Животна приказна
Преживеавме диктатури со помош од Јехова
Раскажал Хенрик Дорник
РОДЕН СУМ во 1926 год. во семејство на богобојазливи католици. Моите родители живееја во Руда Слашка, едно рударско гратче во близина на Катовице во јужна Полска. Тие нѐ научија нас, децата — постариот брат, Бернард; двете помали сестри, Роза и Едита; и мене — да се молиме, да одиме на богослужба и да се исповедаме.
Библиската вистина влегува во нашиот дом
Еден ден во јануари 1937 год., кога имав десет години, татко ми се врати дома пресреќен. Во рацете држеше една голема, дебела книга што му ја дале Јеховините сведоци, и ни рече: „Деца, видете што ви носам — Библија!“ Тогаш првпат во животот видов Библија.
Католичката црква веќе долго време имаше силно влијание врз жителите на Руда Слашка и на околината. Свештениците беа во многу добри односи со сопствениците на рудниците и бараа апсолутна послушност од рударите и нивните семејства. Ако некој рудар не одеше на миса или на исповед, го сметаа за неверник и беше отпуштан од работа. Наскоро истата закана се надвисна и над татко ми, бидејќи тој почна да контактира со Јеховините сведоци. Меѓутоа, кога еден свештеник дојде кај нас дома, татко ми го разоткри пред сите неговото религиозно лицемерие. Бидејќи засрамениот свештеник не сакаше да си има поголеми проблеми, татко ми не беше отпуштен.
Тоа што имав прилика да присуствувам на дебатата со свештеникот уште повеќе ја зацврсти мојата решеност да ја запознаам Библијата. Постепено мојата љубов кон Јехова растеше и јас изградив близок однос со него. Неколку месеци по овој разговор со свештеникот, присуствувавме на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт, и тогаш татко ми ѝ беше претставен на една група од 30 души како „Јонадавовец“. Наскоро дознав дека „Јонадавовците“ се христијани што имаат надеж да живеат на Земјата и дека нивниот број ќе продолжи да растеa (2. Царевите 10:15-17).
„Дете, знаеш ли што значи крштавањето?“
Откако ја прифати вистината, татко ми престана да пие и стана добар сопруг и татко. И покрај тоа, мајка ми не сакаше да го прифати неговото верување и имаше обичај да каже дека повеќе би сакала да биде каков што беше порано само да си останеше католик. Меѓутоа, откако избувна Втората светска војна, таа забележа дека истите свештеници што се молеа Полска да извојува победа над германските непријатели, сега кажуваа молитви на благодарност за успесите на Хитлер! Подоцна, во 1941 год., и мајка ми почна да му служи на Јехова заедно со нас.
Пред тоа, јас кажав дека сакам да се крстам во вода и да станам Јеховин сведок, но старешините во собранието мислеа дека сум премлад за тој чекор и ме посоветуваа да почекам. Но, на крајот, на 10 декември 1940 год., Конрад Грабови (еден брат кој подоцна умре во концентрационен логор останувајќи му верен на Бог) ме тргна настрана во една мала просторија за да поразговара со мене. Ми постави неколку прашања и потоа, бидејќи беше задоволен со она што му одговорив, ме крсти во вода. Едно од прашањата што ми ги постави беше: „Дете, знаеш ли што значи крштавањето?“ А потоа праша: „Дали си свесен дека сега има војна и дека наскоро ќе мора да одлучиш на кого ќе му бидеш верен, на Хитлер или на Јехова? Дали знаеш дека таа одлука може да те чини живот?“ Јас му одговорив без двоумење: „Знам“.
Почнува прогонството
Зошто Конрад Грабови ми постави толку директни прашања? Па, германските војски ја нападнаа Полска во 1939 год. и потоа нашата вера беше ставена на тежок испит. Ситуацијата стануваше сѐ понапната. Секој ден стигнуваа вести дека овој или оној христијански брат или сестра биле уапсени, депортирани или ставени во затвор или во концентрационен логор. Наскоро ни дојде редот и нам.
