ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 11/11 стр. 21-23
  • Каде го најдов решението за неправдите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Каде го најдов решението за неправдите
  • Разбудете се! 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Страшен кошмар
  • Животот за време на комунизмот
  • „Најлошата личност во просторијата“ ми влеа надеж
  • Повторно на слобода и бегство на Запад
  • Долг живот полн со спомени
  • Борба за да останеме духовно јаки
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Бог е мое прибежиште и сила
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Стрпливо чекајќи на Јехова уште од својата младост
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Мотивиран од лојалноста на моето семејство кон Бог
    Разбудете се! 1998
Повеќе
Разбудете се! 2011
g 11/11 стр. 21-23

Каде го најдов решението за неправдите

Раскажала Урсула Мене

Откако знам за себе, во мене гори желба со секој човек да се постапува фер и праведно. Поради тоа бев испратена во затвор во комунистичка Источна Германија. И замислете, токму таму го најдов вистинското решение за неправдите. Сега ќе ви раскажам како се случи тоа.

РОДЕНА сум во 1922 год. во германскиот град Хале, за кој постојат историски записи уште од пред повеќе од 1.200 години. Овој град, кој се наоѓа на околу 200 километри југозападно од Берлин, бил едно од најраните упоришта на протестантизмот. Мојата сестра Кете е родена во 1923 год. Татко ми беше воено лице, а мајка ми пееше во театарот.

Желбата да ги исправам неправдите ја наследив од татко ми. Кога ја напушти војската, тој отвори продавница. Бидејќи муштериите главно беа сиромашни луѓе, на татко ми му паѓаше жал за нив и им даваше стока на вересија. Но ваквата негова великодушност го доведе до банкрот. Од она што му се случи на татко ми требаше да научам дека борбата против нерамноправноста и неправдите е многу потешка и покомплицирана отколку што човек може и да помисли. Но, младешкиот идеализам е силен пламен што тешко згаснува.

Од мајка ми наследив дарба за уметност и таа нѐ внесе мене и Кете во светот на музиката, песната и танцот. Јас бев многу живо дете. Мене и на сестра ми животот ни беше убав и безгрижен — но тогаш дојде 1939 год.

Страшен кошмар

Откако завршив основно училиште, се запишав во школа за балет каде што учев и аусдрукстанц (експресивен танц), а инструктор ми беше Мари Вигман. Таа беше еден од зачетниците на овој стил кој бара од танчерот да ги изрази чувствата преку својот танц. Во тоа време почнав и да сликам. Раните тинејџерски години ми беа исполнети со радост, возбуда и учење. Но, во 1939 год. избувна Втората светска војна. Доживеавме уште еден удар во 1941 год. кога татко ми почина од туберкулоза.

Војната е страшен кошмар. Иако имав само 17 години кога таа започна, имав чувство дека светот полудел. Гледав како илјадници дотогаш нормални луѓе ги зафаќа нацистичката хистерија. Потоа на ред дојдоа сиромаштијата, смртта и пустошот. Нашата куќа беше доста оштетена во еден воздушен напад, а во војната беа убиени и неколку членови од моето семејство.

Кога заврши војната во 1945 год., јас, мајка ми и Кете сѐ уште бевме во Хале. Тогаш веќе бев мажена и имав ќеркичка, но бракот не ми беше стабилен, па затоа решивме секој да тргне по свој пат. За да се издржувам себеси и ќерка ми, сликав и работев како танчерка.

По војната, Германија беше поделена на четири сектори, а нашиот град припаѓаше на секторот со кој управуваше Советскиот Сојуз. Па така, моравме да се привикнеме на комунистичкиот режим. Во 1949 год., нашиот дел од Германија, обично наречен Источна Германија, стана Демократска Република Германија (ДРГ).

Животот за време на комунизмот

Отприлика во тоа време мајка ми се разболе и морав да се грижам за неа. Се вработив како државна службеничка. Во меѓувреме, стапив во контакт со група млади дисиденти кои сакаа да свртат внимание на неправдите што се вршеа. На пример, еден млад човек не беше примен на факултет поради тоа што татко му порано бил член на Нацистичката партија. Добро го познавав овој студент бидејќи нѐ поврзуваше љубовта кон музиката. Си мислев: ‚Зошто тој да страда поради она што го направил татко му?‘ Бев сѐ повеќе вклучена во дисидентски активности, па решив да почнам да одам и на јавни протести. Еднаш дури закачив летоци на надворешните скали на локалниот суд.

Некои од писмата што ги чукав како секретарка во Окружниот комитет за мир само уште повеќе го разгореа мојот гнев поради неправдите. Во една друга прилика, од политички причини, Комитетот планираше да му испрати комунистички пропаганден материјал на еден постар човек во Западна Германија за тамошните власти да се посомневаат во него. Бев толку огорчена поради таквата нечесност што ја скрив пратката во канцеларијата. Па така, таа никогаш не беше испратена.

