„Машина со најголем капацитет за учење“
ЗА БЕБЕШКИОТ мозок се вели дека е „машина со најголем капацитет за учење“, и тоа со добра причина. Едно бебе доаѓа на свет спремно да ги прима сите слики, звуци и дразби околу него.
Бебињата се особено љубопитни во врска со другите луѓе — нивното лице, нивниот глас, нивниот допир. Во книгата Најрано детство (Babyhood), авторката Пенелопе Лич вели: „Направени се многу истражувања за тоа кои слики му се најинтересни на едно бебе, кои звуци најмногу му го привлекуваат и задржуваат вниманието, кои чувства најмногу се труди да ги имитира. Најчесто сите тие работи ги гледа кај некој возрасен што се грижи за него“. Не е ни чудо што родителите играат толку важна улога во развојот на детето!
„Зборував како дете“
И родителите и педијатрите се вчудовидени од способноста на едно новороденче да научи јазик само од слушање. Истражувачите утврдиле дека, за само неколку дена, новороденчето се навикнува на гласот на мајка си и повеќе сака да го слуша нејзиниот глас отколку некој непознат глас; за само неколку седмици може да прави разлика помеѓу гласовите во мајчиниот јазик на родителите и другите јазици; а за неколку месеци, може да осети каде се прават паузи меѓу зборовите и со тоа да прави разлика помеѓу нормален говор и неартикулирани звуци.
Апостол Павле напишал: „Кога бев дете, зборував како дете“ (1. Коринќаните 13:11). Како зборува едно мало дете? Обично неповрзано гуга. Дали се тоа само бесмислени звуци? Не! Во својата книга What’s Going On in There?—How the Brain and Mind Develop in the First Five Years of Life, во врска со првите пет години од животот на едно дете, д-р Лиз Елиот нѐ потсетува дека говорот е „сложена моторна вештина за која е потребно брзо да се ускладат десетици мускули што ги контролираат усните, јазикот, непцето и гркланот“. Таа додава: „Иако можеби се чини дека гугањето е само симпатичен начин на кој бебињата сакаат да привлечат внимание, тоа е многу важна вежба за сложениот процес на зборување“.
На гугањето на своето бебенце и родителите возвраќаат со бебешки говор, што е исто корисно. Бебешкиот говор го поттикнува бебето да возврати. Преку ваквата размена детето ги учи основите на комуникацијата — вештина што ќе му користи цел живот.
Улогите се менуваат
Родителите имаат полни раце работа грижејќи се за своето новороденче. Бебето ќе заплаче и некој доаѓа да го нахрани. Бебето ќе заплаче и некој доаѓа да му ја смени пелената. Бебето ќе заплаче и некој го зема в раце. Ваквата грижа и внимание се соодветни и потребни. Тоа е главен начин на кој родителите ја исполнуваат својата улога да се грижат за своето дете (1. Солуњаните 2:7).
Со оглед на ова, сосема е нормално бебето да мисли дека е центар на светот и дека возрасните, а посебно родителите, постојат само за да му ги исполнуваат желбите. Ваквото мислење е погрешно, но сосема разбирливо. На крајот на краиштата, повеќе од една година токму од тоа се состоело секојдневието на бебето. Во негови очи, тоа е владетелот на едно царство од големи луѓе кои треба да му служат нему. Семејниот советник Џон Розмонд пишува: „Потребни се помалку од две години за да се создаде таа нереална слика, но потребни се најмалку уште шеснаесет години за да се исправи! За да биде парадоксот уште поголем, тоа е задача на родителите: да му ја создадат таа нереална слика на детето, а потоа — се разбира, нежно — да му ја срушат“.
Кога детето има околу две години, сликата навистина се руши бидејќи улогата на родителот се менува од некој што се грижи за него во некој што го поучува. Сега станува свесно дека неговите родители не го слушаат него, туку се очекува тоа да ги слуша нив. Власта му е одземена и можеби не се привикнува добро на новиот режим. Огорчено, детето се обидува да ги задржи конците во свои раце. Како?
Како со нападите на бес
На околу 2-годишна возраст, кај многу деца доаѓа до драстични промени во однесувањето, често изразени со напади на бес. Обично, овој период е многу тежок за родителите. Одеднаш, сѐ што знае детето да каже е „Не!“ и „Нејќам!“ Додека се бори со своите сопствени спротивставени чувства, може да биде луто и на самото себе и на родителите. Од една страна не сака, а од друга страна сака да е со нив. На збунетите родители ова им нема никаква логика и им се чини дека, што и да направат, нема никакво фајде. Во што е работата?
Па, помисли на драстичната промена што настанува во животот на детето. До скоро, само да пуштеше глас, сите веднаш ќе дотрчеа. Сега почнува да сфаќа дека неговото „владеење“ било само привремено и дека ќе мора барем нешто самото да прави. Му станува сѐ појасно дека е во подредена положба, што е во склад со следниве зборови од Библијата: „Деца, слушајте ги своите родители во сѐ“ (Колошаните 3:20).
Во овој тежок период, важно е родителите да му стават на детето до знаење дека тие се оние што одлучуваат. Ако го прават тоа цврсто, но со љубов, детето ќе се привикне на својата нова улога. Тоа, пак, ќе го подготви за сето она што го чека додека расте.
Чувство за морал
Животните, па дури и машините, можат да препознаваат зборови и да имитираат говор. Но, само човекот може да ги проценува своите постапки. На пример, на околу 2-3 години, детето веќе може да почувствува гордост, срам, вина, збунетост и слично. Ова се првите фази што ќе му помогнат да израсне во човек со морални особини — човек што може цврсто да се држи за она што е исправно, дури и кога другите постапуваат погрешно.
Отприлика во ова време, родителите се радосни што можат да видат уште една промена кај детето. Тоа станува свесно за чувствата на другите! На 2-годишна возраст, детето си играше покрај другите, но сега си игра со нив. Исто така, може да почувствува кога неговите родители се расположени и да направи нешто убаво за да ги израдува. Поради тоа најверојатно ќе биде поспремно да прифаќа поуки и совети.
Повеќе од кога и да е порано, едно 3-годишно дете почнува да добива некаква претстава за тоа што е исправно, а што погрешно, што е добро, а што лошо. Очигледно, токму во овој период родителите треба да почнат да ги воспитуваат децата за да им помогнат да станат одговорни личности.
[Истакната мисла на страница 5]
За само неколку дена, новороденчето се навикнува на гласот на мајка си и повеќе сака да го слуша нејзиниот глас отколку некој непознат глас
[Истакната мисла на страница 6]
Повеќе од кога и да е порано, едно 3-годишно дете почнува да добива некаква претстава за тоа што е исправно, а што погрешно, што е добро, а што лошо
[Рамка на страница 6]
ЗОШТО ДОАЃА ДО НАПАДИ НА БЕС
„Некои родители сметаат дека кај децата доаѓа до напади на бес затоа што пропуштиле да им ги задоволат желбите“, пишува Џон Розмонд во својата книга New Parent Power. „Според тоа, ако тие се причината за нападот на бес кај детето, тогаш мора да ги исправат работите најбрзо што можат. Затоа, чувствувајќи вина што рекле не, сега велат да. Или, за да не ги мачи вина затоа што го исплескале детето, му даваат и повеќе од она што барало. Оваа игра функционира. Бесот се смирува, на родителот му олеснува, а детето, увидувајќи дека тоа му е ефикасен начин да си добие што сака, сѐ почесто им прави такви сцени на родителите.“