ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w97 1/5 стр. 24-29
  • Бог е мое прибежиште и сила

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Бог е мое прибежиште и сила
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зајакната за иднината
  • Одговорот на непријателот — затвор
  • Кај Лихтенбург
  • Во Равенсбрук
  • Тешки повоени години
  • Уште еднаш под забрана и во притвор
  • Сила и помош од Јехова
  • Јехова останува мое прибежиште и сила
  • Преживеавме диктатури со помош од Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Колку е радосно да седиш на Јеховината трпеза!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Стрпливо чекајќи на Јехова уште од својата младост
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Уверена дека Јехова со љубов се грижи за нас
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
w97 1/5 стр. 24-29

Бог е мое прибежиште и сила

РАСКАЖАЛА ШАРЛОТЕ МИЛЕР

„Секоја чест за Вашите девет години кај Хитлер“ — рече комунистичкиот судија. „Вие навистина бевте против војната, но сега сте против нашиот мир!“

ТОЈ се осврнуваше на моето поранешно затворање од страна на нацистите, како и на социјализмот во Германската Демократска Република. Отпрвин бев без зборови, но тогаш одговорив: „Еден христијанин не се бори за вистинскиот мир на ист начин како другите луѓе. Јас едноставно се трудам да ја следам библиската заповед и да го сакам Бог и својот ближен. Божјата Реч ми помага да задржам мир во зборовите и во делата“.

Тој ден, 4 септември 1951 година, комунистите ме осудија на осум години затвор — една година помалку отколку што стори нацистичкиот режим.

Кога ние Јеховините сведоци бевме прогонувани од страна на националсоцијалистите и од комунистите, наоѓав утеха во Псалм 45:1: „Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде“. Сам Јехова ми ја даде силата да издржам, и колку повеќе неговата Реч ја правев моја своина толку станував појака.

Зајакната за иднината

Родена сум 1912 година во Гота⁠-​Зиблебен во Тирингија (Германија). Иако моите родители беа протестанти, татко ми трагаше по библиската вистина и по една праведна влада. Кога родителите ја видоа „Фото-драмата за создавањето“, беа восхитени.a Татко ми го најде она по кое трагаше — Божјето Царство.

Татко ми и мајка ми, заедно со нас шесте деца, се откажаа од црквата на 2 март 1923 година. Живеевме во Кемниц, во Саксонија, и таму бевме поврзани со Проучувачите на Библијата. (Тројца од моите браќа и сестри станаа Сведоци на Јехова.)

На состаноците на Проучувачите на Библијата ми се врежуваа библиските стихови и скапоцените вистини кои го исполнија моето младо срце со среќа. Најпрво, тука беше обуката што во неделите ни се даваше нам, 50-мината христијански младинци, која ја добивав некое време со сестра ми Кете. Во нашата група спаѓаше и младиот Конрад Франке, кој организираше пешачења и вежбаше пеење со нас. Подоцна, од 1955 до 1969 година, брат Франке служеше како надгледник на подружницата на Watch Tower во Германија.

20-тите години беа бурни години, а повремено дури и меѓу Божјиот народ. Некои, кои повеќе не ја прифаќаа Стражарска кула како храна во „право време“, беа против проповедничката активност од куќа до куќа (Матеј 24:45, НС). Тоа доведе до отпад. Но, таа беше токму онаа „храна“ која ни ја даваше силата што толку очајнички ни беше потребна во тоа време. На пример, во Стражарска кула беа статиите „Благословени се бестрашните“ (1919) и „Кој ќе му оддаде чест на Јехова?“ (1926). Јас сакав да му оддавам чест на Јехова преку смела активност, па затоа дистрибуирав многу од книгите и брошурите на брат Ратерфорд.

Во март 1933 година се крстив како Јеховин сведок. Во истата таа година, нашето дело на евангелизирање во Германија беше забрането. При крштавањето, како совет за иднината беше понуден стихот од Откровение 2:10: „Не бој се воопшто од она, што ќе има да претргаш. Ете, ѓаволот некои од вас ќе фрли в затвор, за да ве искуша, и ќе бидете нажалени десетина дни. Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот“. Овој стих го зедов при срце, без да се сомневам дека ме очекуваат тегобни искушенија. Тоа се покажа точно.

Поради тоа што останавме политички неутрални, повеќето наши соседи гледаа на нас со сомнение. После еден политички избор, една делегација од униформирани нацистички трупи пред нашата куќа извикуваше: „Овде живеат предавници!“ Статијата „Не плашете се од нив“, која излезе во германското издание на Стражарска кула во декември 1933 година, за мене беше едно посебно охрабрување. Сакав да останам верен Сведок на Јехова, дури и под најнеповолни околности.

