Благодарна што му служев на Јехова, дури и во неволји
Раскажала Маке Де Јонге Ван Ден Хејвел
ИМАМ 98 години, а радосно му служам на Јехова веќе 70 години. Но, мојата вера беше испитана. Во текот на Втората светска војна бев ставена во концентрационен логор каде што, во еден момент, обесхрабрувањето ме наведе да донесам одлука за која подоцна многу се каев. Неколку години потоа, се соочив со друг тежок испит. И покрај сѐ, му благодарам на Јехова што имав чест да му служам дури и во неволји.
Во октомври 1940 год., мојот живот тргна во нов правец. Живеев во Хилверсум, град на 24 километри југоисточно од Амстердам (Холандија). Земјата беше под нацистичка власт. Во тоа време, веќе пет години бев мажена за Јап де Јонге, кој беше многу грижлив сопруг. Имавме и мила тригодишна ќеркичка по име Вили. Живеевме во близина на едно семејство кое беше сиромашно и се бореше да ги прехрани осумте деца. Сепак, на нивната трпеза секогаш имаше место и за еден млад човек кој престојуваше кај нив. ‚Зошто си ставаат додатен товар?‘, се прашував. Еднаш, кога им однесов малку храна, дознав дека тој младич е пионер. Тој ми зборуваше за Божјето Царство и за благословите што ќе ги донесе тоа. Она што го чув ме допре до срце и не ми требаше долго да ја прифатам вистината. Истата година му се заветував на Јехова и се крстив, а една година подоцна се крсти и маж ми.
Иако не знаев многу за Библијата, ми беше сосема јасно дека, со тоа што се крстив како Сведок, всушност, станав дел од една организација која беше забранета. А знаев и дека многу Сведоци веќе беа в затвор затоа што ја проповедаа пораката за Царството. Сепак, веднаш почнав да проповедам од куќа до куќа и, заедно со маж ми, го отворивме својот дом за пионерите и за патувачките надгледници. Кај нас се складираше и библиска литература, која ја донесуваа браќа и сестри од Амстердам. Нивните велосипеди беа натоварени со книги и покриени со церада. Колкава љубов и храброст покажуваа тие курири, кои го ризикуваа животот за своите браќа! (1. Јов. 3:16).
„Мамичке, кога ќе се вратиш?“
Шест месеци откако се крстив, три полицајци дојдоа на нашата врата. Влегоа во куќата и извршија претрес. Иако не го најдоа орманот кој беше полн со литература, успеаја да најдат неколку книги скриени под креветот. Веднаш ми наредија да појдам со нив во полициската станица во Хилверсум. На излегување, ја гушнав ќеркичката, а таа ме праша: „Мамичке, кога ќе се вратиш?“ „Брзо, мило“, ѝ реков, „мамичка брзо ќе се врати.“ Меѓутоа, поминаа 18 тешки месеци пред повторно да ја прегрнам.
Еден полицаец ме одведе со воз на сослушување во Амстердам. Таму се обидоа да ме натераат да потврдам дека тројца браќа од Хилверсум се Јеховини сведоци. Им реков: „Знам само еден од тие луѓе. Тој ни носи млеко“. Тоа беше точно, тој брат навистина разнесуваше млеко. Но, потоа додадов: „Дали е Јеховин сведок или не, треба да го прашате него, а не мене“. Кога одбив да одговорам на другите прашања, ме удрија по лицето и ме затворија во ќелија во која останав два месеца. Кога маж ми дозна каде сум, ми донесе нешто храна и облека. А потоа, во август 1941 год., бев испратена во Равенсбрук — озлогласен концентрационен логор за жени, на 80-ина километри северно од Берлин.
