Сообраќајни несреќи — дали сте безбедни?
„Како возач имам добро досие и затоа не треба да се грижам дали ќе ми се случи сообраќајна несреќа.“ „Сообраќајки им се случуваат само на младите и невнимателни возачи.“ Мнозина мислат дека никогаш нема да им се случи сообраќајна несреќа. Дали и Вие мислите така? Кога станува збор за сообраќајки, дали сте неповредливи?
СТАТИСТИКИТЕ покажуваат дека, ако живеете во некоја развиена земја, сосема веројатно ќе бидете повредени во сообраќајна несреќа барем еднаш во животот. Мнозина го губат животот во такви несреќи. Во целиот свет, во сообраќајните несреќи секоја година загинуваат повеќе од половина милион луѓе. Можеби мнозина од оние што загинале во текот на изминатава година сметале дека тоа ним никогаш нема да им се случи. Што можете да сторите за да го намалите личниот ризик? Клучот лежи во превенцијата. Разгледајте како можете да ги спречите сообраќајките што се предизвикани од поспаност и од последиците на стареењето.
Поспан возач
Некои стручњаци велат дека поспаниот возач може да биде подеднакво опасен како пијаниот возач. Извештаите покажуваат дека поспаноста е причина за сѐ поголем број сообраќајни несреќи. Fleet Maintenance & Safety Report неодамна наведе дека во текот на само една година, секој 12-ти возач во Норвешка пријавил дека заспал додека возел. Според The Star од Јоханесбург (Јужна Африка), уморот на возачите е причина за една третина од сите судари во таа земја. Извештаите од други земји откриваат дека уморот ги погодува возачите насекаде. Зошто има толку многу поспани возачи?
Денешниот грозничав начин на живот придонесува за овој проблем. Списанието Newsweek неодамна известило дека Американците можеби „спијат еден и пол час помалку секоја ноќ отколку што спиеле во почетокот на векот — и веројатно овој проблем ќе се влошува“. Зошто? Списанието ја цитирало изјавата на стручњакот од областа на спиењето, Тери Јанг: „Луѓето гледаат на спиењето како на нешто без кое се може. За некој што спие малку се смета дека е многу работлив и дека е модерен“.
Се вели дека на просечен човек му се потребни околу шест и пол до девет часа спиење секоја ноќ. Кога се лишуваат од тоа, кај луѓето се јавува „долг на спиење“. Еден извештај што го дистрибуираше Фондацијата за безбедност во сообраќајот при Американскиот Автомото Сојуз (ААС) наведува: „Дури и ако во текот на една нормална работна седмица секоја ноќ спиете по 30 или 40 минути помалку отколку што е потребно, до викендот може да се појави ‚долг‘ од 3 до 4 часа, што е доволно за значително да се зголеми поспаноста во текот на денот“.
Понекогаш можеби ќе пропуштите добро да се одморите во текот на ноќта. Несоницата, грижата за болно дете или други фактори врз кои не можете да влијаете можат да Ве лишат од сонот. Следниот ден ќе се фатите како Ви се спие додека сте зад воланот. Што треба да сторите ако се случи тоа?
Популарните средства како што се консумирање кофеин, отворање прозорец, џвакање гума или јадење нешто зачинето можеби нема да Ве одржат будни. Ниедно од овие таканаречени „лекови“ нема да го реши вистинскиот проблем. Она што Ви е потребно е да спиете. Затоа, зошто не се обидете малку да дремнете? Во The New York Times е предложено: „Освежувачката дремка во текот на работниот ден не треба да трае подолго од 30 минути; ако спиете подолго, телото ќе западне во длабок сон, од кој тешко се буди“. Поради тоа што ќе дремнете можеби ќе стигнете подоцна онаму каде што сте тргнале, но тоа може да Ви го продолжи животот.
Вашиот начин на живот може да Ве направи поподложни на тоа да станете поспан возач. Дали минувате многу време на Интернет или, пак, останувате доцна навечер гледајќи телевизија? Дали одите на друштвени собири што траат сѐ до раните утрински часови? Не дозволувајте таквите практики да Ве лишат од сонот. Мудриот цар Соломон еднаш ја нагласил вредноста дури и на „грст одмор“ (Проповедник 4:6, NW).
Искусни, но постари
Постарите возачи честопати се најискусните на патот. Освен тоа, помалку преземаат ризици и ги знаат своите ограничувања. Меѓутоа, постарите возачи не се имуни на опасноста од судар. Всушност, како што стареат, стануваат поподложни на такви несреќи. Американското списание Car & Travel известило: „Луѓето постари од 70 години сочинуваат 9 проценти од населението, но сочинуваат 13 проценти од смртните случаи во сообраќајните несреќи“. За жал, бројот на судари во кои се вклучени постари возачи се зголемува.
Разгледајте какви забелешки дава Миртл, која има 80 години.a Таа почнала да вози пред повеќе од 60 години и никогаш не ѝ се случила сообраќајна несреќа. Сепак, како и многу други луѓе, таа ги чувствува последиците од стареењето — последици што ги зголемуваат шансите да ѝ се случи сообраќајка. Неодамна рекла за Разбудете се!: „Како што стареете, сѐ во животот [вклучувајќи го и возењето] станува предизвик“.
Што направила таа за да го намали ризикот од сообраќајна несреќа? „Низ годините правев преиначувања за да надоместам за мојата возраст“, вели Миртл. На пример, минувала помалку време зад воланот, особено ноќе. Оваа мала промена ѝ помага и понатаму да биде безбеден возач без да се откаже од клучевите од автомобилот.