Нацистите сакаа да ги претворат припадниците на помладата генерација — во која бевме и ние, четирите деца — во ревносни застапници на Третиот рајх. Бидејќи татко ми и мајка ми неколку пати одбија да ја потпишат фолклистата (список на лица што сакаа да добијат германско државјанство), им беше одземено старателството над нас децата. Татко ми беше испратен во логорот Аушвиц. Во февруари 1944 год., мене и брат ми нѐ ставија во поправен дом во Гродкув во близина на Ниса, а нашите сестри беа испратени во католички манастир во Чарновонши (Клостербрик), во близината на Ополе. Целта беше да нѐ натераат да ги заборавиме „лажните учења на нашите родители“, како што ги нарекуваа властите. Мајка ми остана сама дома.
Додека бевме во поправниот дом, секое утро се креваше нацистичкото знаме. Од сите нас се бараше да ја подигнеме десната рака во знак на поздрав и да кажеме „Хајл Хитлер“. Тоа беше тежок испит на верата, но Бернард и јас останавме цврсти и одбивме да попуштиме. Поради тоа бевме сурово тепани за „недолично однесување“. Бидејќи и понатамошните обиди да нѐ скршат исто така не успеаја, СС-стражарите на крајот ни поставија ултиматум: „Или ќе потпишете изјава дека ќе ѝ бидете лојални на Германија и ќе му се придружите на Вермахт [германската војска], или ќе бидете испратени во концентрационен логор“.
Во август 1944 год., во изјавата со која властите службено препорачаа да бидеме испратени во концентрационен логор, стоеше и следново: „Невозможно е да ги натераме да направат нешто. Тие се среќни што се маченици. Нивниот бунтовен став претставува закана за целиот поправен дом“. Иако воопшто немав желба да бидам маченик, тоа што страдав храбро и достоинствено затоа што сакав да му останам верен на Јехова, навистина ми причинуваше радост (Дела 5:41). Свесен сум дека во никој случај немаше да можам со своја сила да ги издржам страдањата што ми претстоеја. Но, од друга страна, горливите молитви уште повеќе ме зближија со Јехова, и тој ми покажа дека навистина можам да се потпрам на него (Евреите 13:6).
Во концентрациониот логор
Наскоро ме однесоа во концентрациониот логор Грос-Розен во Шлезија. Ми дадоа бројче и пурпурен триаголник, знак по кој се препознаваа Јеховините сведоци. СС-стражарите ми дадоа избор. Можев да бидам пуштен од логорот, па дури и да станам офицер во нацистичката војска, но под еден услов. „Мора да се откажеш од идеите на Истражувачите на Библијата, бидејќи тие му пркосат на Третиот рајх.“ Ниту еден друг затвореник не доби слична понуда. Само на Јеховините сведоци им се даваше шанса да бидат пуштени од логорот. Но јас, како и илјадници други браќа, решително ја одбив таа „чест“. На тоа стражарите ми рекоа: „Погледни го оџакот на оној крематориум и добро размисли уште еднаш. Ако одбиеш, ќе излезеш на слобода само преку тој оџак“. Повторно одлучно ја одбив нивната понуда и, во тој миг, ме исполни „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:6, 7).
Се молев да ги најдам соверниците во логорот и Јехова ми одговори на молитвите. Меѓу тие драги сохристијани беше и еден верен брат по име Густав Баумерт, кој нежно и со љубов се грижеше за мене. Во тие моменти чувствував дека Јехова навистина е „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3).
По неколку месеци, нацистите мораа брзо да го напуштат логорот бидејќи руските војски наближуваа. Пред да заминеме, ние браќата решивме да се искачиме до женските бараки — иако беше многу ризично — и да видиме што се случува со 20-тина духовни сестри, меѓу кои беа и Елза Абт и Гертруд От.b Кога нѐ видоа, тие веднаш ни притрчаа, и по неколку охрабрувачки зборови, заедно испеаја една песна за Царството во која стои и следниот стих: „Оној што верно, лојално служи, страв нема од никого“.c Очите на сите ни се наполнија со солзи!
Во следниот логор
Нацистите напикаа од 100 до 150 затвореници во празни вагони за јаглен, без храна и вода, и во нив патувавме на многу студено и дождливо време. Нѐ измачуваа жед и треска. Болните и исцрпени затвореници паѓаа мртви на подот, и така вагоните полека се подиспразнуваа. Нозете и зглобовите ми беа толку отечени што не можев да стојам. По десетдневно патување, малкуте затвореници што успеаја да преживеат пристигнаа во казнениот логор Мителбау-Дора во Нордхаузен, кој е во близина на Вајмар во Тиринген. Вистинско чудо е што ниту еден Сведок не умре во текот на тоа ужасно патување.
Само што почнав да закрепнувам од патувањето, во логорот изби епидемија на дизентерија, и неколку браќа, а меѓу нив и јас, се разболевме. Ни рекоа да не јадеме од супата што се служеше во логорот туку да јадеме само препечен леб. Направив така и наскоро закрепнав. Во март 1945 год. чувме дека годишниот библиски стих за таа година беше Матеј 28:19: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи“. Очигледно, логорските капии наскоро требаше да се отворат и требаше да се продолжи со проповедањето на добрата вест! Тоа ни влеа надеж и радост, бидејќи си мислевме дека Втората светска војна ќе заврши со Армагедон. Каква сила ни даде Јехова во тие тешки времиња!
Пуштени од логорот
На 1 април 1945 год., Сојузниците ги бомбардираа бараките на есесовците и нашиот логор што се наоѓаше во близина. Имаше многу убиени и ранети. Следниот ден повторно имаше силно бомбардирање, и во текот на тој напад бев фрлен во воздух од експлозија на една граната.
Ми помогна еден од браќата, Фриц Улрих. Тој веднаш почнал да копа во купот крш со надеж дека сѐ уште сум жив. На крајот ме нашол и ме извлекол од кршот. Кога се освестив, видов дека имам тешки повреди на лицето и на телото, и сфатив дека не слушам ништо. Гласната експлозија ми ги имаше оштетено ушните тапанчиња. Со години имав страшни проблеми со ушите пред конечно да ми се залечат.
Од илјадници затвореници, само неколкумина го преживеаја тоа бомбардирање. Некои од браќата загинаа, а меѓу нив беше и мојот мил Густав Баумерт. Од повредите добив инфекција и висока треска. Но, наскоро Сојузничките војски нѐ пронајдоа и нѐ пуштија на слобода. Во меѓувреме, телата на мртвите и убиените затвореници кои се распаѓаа предизвикаа епидемија на тифус, и јас повторно се разболев. Бев пренесен во болница заедно со другите болни. Иако докторите дадоа сѐ од себе за да нѐ спасат, само тројца успеавме да преживееме. Колку бев благодарен што Јехова ме зајакна да му останам верен во тие тешки времиња! Бев многу благодарен што Јехова и тогаш ме избави од „долината на густата темнина“ на смртта (Псалм 23:4).
Конечно дома!
Откако Германците се предадоа, се надевав дека ќе се вратам дома што поскоро, но работите излегоа полошо отколку што очекував. Ме забележаа некои поранешни затвореници кои беа членови на Католичката акција. Кога ме видоа, повикаа: „Убијте го!“, и ме турнаа наземи, газејќи ме со нозете. Еден човек дојде и ме спаси од нивното ѕверство, но ми требаше долго време да закрепнам бидејќи пред тоа бев ранет, а бев и исцрпен од тифусот. Но, конечно можев да се вратам дома. Колку бев среќен што повторно си го видов семејството! Сите беа пресреќни што ме гледаа бидејќи мислеле дека сум мртов.
Наскоро продолживме да проповедаме, и многу искрени луѓе ја прифатија пораката. Добив задолжение да им доставувам библиска литература на собранијата. Заедно со уште неколку браќа, имав чест да се сретнам во Вајмар со претставници од германската подружница, и оттаму ги донесовме во Полска првите повоени броеви на Стражарска кула. Списанијата веднаш беа преведени, беа подготвени матрици, и брзо беа готови за печатење. Кога Бетелот во Лоѓ започна да го надгледува делото во цела Полска, библиската литература почна да стигнува редовно до собранијата. Јас почнав да служам како специјален пионер, или полновремен проповедник, и сведочев на огромното подрачје на Шлезија, чиј голем дел дотогаш беше присоединет кон Полска.
Но, наскоро Јеховините сведоци повторно станаа мета на прогонство, овој пат од страна на комунистичкиот режим во Полска. Бидејќи зазедов неутрален став како христијанин, во 1948 год. бев осуден на две години затвор. Додека бев таму, им помогнав на многу други затвореници да го запознаат Бог. Еден од нив ја прифати вистината и подоцна беше крстен како Јеховин сведок.
Во 1952 год. повторно бев ставен в затвор под обвинение дека наводно сум бил американски шпион! Додека чекав да започне судењето, ме држеа во самица и ме испитуваа дење и ноќе. Сепак, Јехова повторно ме избави од рацете на моите прогонители, и во годините што следеа повеќе не се најдов во толку тешка ситуација.
Што ми помогна да издржам
Кога размислувам за сите тие години на неволји и маки, можам да кажам дека неколку важни работи ми дадоа сила да истраам. Пред сѐ, таа сила доаѓа од Јехова и од неговата Реч, Библијата. Тоа што постојано и горливо го преколнував „Богот на секоја утеха“ и секој ден ја проучував неговата Реч ми помогна мене и на другите да останеме духовно живи. Извор на толку потребната духовна храна ни беа и рачно пишуваните примероци на Стражарска кула. Во концентрационите логори многу ме зајакнаа грижливите соверници, кои секогаш беа спремни да ми помогнат.
Друг благослов од Јехова беше и мојата жена, Марија. Се зедовме во октомври 1950 год. и подоцна ни се роди ќерката, Халина, која ја воспитавме да го сака Јехова и да му служи. Јас и Марија бевме во брак 35 години пред таа да умре по долга битка со една тешка болест. Нејзината смрт ми донесе голема тага и бол. Но, иако за кратко тоа ме ‚собори‘, сепак не ме ‚уништи‘ (2. Коринќаните 4:9). Во тие тешки мигови, најдов утеха во друштвото на мојата мила ќерка, на нејзиниот сопруг и нивните деца — моите внучиња. Сите тие верно му служат на Јехова.
Од 1990 год. служам во подружницата во Полска. Огромен благослов е секој ден да се дружиш со едно прекрасно бетелско семејство. Понекогаш, поради слабото здравје, се чувствувам како ослабнат орел кој му се препушта на струењето на ветрот. И покрај тоа, со доверба гледам на иднината и „му пеам на Јехова, зашто е добар кон мене“ сѐ до ден-денес (Псалм 13:6). Со душа чекам да дојде времето кога мојот Помошник, Јехова, ќе ја отстрани сета штета од лошото владеење на Сатана.
[Фусноти]
b Види ја животната приказна на Елза Абт во англиското издание на Стражарска кула од 15 април 1980 год., страници 12-15.
c Ова беше песна број 101 во песнарката на Јеховините сведоци од 1928 год. со наслов Фалбени песни за Јехова. Во денешната песнарка, тоа е песна број 56.
[Слика на страница 10]
Во концентрациониот логор го добив ова бројче и еден пурпурен триаголник
[Слика на страница 12]
Со жена ми, Марија, во 1980 год.