите кои инаку се совесни и одговорни многу ризикуваат ако возат откако пиеле алкохол. Во текот на 2008 год., во САД, повеќе од 37.000 луѓе го изгубиле животот во сообраќајни несреќи. Околу третина од нив загинале затоа што возачот бил под дејство на алкохол. Дури и најмалата количина алкохол може да ти ја намали внимателноста. Затоа, некои одлучуваат воопшто да не пијат ако треба да возат.
Со тоа што ќе ги почитуваш сообраќајните правила, ќе носиш безбедносен појас, ќе го одржуваш автомобилот во добра состојба и нема да пиеш алкохол кога треба да возиш, може да си го заштитиш и својот живот и животот на другите. Овие предлози можат да ти помогнат да избегнеш сообраќајни несреќи, но само ако ги применуваш.
[Рамка/слика на страница 11]
НЕ ВОЗИ КОГА ТИ СЕ СПИЕ
„Луѓето мораат да сфатат дека, ако возат кога им се спие, тоа е исто како да возат под дејство на алкохол.“ Овој заклучок од истражувањата спроведени во САД покажува колку е опасно човек да вози кога е поспан. Следниве симптоми укажуваат дека не е безбедно да возиш:a
● Тешко ти е да се концентрираш, често трепкаш или ти натежнуваат очите
● Главата ти паѓа
● Често се проѕеваш
● Не се сеќаваш на последните неколку километри
● Промашуваш излези или сообраќајни знаци
● Излегуваш од лентата или возиш преблизу до возилото пред тебе
Ако имаш некои од овие симптоми, или остави друг да вози или паркирај се некаде и отспиј. Вреди дури малку и да задоцниш за да се заштитиш себеси и другите!
[Фуснота]
a Списокот е од Американската фондација за спиење