Поткрепена со довербата во Бог
РАСКАЖАЛА РАХЕЛ САКСИОНИ-ЛЕВИ
ДОДЕКА ЕДНА СТРАЖАРКА БЕЗ ПРЕСТАН МЕ УДИРАШЕ ПО ЛИЦЕТО ЗАТОА ШТО ОДБИВ ДА ИЗРАБОТУВАМ ДЕЛОВИ ЗА НАЦИСТИЧКИ БОМБАРДЕРИ, ДРУГА СТРАЖАРКА Ѝ РЕЧЕ: „МОЖЕШ И ДА ПРЕСТАНЕШ. ОВИЕ ‚БИБЕЛФОРШЕРИ‘ ЌЕ ОСТАВАТ ДА ГИ ПРЕТЕПАШ ДО СМРТ ЗА НИВНИОТ БОГ“.
ОВА се случи во декември 1944 во Бендорф, женски работен логор во близина на рудниците за сол во северна Германија. Да Ви објаснам како се најдов таму и како успеав да ги преживеам последните месеци од II светска војна.
Родена сум во еврејско семејство во Амстердам (Холандија) во 1908, и бев второто од три девојчиња. Татко ми беше брусач на дијаманти, како што беа и многу Евреи во Амстердам пред II светска војна. Тој умре кога имав 12 години и тогаш дедо ми дојде да живее со нас. Дедо ми беше побожен Евреин и се погрижи да бидеме воспитани во склад со еврејските традиции.
Следејќи ги стапките на татко ми, го научив неговиот занает и станав брусач на дијаманти, а во 1930 се омажив за еден колега. Имавме две деца — Силвин, живо и палаво момче, и Кари, која беше слатко, мирно девојче. За жал, нашиот брак не траеше долго. Во 1938, кратко по разводот, се омажив за Луи Саксиони, кој исто така беше брусач на дијаманти. Во февруари 1940 се роди нашата ќерка, Јохана.
Иако Луи беше Евреин, не беше активен во својата религија. Затоа повеќе не ги славевме еврејските празници што толку ме фасцинираа кога бев дете. Навистина ми недостигаа, но во срцето продолжив да верувам во Бог.
Ја менувам религијата
Во почетокот на 1940, годината кога Германците ја започнаа својата окупација на Холандија, на нашата врата дојде една жена и ми зборуваше за Библијата. Не разбрав многу од она што ми го кажа, но земав литература од неа секогаш кога ќе наминеше. Меѓутоа, не ја читав литературата што ми ја оставаше затоа што не сакав да имам никаква врска со Исус. Бев поучена дека тој е отпаднички Евреин.
Потоа, еден ден на мојата врата дојде еден човек. Му поставив прашања како што се: „Зошто Бог не создал други луѓе откако згрешиле Адам и Ева? Зошто има толкава беда? Зошто луѓето се мразат и војуваат?“ Тој ме увери дека, ако сум стрплива, ќе ми одговори на прашањата на темел на Библијата. И така, договоривме домашна библиска студија.
Сепак, се спротивставував на помислата дека Исус е Месијата. Но наскоро, откако се молев во врска со тоа, почнав да ги читам од Библијата пророштвата за Месијата, гледајќи ги во поинакво светло (Псалм 22:7, 8, 18; Исаија 53:1—12). Јехова ми овозможи да видам дека тие пророштва се исполниле на Исус. Мојот сопруг не беше заинтересиран за она што го учев, но не ме спречуваше да станам Јеховин сведок.
Се кријам — но сепак проповедам
Германската окупација на Холандија беше опасно време за мене. Не само што бев Еврејка, а Германците ги ставаа Евреите во концентрациони логори, туку бев и Јеховин сведок, религиозна организација што нацистите се обидуваа да ја уништат. Сепак, останав активна и минував во просек по 60 часа месечно кажувајќи им на другите за мојата новооткриена христијанска надеж (Матеј 24:14).
Една вечер во декември 1942, мојот сопруг не си дојде од работа. Испадна дека бил уапсен на работното место заедно со своите колеги. Никогаш повторно не го видов. Браќата Сведоци ме советуваа да се скријам со моите деца. Отседнав кај една христијанска сестра на другиот крај на Амстердам. Бидејќи беше премногу опасно сите четворица да останеме на истата адреса, морав да ги оставам децата кај други луѓе.
Честопати за влакно избегнував да бидам уапсена. Една вечер, со велоспиедот на еден Сведок одевме во ново скривалиште. Меѓутоа, светлото на велосипедот не работеше и нѐ запреа двајца холандски полицајци. Ги насочија батериските ламби во моето лице и лесно можеа да препознаат дека сум Еврејка. За среќа, само рекоа: „Поминете брзо — но пеш“.