„Разведри се, мила“
Кога пристигнавме во логорот, ни кажаа дека веднаш ќе нѐ пуштат ако потпишеме изјава со која се откажуваме од својата вера. Се разбира, не потпишав. Наместо тоа, морав да предадам сѐ што носев и да соблечам сѐ што имав на себе во бањата, каде што имаше и други христијански сестри од Холандија. Ни дадоа логорска облека со сошиен пурпурен триаголник, една чинија, чаша и лажица. Првата ноќ останавме во бараките каде што затворениците престојуваа привремено. Таму, првпат по моето апсење, се расплакав. „Што ќе се случи? Колку долго ќе останам овде?“, се прашував низ солзи. Искрено, тогаш мојот однос со Јехова не беше многу цврст, бидејќи ја знаев вистината само неколку месеци. Имав уште многу да учам. Следниот ден, во текот на прозивката, една сестра од Холандија забележа дека сум тажна, и ми рече: „Разведри се, мила, разведри се! Што можат да ни направат?“
По прозивката нѐ одведоа во друга барака каде што нѐ пречекаа неколку стотици сестри од Германија и Холандија. Некои од сестрите од Германија живееле во таа барака повеќе од година. Нивното друштво многу ме зајакна и навистина ме разведри. Ми остави силен впечаток и тоа што бараката во која беа сместени нашите сестри беше многу почиста од другите бараки во логорот. Освен што беше чиста, беше позната и како место каде што никој не краде, не пцуе и не се тепа. Во суровите услови што преовладуваа во логорот, нашата барака личеше на чист остров среде едно загадено море.
Живот во логорот
Животот во логорот може да се опише со неколку збора — многу работа и малку храна. Секое утро моравме да станеме во 5 часот, а кратко потоа имавме прозивка. Стражарите нѐ тераа да стоиме надвор еден час, и да врне и да вее. Во 5 часот попладне, по цел ден напорна работа, повторно имавме прозивка. Потоа ќе касневме малку леб и супа, и заспивавме мртви уморни.
Секој ден, освен недела, работев на фармите каде што жнеев со коса и чистев ендеци или кочини. Иако работата беше тешка и валкана, можев да ја вршам од ден во ден бидејќи сѐ уште бев млада и прилично јака. Додека работев, се храбрев и така што си пеев песни со библиска содржина. И покрај сѐ, постојано копнеев да си ги видам мажот и детето.
Добивавме многу малку храна, но сите сестри се трудевме секој ден да зачуваме по некое парченце леб за да имаме повеќе за недела кога можевме да се собереме за да зборуваме за библиски теми. Немавме литература, но јас со широко отворено срце ги слушав постарите, верни сестри од Германија додека зборуваа за Библијата. Дури го одбележавме и Споменот на Христовата смрт.
Обесхрабрување, каење и утеха
Понекогаш добивавме наредба да правиме нешто со кое директно би ги поддржувале воените активности на нацистите. Поради својата политичка неутралност, сите сестри ја одбиваа таквата работа, а јас го следев нивниот храбар пример. За казна, не ни даваа храна со денови и моравме со часови да стоиме за прозивка. Еднаш, среде зима нѐ затворија 40 дена во барака каде што немаше никакво греење.
Како Јеховини сведоци, постојано ни повторуваа дека ќе бидеме ослободени и пуштени дома ако потпишеме изјава дека се откажуваме од својата вера. По една година живот во Равенсбрук, многу се обесхрабрив. Желбата да ги видам маж ми и ќерка ми беше толку силна што отидов кај стражарите, побарав да ми ја дадат писмената изјава во која стоеше дека повеќе нема да бидам Истражувач на Библијата, и ја потпишав.
Кога дознаа што направив, некои од сестрите почнаа да ме избегнуваат. Сепак, две постари сестри од Германија, Хедвиг и Гертруд, дојдоа кај мене за да ме уверат дека сѐ уште ме сакаат. Додека работевме заедно во кочините, тие љубезно ми објаснија колку е важно да му останеме верни на Јехова и ме потсетија дека својата љубов кон него ја покажуваме со тоа што не правиме компромис. Нивната мајчинска грижа и нежна љубов длабоко ме трогнаа.a Знаев дека она што го направив е погрешно, и одлучив да ја поништам изјавата што ја потпишав. Една вечер ѝ кажав на една сестра за мојата одлука. Сигурно некој од стражарите во логорот начул што зборувавме бидејќи истата вечер ненадејно бев пуштена и испратена на воз за Холандија. Една од жените што нѐ надгледуваше, чие лице не можам да го заборавам до ден-денес, ми рече: „Сѐ уште си Бибелфоршер (Истражувач на Библијата), и секогаш ќе бидеш“. А јас ѝ одговорив: „Ако е Јеховина волја, ќе бидам“. Сепак, не престанав да размислувам како да ја поништам мојата изјава.