Одговорот на непријателот — затвор

Сѐ до есента 1935 година, во Кемниц беше можно тајно да се произведува Стражарска кула. Потоа, машината за умножување што беше користена, ја однесоа во Баерфелд во Рудните Планини, каде што се користеше за размножување на литература сѐ до август 1936 година. Кете и јас дистрибуиравме примероци до браќата, чиишто адреси ни ги даваше татко ми. Едно време сѐ одеше добро. Но, тогаш Гестапо ме стави под надзор и, во август 1936 година, ме собра од дома и ме стави во притвор, каде што очекував судење.

Во февруари 1937 година, 25 браќа и 2 сестри — вклучувајќи ме и мене — се појавивме пред еден посебен суд во Саксонија. Се тврдеше дека организацијата на Јеховините сведоци е превратничка. Оние браќа кои умножуваа Стражарска кула добија по пет години затвор. Јас добив две години.

Наместо да бидам ослободена после издржувањето на мојата казна, ме собра Гестапо. Се очекуваше да потпишам изјава, наведувајќи дека повеќе нема да бидам активна како Сведок на Јехова. Јас непоколебливо одбив, поради што службеникот се разбесни, скокна на нозе и издаде налог да ме стават во притвор. Налогот е прикажан на сликата. Без да ми допуштат да ги видам моите родители, веднаш ме однесоа во еден мал концентрационен логор за жени во Лихтенбург на реката Елба. Кратко потоа, ја сретнав Кете. Таа била во концентрациониот логор во Моринген уште од декември 1936 година, но кога тој концентрационен логор беше затворен, таа, заедно со многу други сестри, дојде во Лихтенбург. Татко ми исто така беше во притвор, и сѐ до 1945 година го немав видено.

Кај Лихтенбург

Не ми беше дозволено да им се придружам веднаш на останатите женски Сведоци, бидејќи тие беа казнети од една или од друга причина. Во една од салите посматрав две групи затворенички — жени кои обично седеа на маси и жени Сведоци кои цел ден мораа да седат на столици и на кои не им даваа ништо да јадат.b

Спремно ја прифаќав секоја работна задача со надеж дека некако ќе наидам на Кете. Токму тоа и се случи. Таа беше на пат да работи со две други затворенички, кога патиштата ни се вкрстија. Пресреќна, ја прегрнав од сѐ срце. Но, женскиот чувар веднаш нѐ пријави. Бевме сослушувани и оттогаш па натаму, намерно нѐ држеа одвоено. Тоа беше крајно тешко.

Два други настана во Лихтенбург ми се врежаа во сеќавањето. Во една прилика, сите затворенички требаше да се соберат во дворот за да слушаат еден од Хитлеровите политички говори на радио. Ние, Јеховините сведоци, одбивме бидејќи беа вклучени патриотски церемонии. Затоа, чуварите ги свртеа противпожарните шмркови кон нас, прскајќи нѐ со силен млаз вода од еден хидрант и гонејќи нѐ нас, беспомошните жени, од четвртиот кат сѐ до дворот. Таму моравме да стоиме изводенети.

Во една друга прилика, заедно со Гертруд Еме и Гертел Брилен, ни заповедаа да го декорираме со светилки главниот штаб на командата, бидејќи наближуваше Хитлеровиот роденден. Ние одбивме, препознавајќи ги Сатановите тактики да се обиде да маневрира со нас до кршење на нашиот интегритет преку компромиси во малите работи. За казна, обете ние млади сестри моравме да ги поминеме следните три седмици во една мала, темна ќелија. Но, Јехова остана близу нас и, дури и на едно такво ужасно место, се покажа како прибежиште.

Во Равенсбрук

Во мај 1939 година, затворениците од Лихтенбург беа префрлени во концентрациониот логор Равенсбрук. Таму бев доделена во пералницата, заедно со повеќе други сестри Сведоци. Кратко по избувнувањето на војната, се очекуваше да го носиме знамето со кукастиот крст, кое одбивме да го правиме. Како последица од тоа, две од нас, Милхен Ернст и јас бевме ставени во казнениот блок. Тоа беше еден од најтешките облици на казнување и значеше дека мораме да извршуваме тешка работа секој ден, дури и во неделите, без разлика какво е времето. Обично, максималната казна беше три месеци, но ние останавме таму една година. Без Јеховина помош, никогаш не би преживеала.