Апсење и затвор
Едно утро во мај 1944, додека се подготвував да започнам со службата, бев уапсена — не затоа што бев Сведок туку затоа што бев Еврејка. Ме одведоа во еден затвор во Амстердам, каде што останав десет дена. Потоа, заедно со други Евреи, нѐ пренесоа со воз во транзитниот логор Вестерборк во североисточниот дел на Холандија. Оттаму Евреите беа однесени во Германија.
Во Вестерборк го сретнав девер ми и неговиот син, кој исто така беше уапсен. Јас бев единствениот Сведок меѓу Евреите и постојано го молев Јехова да ме поддржи. По два дена, девер ми, син му и јас се најдовме во еден товарен воз што требаше да замине или за Аушвиц или за Собибор, логори на смртта во Полска. Одеднаш некој го прозва моето име и бев одведена во друг воз — редовен патнички воз.
Во него беа и некои мои поранешни колеги што се занимаваа со обработка на дијаманти. Стотина брусачи на дијаманти беа транспортирани во Берген-Белзен, во северниот дел на Германија. Подоцна дознав дека мојот занает ми го спаси животот, затоа што Евреите што ги носеа во Аушвиц и Собибор обично одеа директно во гасните комори. Тоа се случи со мојот сопруг, со моите две деца и со други роднини. Меѓутоа, во тоа време не знаев што се случило со нив.
Во Берген-Белзен брусачите на дијаманти беа сместени во една специјална барака. За да ни се зачуваат рацете за деликатната работа, од нас не се бараше да работиме ништо друго. Јас бев единствениот Сведок во нашата група и смело им кажав на другите Евреи за мојата нова вера. Меѓутоа, тие ме сметаа за отпадник, исто како што го сметале и апостол Павле во првиот век.
Немав Библија и копнеев по духовна храна. Еден еврејски лекар во логорот имаше еден примерок и ми го даде во замена за неколку парчиња леб и малку путер. Поминав седум месеци со таа ‚дијамантска група‘ во Берген-Белзен. Со нас постапуваа релативно добро и затоа другите еврејски затвореници имаа непријателски чувства кон нас. Но, на крајот повеќе немаше дијаманти за да можеме да ги обработуваме. Затоа, на 5 декември 1944, заедно со 70-тина други Еврејки бев пренесена во женскиот работен логор Бендорф.
Одбивам да правам оружје
Во рудниците во близина на логорот, околу 400 метри под земја, затворениците изработуваа резервни делови за бомбардерите. Кога одбив да го работам тоа, добив неколку тешки удари (Исаија 2:4). Стражарката ми згрме дека ќе биде подобро да се подготвам за работа следниот ден.
Следното утро не се јавив на прозивката и останав во бараката. Бев сигурна дека ќе ме стрелаат, па затоа го молев Јехова да ме награди за мојата вера. Постојано си го повторував библискиот псалм: „Се надевам на Бога и нема да се плашам: што може да ми направи човек?“ (Псалм 56:11).
Ги пребараа бараките и ме изнесоа надвор. Потоа една од стражарките без престан ме удираше и ме праша: „Кој е тој што не ти дозволува да работиш?“ Секојпат одговарав дека тоа е Бог. Тогаш другата стражарка ѝ рече: „Можеш и да престанеш. Тие Бибелфоршериa ќе остават да ги претепаш до смрт за нивниот Бог“. Нејзините зборови многу ме зајакнаа.
Бидејќи чистењето на тоалетите се доделуваше како казна и беше најгнасната работа на која можев да помислам, се понудив да го работам тоа. Се израдував кога ја добив таа задача затоа што можев да ја вршам со чиста совест. Едно утро дојде командантот на логорот, од кого сите се плашеа. Застана пред мене и ми рече: „Ти ли си Еврејката што не сака да работи?“
„Како што гледате, работам“, одговорив.
„Но, нема да работиш за војната, нели?“
„Не“, одговорив. „Бог не го сака тоа.“
„Но, не би учествувала во убивање, така?“
Објаснив дека, ако учествувам во правењето оружје, ќе ја повредам мојата христијанска совест.
Ми ја зеде метлата и рече: „Можам да те убијам и со ова, зарем не?“
„О, се разбира“, одговорив јас, „но метлата не е направена за тоа. Пушката е.“
Зборувавме за тоа дека Исус бил Евреин и дека јас, иако сум Еврејка, сум станала Јеховин сведок. Кога замина, другите затвореници дојдоа кај мене, изненадени што имав храброст толку смирено да зборувам со командантот на логорот. Им реков дека тоа не е работа на храброст туку дека Бог ми даде сила.
Го преживувам крајот на војната
На 10 април 1945, кога Сојузниците се приближија до Бендорф, речиси цел ден моравме да стоиме за прозивка во дворот. Потоа, околу 150 жени бевме напикани во товарни возови, без храна ниту вода. Возовите заминаа во непознат правец и со денови патувавме натаму-наваму меѓу линиите на фронтот. Некои ги задавија другите затвореници за да има повеќе место во вагоните, а како резултат на тоа многу жени доживеаја нервен слом. Она што ме одржа беше довербата во Јеховината грижа.