Колку и да е тешко да се признае, процесот на стареење го зема својот данок од секого (Проповедник 12:1—7). Се појавуваат различни здравствени проблеми, реагираме малку побавно, видот ни се влошува — а сето тоа може да го отежне безбедното возење. Меѓутоа, напредната возраст сама по себе не го дисквалификува возачот. Она што е важно е како вози тој. Можеме да бидеме подобри зад воланот ако ги признаеме промените во нашите физички способности и ако направиме соодветни преиначувања во нашата рутина.
Можеби нема да забележите, но настануваат промени и во Вашиот вид. Како што стареете, видното поле се намалува и на мрежницата ѝ е потребно повеќе светлина. Една брошурка со наслов The Older and Wiser Driver (Постар и помудар возач) наведува: „На возачот што има 60 години му е потребно трипати повеќе светлина за да гледа отколку на некој тинејџер, и ќе му биде потребно двапати подолго време за да се привикне на промената од светлина на мрак“. Овие промени во очите можат да ни го отежнат возењето ноќе.
Хенри има 72 години и безбеден возач е повеќе од 50 години. Како што минувале годините, почнал да забележува дека му е предизвик да вози поради заслепувачките светла на возилата што доаѓале од спротивната насока. По еден преглед на очите, дознал дека му се потребни нови очила наменети да го намалат ноќниот отсјај. „Повеќе не ми е тешко да возам ноќе“, вели Хенри. За него ова мало преиначување значело голема разлика во возењето. За други, како што е Миртл, решението може да биде воопшто да не возат ноќе.
Стареењето влијае и врз времето на реагирање на едно лице. Умот на постарите може да биде помудар и поразумен од умот на помладите. Меѓутоа, колку повеќе човек старее, толку повеќе време му треба за да ги обработи информациите и да реагира. Поради ова возењето е уште поголем предизвик, бидејќи сообраќајот и условите на патот постојано се менуваат. Овие промени мора брзо да се проценат за навреме да се преземе соодветна акција.
Списанието Car & Travel известува дека „најчестата причина за смртни случаи во сообраќајните несреќи кај постарите возачи е тоа што постариот возач набрзина минува покрај уредите за контрола на сообраќајот“. Зошто? Истиот извештај продолжува: „Изгледа дека проблемот е поврзан со ситуации во кои постариот возач мора да ги процени различните информации што доаѓаат од левата и од десната страна пред да ја помине раскрсницата“.
Што можете да сторите за да ги надоместите побавните реакции? Бидете претпазливи кога се приближувате до раскрсници. Стекнете навика двапати да го проверите сообраќајот пред да продолжите. Бидете особено претпазливи кога свртувате. Свртувањето на раскрсница може да биде смртоносно, особено ако треба да пресечете ленти со сообраќај што се одвива во спротивна насока.
Во Соединетите Држави, 40 проценти од смртните случаи на раскрсниците кај возачите постари од 75 години вклучуваат свртувања в лево. Фондацијата за безбедност во сообраќајот при ААС, на возачите во оваа земја им го предлага следново: „Понекогаш можете трипати да свртите десно за да избегнете да свртите лево“. Можеби ќе можете да го прилагодите тоа начело на околностите во кои живеете. Со малку планирање однапред, можете да избегнете опасни и предизвикувачки раскрсници.
Одлука за која треба да размислите
Што може да Ви помогне да ги одмерите своите возачки способности? Можеби можете да замолите некој пријател или член на семејството што го почитувате да се вози со Вас и да ги процени Вашите вештини. Потоа, внимателно слушајте ги забелешките што ги имаат. Исто така, би можеле да одлучите да појдете на курс за безбедно возење. Многу Автомото Сојузи одржуваат курсеви што се особено наменети за постарите возачи. Доживувањето на две или повеќе опасни ситуации би можело да биде предупредувачки знак дека Вашите вештини во возењето не се толку добри колку што биле некогаш.
Реалистично гледано, некогаш можеби ќе биде во Ваш најдобар интерес да престанете да возите. Можеби ќе биде болно да се соочите со таа одлука. Миртл, спомната претходно, знае дека еден ден, и тоа многу скоро, ќе мора да престане да вози. Како што се приближува тој ден, таа веќе сѐ почесто вози со други. Како се чувствува во врска со тоа што треба да му го препушти возењето на некој друг? „Убаво е да уживаш во возењето без да го чувствуваш стресот на возењето“, вели таа.
Откако внимателно ќе размислите за оваа работа, можеби и Вие ќе го мислите истото. Можеби ќе Ви биде попријатно да купувате, да извршувате разни работи и да патувате на договорените места и на состаноците ако сте со некој пријател. Можеби ќе може да Ве вози некој пријател со Вашиот автомобил. Патувањето на тој начин може да биде побезбедно и попријатно отколку да одите сами. Користењето на јавниот превоз, каде што го има, може да биде уште една практична алтернатива. Не заборавајте дека Вашата вредност не зависи од Вашата способност да возите. Вашите убави особини се она што Ве прави навистина скапоцени за Вашето семејство и за пријателите — а и за Бог (Пословици 12:2; Римјаните 14:18).
Сеедно дали сте постари или помлади, искусен или понов возач, не сте имуни на опасностите од сообраќајни несреќи. Прифатете ја сериозната одговорност што доаѓа со возењето. Преземете мерки на претпазливост за да ги намалите шансите да направите судар. Постапувајќи на таков начин можете да се заштитите себеси и другите во текот на многуте патувања што сѐ уште Ви претстојат.
[Фуснота]
a Имињата во оваа статија се променети.
[Слика на страница 28]
Погрижете се Вашето тело да „го снабдите“ со добар ноќен сон
[Слика на страница 29]
Поради кратката дремка можеби ќе стигнете малку подоцна, но таа може да спаси животи
[Слика на страница 29]
Постарите возачи се поискусни, но се соочуваат со посебни предизвици
[Слика на страница 30]
Има предности во патувањето со придружник