Во 1942 година, условите за нас затворениците некако олеснија, и јас бев доделена да работам како домаќинка за едно есес⁠-​семејство, недалеку од логорот. Семејството ми допушташе извесна мера на слобода. На пример, еднаш кога го шетав детето, ги сретнав Јозеф Ревалд и Готфрид Мелхорн, двајца затвореници со пурпурни триаголници, со кои можев да разменам неколку зборови на охрабрување.c

Тешки повоени години

Во 1945 година, кога сојузничките трупи наближија, семејството кај кое работев побегна и јас морав да го придружувам. Заедно со други есес-семејства, беше формиран еден огромен конвој што патуваше на запад.

Последните неколку дена од војната беа хаотични и полни со опасност. Најпосле, сретнавме некои американски војници кои ми дозволија да се регистрирам во следниот град како слободно лице. Кого го сретнав таму? Јозеф Ревалд и Готфрид Мелхорн. Тие дознале дека сите Сведоци од концентрациониот логор во Заксенхаузен стигнале до Шверин, следејќи еден опасен марш на смртта. И така, ние тројцата тргнавме кон тој град, што беше оддалечен околу 75 километри. Колкава само радост беше во Шверин да се сретнат сите тие верни браќа, преживеани од концентрационите логори, меѓу кои беше и Конрад Франке.

До декември 1945 година, ситуацијата во земјата се подобри до таа мера што бев во можност да патувам со воз. И така, бев на пат кон дома! Меѓутоа, во патувањето спаѓаше и времето кое го поминав лежејќи на покривот од железничкиот вагон и стоејќи на скалите. Во Кемниц, од железничката станица се упатив кон местото каде што живеевме како семејство. Но, на улицата каде што порано нацистичките трупи стоеја и викаа: „Овде живеат предавници!“ не беше преживеала ниту една куќа. Целото станбено подрачје беше бомбардирано до заборав. Сепак, на мое олеснување, мајка ми, татко ми, Кете, моите браќа и сестри ги најдов живи.

Економската ситуација во повоена Германија беше ужасна. Меѓутоа, собранијата на Божјиот народ почнаа да цветаат по цела Германија. Watch Tower Society не штедеше никаков труд во обидот да нѐ опреми за проповедничката активност. Повторно започна работата во Бетелот во Магдебург, којшто нацистите го беа затвориле. Пролетта 1946 година бев поканета да работам таму и бев доделена во кујната.

Уште еднаш под забрана и во притвор

Магдебург е во тој дел од Германија што се најде под контрола на комунистите. На 31 август 1950 година тие ја забранија нашата работа и го затворија магдебуршкиот Бетел. Тоа ја оконча мојата служба во Бетелот, што беше време на скапоцена обука. Се вратив во Кемниц, одлучна дури и под комунистите цврсто да се држам за вистината и да го објавувам Божјето Царство како единствена надеж за несреќното човештво.

Во април 1951 година, патував со еден брат во Берлин за да земеме примероци на Стражарска кула. Кога се вративме, бевме вчудовидени кога ја најдовме железничката станица во Кемниц опколена од цивилна полиција. Очигледно нѐ очекуваа нас, и бевме уапсени на лице место.

По пристигнувањето во истражниот затвор, носев документи кои докажуваа дека повеќе години сум била затворена од нацистите. Како последица од тоа, стражарите се однесуваа кон мене со почит. Еден од главните женски стражари рече: „Вие Јеховините сведоци не сте криминалци; вие не сте за в затвор“.

Еднаш, таа дојде во мојата ќелија, каде што седев со уште две други сестри, и скришно стави нешто под еден од креветите. Што беше тоа? Нејзината сопствена Библија, која дозволи да ја имаме. Во една друга прилика, ги посети моите родители дома, бидејќи тие живееја недалеку од затворот. Таа доби примероци од Стражарска кула и нешто храна, го сокри сето тоа во себе и прошверцува сѐ во мојата ќелија.

Има и нешто друго на што сакам да се сеќавам. Понекогаш во недела наутро толку гласно ги пеевме нашите теократски песни што останатите затвореници со задоволство ни аплаудираа на секоја песна.

Сила и помош од Јехова

Во текот на судската постапка на 4 септември 1951 година, судијата го даде коментарот споменат на почетокот од статијава. Мојата затворска казна ја служев во Валдхајм, па во Хале и најпосле во Хохенек. Еден или два кратки настана ќе покажат на кој начин Бог ни беше прибежиште и сила нам, Јеховините сведоци, и на кој начин неговата Реч нѐ оживуваше.