Еден ден нашиот воз запре во близина на машкиот логор и ни беше дозволено да излеземе. На неколку од нас им дадоа кофи за да донесат вода од логорот. Кога дојдов до чешмата, прво јас долго пиев вода и потоа ја наполнив кофата. Кога се вратив, жените навалија на мене како диви животни. Сета вода се истури од кофата. Есесовците (членови на Хитлеровата елитна гарда) само стоеја и се смееја. По единаесет дена пристигнавме во Ајделштет, логор во околината на Хамбург. Околу половина од нашата група умреа поради суровите услови на патувањето.
Еден ден додека бевме во Ајделштет, на неколку жени им читав нешто од Библијата. Одеднаш, командантот на логорот застана крај прозорецот. Многу се исплашивме затоа што Библијата беше забранета книга во логорот. Командантот влезе, ја зеде Библијата и рече: „Значи, ова е Библија, а?“ Многу ми олесни кога ми ја врати со зборовите: „Ако умре некоја од жените, ќе мора да прочиташ наглас нешто од неа“.
Повторно заедно со другите Сведоци
По 14 дена, откако бевме ослободени, Црвениот крст нѐ одведе во едно училиште во близината на Малме (Шведска). Таму нѐ задржаа во карантин извесно време. Замолив една од негувателките да ги извести Јеховините сведоци дека сум во прифатилиштето за бегалци. По неколку дена некој го прозва моето име. Кога ѝ кажав на жената дека сум Сведок, таа се расплака. И таа беше Сведок! Откако се смири, ми рече дека Сведоците во Шведска секогаш се молеле за своите христијански браќа и сестри во нацистичките концентрациони логори.
Оттогаш, една сестра доаѓаше секој ден и ни носеше кафе и десерт. Откако излегов од прифатилиштето за бегалци, бев префрлена во едно место во близина на Гетеборг. Таму Сведоците организираа убав попладневен собир за мене. Иако не можев да ги разберам, бев многу радосна што повторно бев со моите браќа и сестри.
Додека бев во Гетеборг, добив писмо од еден Сведок во Амстердам со кое ме информираше дека моите деца Силвин и Кари, како и сите мои роднини, биле уапсени и никогаш не се вратиле. Преживеале само ќерка ми Јохана и мојата најмлада сестра. Неодамна ги видов имињата на мојот син и ќерка во списокот на Евреи што биле убиени во гасните комори во Аушвиц и Собибор.
Активност по војната
Кога се вратив во Амстердам и повторно бев заедно со Јохана, која тогаш имаше пет години, веднаш започнав пак да одам во служба. Понекогаш сретнував некои што беа членови на НСД, холандското национал-социјалистичко движење, политичка партија што соработуваше со Германците. Тие помогнаа во масовното убивање на речиси целото мое семејство. Морав да ги надминам негативните чувства за да им ја пренесувам и ним добрата вест за Божјето Царство. Постојано мислев на тоа дека Јехова е оној што го гледа срцето и дека тој донесува конечен суд, а не јас. Колку само бев благословена поради тоа!
Започнав библиска студија со една жена чиј сопруг беше в затвор затоа што соработувал со нацистите. Кога се качував по скалите на нивната куќа, чув како соседите велат: „Гледајте! Онаа Еврејка повторно ги посетува луѓето од НСД“. Но, и покрај големото противење од страна на нејзиниот антисемитски настроен сопруг што беше во затвор, оваа жена и нејзините три ќерки станаа Јеховини сведоци.
На моја радост, ќерка ми Јохана подоцна му го предаде својот живот на Јехова. Таа и јас се преселивме да служиме онаму каде што имаше поголема потреба од објавители на Царството. Уживавме многу духовни благослови. Сега живеам во едно гратче во јужна Холандија, каде што учествувам во делото на проповедање заедно со собранието онолку колку што можам. Кога ќе размислам за минатото, можам да речам дека Јехова никогаш не ме напушти. Секогаш чувствував дека Јехова и неговиот сакан Син, Исус, се со мене, дури и во најтешките моменти.
За време на војната го изгубив сопругот, двете деца и поголемиот дел од семејството. Меѓутоа, негувам надеж дека наскоро пак ќе ги видам во Божјиот нов свет. Кога сум сама и размислувам за она што го доживеав, со радост и благодарност мислам на зборовите на псалмистот: „Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува“ (Псалм 34:7).
[Фуснота]
a Во тоа време Јеховините сведоци во Германија беа познати под тоа име.
[Слика на страница 18]
Евреите од логорот во Вестерборг ги носат во Германија
[Извор на слика]
Herinneringscentrum kamp Westerbork
[Слика на страница 19]
Со моите деца Кари и Силвин, двете загинати во холокаустот
[Слика на страница 20]
Додека бевме во карантин во Шведска
[Слика на страница 20]
Привремена лична карта издадена за да се вратам во мојата татковина
[Слика на страница 21]
Со ќерка ми Јохана денес