Во една точка од изјавата стоеше: „Со ова изјавувам дека никогаш повеќе нема активно да соработувам со Меѓународното здружение на Истражувачите на Библијата“. Знаев што треба да правам! Во јануари 1943 год., веднаш штом стигнав дома, повторно почнав да проповедам. Се разбира, ако нацистичките власти уште еднаш ме фатеа како зборувам за Божјето Царство, казната ќе беше сурова.
За да му покажам на Јехова дека од срце сакам верно да му служам, јас и маж ми повторно го отворивме својот дом за куририте и за патувачките надгледници. Бев многу благодарна што имав уште една шанса да ја покажам својата љубов кон Јехова и кон неговиот народ!
Болно премреже
Неколку месеци откако заврши војната, јас и маж ми се соочивме со уште една болна неволја. Во октомври 1944 год., нашата ќерка ненадејно се разболе. Вили доби дифтерија. Состојбата брзо ѝ се влоши и почина за три дена. Имаше само седум години.
Смртта на нашето единствено дете беше тежок удар за нас. Всушност, испитите што ги доживеав во Равенсбрук беа ништо во споредба со болката што ја почувствував кога го загубивме детето. Сепак, кога ни беше неподносливо тешко, наоѓавме утеха во зборовите од Псалм 16:8: „Постојано го имам Јехова пред себе. Тој ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам“. Јас и мојот сопруг имавме цврста вера во Јеховиното ветување за воскресение. Останавме во вистината и секогаш ревносно ја проповедавме добрата вест. Сѐ до својата смрт, во 1969 год., маж ми многу ми помагаше да му служам на Јехова со благодарно срце.
Благослови и радости
Во изминатите децении, блиското дружење со полновремени слуги ми причинуваше огромна радост. Исто како и за време на војната, секогаш кога патувачките надгледници и нивните жени го посетуваа нашето собрание, им го стававме нашиот дом на располагање. Мартен и Нел Каптајн, брачна двојка што служеше во патувачкото дело, дури и живееја кај нас 13 години! Кога Нел се разболе од смртоносна болест, имав предност три месеци да се грижам за неа дома пред да умре. Дружењето со нив и со драгите браќа и сестри од моето собрание ми помогна да уживам во духовниот рај во кој живееме уште денес.
Еден од најважните настани во мојот живот се случи во 1995 год., кога добив покана да присуствувам на комеморација во Равенсбрук. Таму се сретнав со сестри со кои бевме заедно во логорот и кои ги немав видено повеќе од 50 години! Тоа дружење беше трогателно и незаборавно, и ни даде прилика меѓусебно да се зајакнеме со надежта дека наскоро нашите најмили кои починале повторно ќе бидат меѓу нас.
Во Римјаните 15:4, апостол Павле вели дека „преку својата истрајност и преку утехата од Писмата... имаме надеж“. Му благодарам на Јехова за оваа надеж, која ми даде сила верно да му служам, дури и во неволји.
[Фуснота]
a Во тоа време, контактите со главното седиште беа прекинати, и затоа браќата ги решаваа случаите во врска со неутралноста најдобро што знаеја. Од таа причина, различни Сведоци различно реагираа по тоа прашање.
[Слика на страница 10]
Со Јап, во 1930 год.
[Слика на страница 10]
Нашата ќеркичка, Вили, на седум години
[Слика на страница 12]
Во 1995 год. присуствував на една трогателна средба. Јас седам во првиот ред, втора од лево