Во затворот во Валдхајм, сите сестри Сведоци редовно се собиравме во една сала, така што бевме во можност да одржуваме христијански состаноци. Пенкала и хартија не беа дозволени, но некои сестри набавија неколку парчиња материјал и успеаја да направат еден мал бајрак што го носеше годишниот стих за 1953 година, кој гласеше: „Обожавај го Јехова во света одежда“ (Псалм 29:2, American Standard Version).

Една од женските чувари нѐ завари и нѐ пријави без колебање. Дојде управникот на затворот и им рече на две од сестрите да го држат бајракот високо. „Кој го направи ова?“ — бараше да знае. „Што треба да значи ова?“

Една од сестрите сакаше да признае и да ја преземе одговорноста за нас, но ние брзо прошепотивме меѓу себе, согласувајќи се дека одговорноста треба да ја споделиме сите ние. Затоа одговоривме: „Го направивме тоа за да ја јакнеме нашата вера“. Бајракот беше конфискуван, и за казна бевме лишени од оброците. Но, во текот на целата дискусија, сестрите го држеа високо така што можевме да си го врежеме во мислите охрабрувачкиот стих.

Кога женскиот затвор во Валдхајм беше затворен, ние сестрите бевме префрлени во Хале. Овде ни беше дозволено да добиваме пакетчиња; и што беше вшиено во еден чифт папучи што ми ги испрати татко ми? Статии од Стражарска кула! Сѐ уште можам да се сетам на оние со наслов „Вистинската љубов е практична“ и „Лагата доведува до губење на животот“. Овие и други статии беа вистински деликатеси, и кога скришно ги подававме една на друга, секоја си правеше забелешки за себе.

За време на една рација, една од женските чувари ги најде моите лични забелешки сокриени во мојот сламен душек. Подоцна, ме повика на сослушување и рече дека јасно сака да го знае значењето на статијата „Изгледите за оние кои се плашат од Јехова за 1955 година“. Таа, комунистка, беше длабоко загрижена поради смртта на нејзиниот лидер, Сталин, во 1953 година, и иднината ѝ изгледаше мрачна. Што се однесува до нас, иднината требаше да донесе некои подобрувања во нашите услови во затворот, но јас уште не бев свесна за тоа. Доверливо објаснив дека изгледите за Јеховините сведоци се најдобри. Зошто? Го цитирав стихот што беше тема на статијата, Псалм 111:7: „Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева во Господа“.

Јехова останува мое прибежиште и сила

После една сериозна болест, бев пуштена од затвор две години порано, во март 1957 година. Источногерманските службеници повторно вршеа притисок врз мене поради моите активности во Јеховината служба. Затоа, на 6 мај 1957 година, искористив прилика да побегнам во Западен Берлин, а оттаму се преселив во Западна Германија.

Тоа беше повеќе години пред да се подобри моето телесно здравје. Но, до ден-денеска, јас сѐ уште имам здрав духовен апетит и радосно го очекувам секој нов примерок на Стражарска кула. Одвреме навреме, се преиспитувам самата себе. Дали сѐ уште сум духовно наклонета? Дали негував добри особини? Дали испитаниот квалитет на мојата вера е причина за фалба и чест на Јехова? Моја цел е да му угодувам на Јехова во сите работи за да остане мое прибежиште и сила засекогаш.

[Фусноти]

a „Фото-драмата за создавањето“ се состоеше од слајдови и подвижни слики и, почнувајќи од 1914, беше нашироко прикажувана од страна на претставници на Watch Tower Bible and Tract Society.

b Списанието Trost (Утеха), издавано од Watch Tower Society во Берн (Швајцарија), од 1 мај 1940, страница 10, извести дека во една прилика женските Јеховини сведоци во Лихтенбург 14 дена не добиле ручек поради тоа што одбивале да направат почесен гест кога биле свирени нацистичките химни. Таму имало 300 женски Сведоци на Јехова.

c Извештај за Јозеф Ревалд излезе во Разбудете се! од 8 февруари 1993, страници 20—23 (англ.).

[Слика на страница 26]

Есес⁠-​канцеларијата во Равенсбрук

[Извор на слика]

На врвот: Stiftung Brandenburgische Gedenkstätten

[Слика на страница 26]

Мојата пропусница за работење надвор од логорот

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели