Што велат родителите
Ако имаш дете на претшколска возраст, најверојатно не ти е лесно. На пример, што да правиш кога детето има напади на бес? Како да го поучиш што е исправно, а што погрешно и како да го искараш кога треба? Еве како некои родители се справиле со овие проблеми.
НАПАДИ НА БЕС
„Втората година е критичен период затоа што детето очекува да добие сѐ што ќе посака. И нашиот син го имаше овој проблем. Ако не му исполневме некоја желба, почнуваше да фрла сѐ што ќе му дојдеше под рака. Тој ни беше прво дете, па не знаевме што да правиме во такви ситуации. Не ни беше многу од помош кога другите ни кажуваа дека тоа е нормално на таа возраст“ (Сузан, Кенија).
„Кога имаше две години, нашата ќерка ќе почнеше да се валка по подот и да вреска, да плаче, да клоца... Тоа нѐ вадеше од такт! Во такви моменти, зборување не помагаше. Затоа јас и маж ми ќе ѝ речевме да оди во својата соба и смирено ќе ѝ кажевме дека, кога ќе ѝ помине бесот, може да дојде и дека тогаш ќе разговараме. Штом ќе се смиреше, еден од нас ќе отидеше во нејзината соба и ќе ѝ помогнеше да сфати што беше погрешно во нејзиното однесување. Оваа метода функционираше. Еднаш дури и ја чувме како му се моли на Бог да ѝ прости. Со текот на времето, сѐ поретко имаше такви испади, а еден ден сосема ги снема“ (Јоланда, Шпанија).
„Децата пробуваат да видат до каде можат да одат без никакви последици. Ако му дозволиш на детето нешто за што претходно јасно си му кажал ‚не‘, само ќе го збуниш. Сфативме дека, со тоа што не попуштавме и си стоевме на своето, нашите деца постепено научија дека врескањето не е начин да го добијат она што го сакаат“ (Нил, Британија).
ДИСЦИПЛИНА
„Кај дете помало од пет години, тешко е да процениш дали навистина те слуша кога му зборуваш. Затоа, повторувањето е многу важно. Мораш нон-стоп да му повторуваш, ако треба и илјада пати, плус да користиш гестови и да зборуваш со цврст тон“ (Серж, Франција).
„Иако ги воспитувавме исто, секое од нашите четири деца си беше различно. На пример, едно почнуваше да плаче само што ќе сфатеше дека нѐ разочарало со нешто; друго пробуваше да види до каде може да оди неказнето. Некогаш беше доволно само строго да ги погледнеш или да им подвикнеш, а понекогаш моравме да ги казниме“ (Нејтан, Канада).
„Многу е важно да не попушташ. Но, во исто време добро е родителот да не биде нетолерантен или престрог. Понекогаш, кога на детето му е навистина жал за нешто што направило, сметаме дека е најдобро да бидеме разумни и да му ја ублажиме казната“ (Матје, Франција).
„Се трудам да не наметнувам премногу правила, но од оние што веќе ги имаме нема мрдање. Мојот 3-годишен син знае што му следува ако е непослушен, а тоа му помага да пази што прави. Точно е дека кога сум уморна полесно ми е да го оставам да прави што сака. Но, за да си останам доследна на она што сум го рекла, се присилувам да преземам некакви мерки. Сѐ е во доследноста!“ (Натали, Канада).
ДОСЛЕДНОСТ
„Малите деца како да имаат мемориска картичка на која е зачувана секоја случка кога родителот не бил доследен“ (Милтон, Боливија).
„Понекогаш син ми за една иста работа ме прашува на различни начини за да види дали ќе му го кажам истото. А ако јас му речам едно, а мајка му друго, тоа го смета за дупка во законот и гледа да си го искористи“ (Анхел, Шпанија).
„Понекогаш, кога бев добро расположена, не ми сметаше ако син ми е немирен, но кога ќе ме начекаше во лошо расположение, знаев строго да го казнам. Сфатив дека ова придонесуваше да биде уште понемирен“ (Гјонг-ок, Кореја).
„Многу е важно малите деца да разберат дека, ако нешто не е исправно денес, нема да биде исправно ни утре“ (Антонио, Бразил).
„Ако родителите не се доследни, детето ќе мисли дека со мама и тато никогаш не знаеш на што си, дека нивните одлуки зависат од нивното расположение. Но, ако родителите се држат за своите принципи, на децата ќе им биде јасно дека она што е погрешно е секогаш погрешно. Ова е еден начин на кој родителите им помагаат на децата да чувствуваат сигурност и љубов“ (Жилмар, Бразил).
„Децата знаат да ги искористат ситуациите кога се чини дека родителот нема друг избор освен да попушти — на пример, пред други луѓе. Ако не се согласувам за нешто, тоа го кажувам уште на почетокот и јасно му покажувам на син ми дека нема да му користи макар и сто пати да ме праша“ (Чанг-сок, Кореја).
„И двајцата родители треба да се сложни. Ако јас и жена ми не се согласуваме околу нешто, разговараме за тоа насамо. Децата можат да забележат кога родителите немаат исто мислење за некоја работа и ќе се обидат да го искористат тоа“ (Хесус, Шпанија).
„Кога детето знае дека неговите родители се сложни и дека не може да манипулира со нив, се чувствува сигурно. Знае што да очекува — и кога е послушно и кога не е“ (Дамарис, Германија).
„За мене и жена ми, да бидеме доследни значи и кога ќе ѝ ветиме нешто убаво на нашата ќерка, да си го исполниме ветувањето. Така таа учи дека може да се потпре на нашите ветувања“ (Хендрик, Германија).
„Ако на работа шефот секој ден ми поставува нови правила, би се нервирал. Исто е и со децата. Тие чувствуваат стабилност кога ги знаат правилата и кога знаат дека тие правила не се менуваат. Исто така, треба да ги знаат и последиците од непослушноста и дека и тие не се менуваат“ (Глен, Канада).
[Истакната мисла на страница 8]
„Кога ќе кажете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе кажете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘“ (Јаков 5:12)
[Рамка/слики на страница 9]
СЕМЕЕН ПРОФИЛ
Непланирана бременост — промените што ги направивме
Раскажале Том и Јунхи Хан
Том: Бевме во брак шест месеци кога мојата сопруга, Јунхи, дозна дека е бремена. Однадвор изгледав многу смирен затоа што сакав да ѝ покажам дека може потполно да се потпре на мене за утеха и сила. Но, однатре бев во паника!
Јунхи: Бев шокирана — и уплашена! Не можев да престанам да плачам; не се чувствував ниту спремна ниту способна да бидам мајка.
Том: Ни јас не бев спремен да бидам татко! Но, разговаравме со други родители и сфативме дека до непланирана бременост доаѓа почесто отколку што си мислевме. Ни помогна и тоа што други родители ни кажуваа колкава радост е да се биде татко или мајка. Со текот на времето, стравот и несигурноста преминаа во радосно исчекување.
Јунхи: Кога се роди Аманда, нѐ чекаа нови предизвици. Таа нон-стоп плачеше и не можев да спијам со седмици. Немав апетит и бев преморена. Отпрвин не сакав да бидам со луѓе. Но, потоа сфатив дека нема да си помогнам ако се затворам дома. Затоа почнав да се дружам со други мајки. Така можев да разменувам идеи со нив, а тоа ми помогна да сфатам дека немам грижи само јас.
Том: Се трудев како семејство да имаме рутина за која ќе се држиме. На пример, како Јеховини сведоци, јас и Јунхи бевме решени редовно да проповедаме и да одиме на христијанските состаноци. Освен тоа, кога имаш дете, имаш и поголеми трошоци, а некои од нив се неочекувани. Се трудевме да не трошиме повеќе отколку што имаме за да не западнеме во долгови, што само би ни донело уште повеќе стресови.
Јунхи: Отпрвин си мислев дека не ќе можам да одам во служба затоа што бебето ќе ми пречи. Но, сфатив дека, всушност, луѓето сакаат бебиња. Тоа ми помогна да продолжам редовно да проповедам и да бидам попозитивна во врска со моето дете.
Том: Библијата вели дека децата се „наследство од Јехова“ и „награда“ (Псалм 127:3). За мене овие зборови покажуваат дека детето е скапоцен дар. Исто како кога ќе добиеш наследство, имаш избор: или мудро ќе го вложиш или неразумно ќе го потрошиш. Сега гледам дека секоја фаза од животот на детето е неповторлива и дека морам да сум вклучен во животот на ќерка ми зашто, ако пропуштам некоја фаза, нема враќање.
Јунхи: Понекогаш животот ни приредува изненадувања, а да имаш дете непланирано не е лошо изненадување. Аманда сега има шест години и не би можела да си го замислам животот без неа.
[Слика]
Том и Јунхи со својата ќерка Аманда