„Најлошата личност во просторијата“ ми влеа надеж

Во јуни 1951 год., двајца мажи влегоа во мојата канцеларија и ми рекоа: „Уапсена си“. Ме однесоа во еден затвор во Хале. Една година подоцна бев осудена за дејствија против државата. Еден студент ме пријавил на тајната полиција, Штази, и ја известил дека и јас учествував во протестот со летоците. Судењето беше чиста фарса затоа што никој не обрна внимание на она што го кажав во своја одбрана. Бев осудена на шест години затвор. Додека бев таму, се разболев и бев префрлена во болничкото одделение — просторија во која имаше околу 40 жени. Кога видов колку се несреќни сите тие жени, ме фати паника. Отрчав до вратата и почнав да удирам со тупаници по неа.

„Што сакаш?“ ме праша чуварот.

„Морам да излезам од тука“, извикав. „Ако треба ставете ме во самица, само да излезам одовде!“ Се разбира, тоа не се случи. Набрзо потоа, забележав една жена која беше многу поинаква од другите. Од нејзините очи зрачеше спокој. Затоа седнав до неа.

„Размисли добро дали сакаш да седиш до мене“, ми рече таа. Нејзините зборови многу ме изненадија. Потоа ми рече: „Другите мислат дека јас сум најлошата личност во просторијата затоа што сум Јеховин сведок“.

Во тоа време не знаев дека на Јеховините сведоци се гледа како на непријатели на Комунистичката држава. Но, се сеќавав дека двајца Истражувачи на Библијата (како што порано се нарекуваа Јеховините сведоци) редовно доаѓаа кај татко ми кога бев мала. Се сетив дека тој велеше: „Истражувачите на Библијата се во право!“

Толку ми олесни што ја запознав оваа мила жена, Берта Бругемајер, што ми потекоа солзи. „Те молам, кажувај ми за Јехова“, ѝ реков. Оттогаш, постојано бевме заедно и често зборувавме за Библијата. Меѓу другото, научив дека вистинскиот Бог, Јехова, е Бог на љубовта, правдата и мирот. Исто така, дознав дека ќе ја отстрани сета штета предизвикана од суровите луѓе. „Уште малку, и злиот ќе го снема... А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“, пишува во Псалм 37:10, 11.

Повторно на слобода и бегство на Запад

Во 1956 год., по нешто повеќе од пет години поминати во затвор, бев пуштена на слобода. Пет дена по излегувањето од затвор, пребегав од ДРГ во Западна Германија. Тогаш веќе имав две ќерки, Ханелоре и Сабине, кои ги поведов со себе. Таму законски се разведов од маж ми и повторно стапив во контакт со Сведоците. Проучувајќи ја Библијата, сфатив дека морам да сменам многу работи ако сакам да живеам во склад со Јеховините мерила. Го сторив тоа и се крстив во 1958 год.

Подоцна се омажив за еден Јеховин сведок по име Клаус Мене. Имавме многу убав брак во кој ни се родија две деца, Бенјамин и Табија. За жал, Клаус трагично загина пред околу 20 години, а јас оттогаш сум вдовица. Но, голема утеха црпам од надежта за воскресение, од тоа што знам дека мртвите ќе бидат вратени во живот во рај на Земјата (Лука 23:43; Дела 24:15). Голема утеха ми е и тоа што сите мои четири деца му служат на Јехова.

Со проучувањето на Библијата сфатив дека само Јехова може да донесе вистинска правда. За разлика од луѓето, тој ги зема предвид сите наши околности како и нашето потекло — работи за кои често другите не се свесни. Оваа скапоцена вистина ми дава мир уште сега, особено кога гледам или кога доживувам неправда. Во Проповедник 5:8 стои: „Ако видиш дека некаде во земјата го угнетуваат сиромавиот и дека насилно се скратува правдата и праведноста, немој да се чудиш, зашто има и такви што се високо над високите, а оној што е повисок од високите го набљудува тоа“. Се разбира „оној што е повисок од високите“ е нашиот Творец. „Сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“, пишува во Евреите 4:13.

Долг живот полн со спомени

Понекогаш луѓето ме прашуваат како беше да се живее во времето на нацистите и во времето на комунистите. Не беше лесно. И едниот и другиот режим, како и сите облици на човечко владеење, едноставно потврдија дека луѓето не можат да владеат над себе. Библијата отворено и точно вели: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).

Кога бев млада и наивна, се надевав дека луѓето ќе донесат правда. Но, сега ја знам вистината. Само нашиот Творец може да воспостави праведен свет, а тоа ќе го направи така што ќе ги уништи сите злобни луѓе и за владетел на Земјата ќе го постави својот Син, Исус Христос, кој секогаш го става доброто на другите пред своето. Во врска со Исус, Библијата вели: „Ја сакаше праведноста и го мразеше беззаконието“ (Евреите 1:9). Многу сум му благодарна на Бог што ми помогна да го запознаам овој прекрасен праведен Цар, и се надевам дека вечно ќе живеам под неговата власт!

[Слика на страница 23]

Со моите ќерки Ханелоре и Сабине откако пристигнавме во Западна Германија

[Слика на страница 23]

Денес, со мојот син Бенјамин и неговата жена Сандра

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели