Поддржана низ ужасни испити
РАСКАЖАЛА ЕВА ЈОЗЕФСОН
Една мала група се собравме во Ујпешта — област во Будимпешта (Унгарија) — заради еден краток состанок пред да одиме во христијанската служба. Беше тоа 1939, кратко пред почетокот на II светска војна, а проповедничкото дело на Јеховините сведоци во Унгарија беше забрането. Оние кои во тие денови учествуваа во јавното поучување за Библијата, честопати беа апсени.
БИДЕЈЌИ тоа ми беше првпат да учествувам во оваа активност, сигурно сум изгледала малку збунета и бледа. Еден постар христијански брат се сврте кон мене и ми рече: „Ева, никогаш не треба да се плашиш. Служењето на Јехова е најголемата чест што може да ја има еден човек“. Тие обѕирни и зајакнувачки зборови ми помогнаа да се одржам низ многуте ужасни испити.
Еврејска заднина
Јас бев најстарото дете од едно еврејско семејство со пет деца. Мајка ми не беше задоволна од јудаизмот, и почна да ги испитува другите религии. Така ја запозна Ерзабет Шлезингер, една друга Еврејка која исто така трагала по библиската вистина. Ерзабет ја доведе мајка ми во контакт со Јеховините сведоци и, како резултат на тоа, и јас длабоко се заинтересирав за библиските учења. Наскоро почнав да го споделувам со другите она што го учев.
Кога наполнив 18 години, летото 1941, го симболизирав моето предание на Јехова Бог преку крштавање во реката Дунав. Истовремено се крсти и мајка ми, но татко ми не ја споделуваше нашата новопронајдена христијанска вера. Набрзо после моето крштавање, направив планови да пионерам, т. е. да учествувам во полновремената служба. Ми беше потребен велосипед, па така почнав да работам во лабораторијата на една голема текстилна фабрика.
Почнуваат испити
Нацистите ја зазедоа Унгарија, и така фабриката каде што работев дојде под германска управа. Еден ден сите работници беа повикани да се појават пред надзорниците за да положат заклетва за приврзаност кон нацистите. Ни беше кажано дека пропустот да се стори тоа би имал сериозни последици. Во текот на церемонијата каде што беше побарано да го поздравиме Хитлер јас стоев со почитување, но не го извршив бараниот акт. Истиот ден бев повикана во канцеларијата, ми беше дадена мојата плата и бев отпуштена. Бидејќи тешко се наоѓаше работа, се прашував што ќе се случи со моите планови да пионерам. Меѓутоа, веќе следниот ден добив нова работа со уште подобра плата.
Сега, мојата желба да пионерам можеше да се реализира. Имав неколку пионерски партнерки, а последната ми беше Јулишка Осталош. Немајќи литература за нудење, во службата ја користевме само својата Библија. Кога ќе најдевме заинтересирани луѓе, правевме повторни посети и им позајмувавме литература.
Многупати Јулишка и јас моравме да го менуваме подрачјето каде што работевме. Така беше бидејќи свештеникот, откако ќе дознаеше дека ги посетуваме ‚неговите овци‘, ќе соопштеше во црквата дека, доколку бидат посетени од Јеховини сведоци, ќе мораат да го известат него или полицијата. Кога пријателски настроените луѓе ќе ни кажеа за таквото соопштение, ќе моравме да се преселиме на друго подрачје.
Еден ден Јулишка и јас посетивме едно младо момче кое покажа интерес. Се договоривме за повторна посета за да му позајмиме нешто за читање. Но, кога се вративме, таму беше полицијата и бевме уапсени и одведени во полициската станица во Дунаојварош. Момчето беше употребено како мамец за да нѐ фатат. Кога стигнавме во полициската станица, таму видовме еден свештеник па знаевме дека и тој е вклучен.
Мојот најлош испит
Таму во полициската станица ми беше избричена цела коса, и морав да стојам гола пред околу десетина полицајци. Ме сослушуваа, сакајќи да дознаат кој е нашиот водач во Унгарија. Објаснив дека ние немаме друг водач освен Исус Христос. Потоа, безмилосно ме тепаа со своите пендреци, но јас не ги издадов моите христијански браќа.
После тоа, ми ги врзаа нозете и ми ги држеа рацете над главата, а потоа и нив ги врзаа. Тогаш, еден по еден, ме силуваа, сите освен еден полицаец. Бев толку цврсто врзана што и после три години сѐ уште имав белези на зглобовите на рацете. Бев толку брутализирана што две седмици ме држеа во еден подрум додека некако се залечија најтешките повреди.
Период на олеснување
Подоцна ме однесоа во еден затвор во Наѓканижа, каде што имаше многу Јеховини сведоци. Следеа две релативно среќни години и покрај нашето затворање. Тајно ги одржувавме сите наши состаноци и, помалку или повеќе, функциониравме како собрание. Имавме и многу прилики за неформално сведочење. Во тој затвор ја запознав Олга Шлезингер, телесна сестра на Ерзабет Шлезингер, жената која мајка ми и мене нѐ запозна со библиската вистина.
Кон 1944, нацистите во Унгарија решија да ги ликвидираат унгарските Евреи, токму како што систематски ги убиваа во другите окупирани подрачја. Еден ден, дојдоа по Олга и мене. Бевме начичкани во еден вагон за стока и, после едно многу тешко патување низ Чехословачка, стигнавме до нашата дестинација во јужна Полска — смртниот логор Аушвиц.
Преживување во Аушвиц
Кога бев со Олга, се чувствував безбедна. Таа можеше да биде комична дури и во испитувачки ситуации. Кога пристигнавме во Аушвиц, се појавивме пред озлогласениот д-р Менгеле, чија задача беше да ги одвои новопристигнатите кои не беа погодни од оние кои беа способни за работа. Непогодните беа испратени во гасни комори. Кога беше нашиот ред, Менгеле ја запраша Олга: „Колку години имаш?“
Смело и со комичен одблесок во своите очи, таа одговори: „20“. Всушност имаше двапати повеќе. Но, Менгеле се насмеа и ѝ дозволи да оди на десната страна и така да остане жива.
Сите затвореници во Аушвиц беа означени со симболи на нивната затворска униформа — Евреите ја имаа Давидовата ѕвезда, а Јеховините сведоци го имаа пурпурниот триаголник. Кога сакаа на нашите облеки да ја сошијат Давидовата ѕвезда, им објаснивме дека ние сме Јеховини сведоци и дека сакаме пурпурен триаголник. Тоа не беше затоа што се срамевме поради нашето еврејско потекло, туку затоа што сега бевме Јеховини сведоци. Се обидоа да нѐ присилат да го прифатиме еврејскиот амблем со тоа што нѐ клоцаа и нѐ тепаа. Но, ние бевме цврсти сѐ додека не нѐ признаа како Јеховини сведоци.
Со текот на времето, се сретнав со сестра ми Елвира која беше три години помлада од мене. Целото наше седумчлено семејство беше одведено во Аушвиц. Само Елвира и јас бевме прифатени како погодни за работа. Татко ми, мајка ми и нашите тројца браќа и сестри умреа во гасните комори. Тогаш Елвира не беше Сведок и затоа не останавме во истиот дел од логорот. Таа преживеа, имигрираше во Соединетите Држави, стана Сведок во Питсбург (Пенсилванија) и подоцна, во 1973, умре.
Преживување во други логори
Зимата 1944/1945, Германците решија да го евакуираат Аушвиц бидејќи се приближуваа Русите. Така бевме преместени во Берген—Белзен, во северниот дел од Германија. Кратко после нашето пристигнување, Олга и јас бевме испратени во Брауншвајг. Тука од нас се очекуваше да помагаме при расчистувањето на рушевините после силните бомбардирања од страна на Здружените сили. Олга и јас дискутиравме за тоа. Бидејќи не бевме сигурни дали таа работа би ја прекршила нашата неутралност, обете одлучивме да не учествуваме во неа.
Нашата одлука предизвика прилично раздвижување. Нѐ истепаа со кожни камшици и потоа нѐ одведоа пред еден стрелечки вод. Ни беше дадена една минута да размислиме за таа работа и ни беше кажано дека, доколку не го смениме мислењето, ќе нѐ стрелаат. Ние рековме дека воопшто не ни треба време да размислуваме за тоа, зашто ние се решивме. Но, бидејќи не беше присутен командирот на логорот, а тој беше единствениот кој имаше авторитет да даде наредба за погубување, нашето погубување мораше да се одложи.
Во меѓувреме, бевме присилени да стоиме во дворот на логорот преку целиот ден. Нѐ чуваа по двајца вооружени војници, кои се менуваа на секои два часа. Не ни даваа никаква храна и страшно страдавме поради студот, бидејќи беше февруари. Помина една седмица од тој третман, но командирот не се појави. Затоа, нѐ натоварија во еден камион и, на наше изненадување, се најдовме назад во Берген—Белзен.
Дотогаш, Олга и јас бевме веќе во ужасна состојба. Го загубив поголемиот дел од косата и имав висока температура. Можев по малку да работам и тоа само со најголем напор. Ретката супа од зелка и малото парче леб секој ден, не беа доволни. Но, моравме да работиме бидејќи оние кои не можеа, беа погубувани. Германските сестри кои работеа со мене во кујната ми помагаа по малку да се одморам. Кога доаѓаа чуварите кои правеа проверка, сестрите ќе ме предупредеа, па така ќе застанев крај работната маса, изгледајќи како да сум работливо зафатена.
Еден ден, Олга просто немаше сила да отиде до нејзиното работно место и, после тоа, повеќе не ја видовме. Изгубив една смела пријателка и другарка, таа која ми беше од голема помош во текот на тие тешки месеци во логорите. Како помазан следбеник на нашиот Господ Исус Христос, таа сигурно веднаш ја добила својата небесна награда (Откровение 14:13).
Пуштање и животот после тоа
Кога во мај 1945 заврши војната и дојде ослободувањето, јас бев толку слаба што не можев да се радувам на тоа што јаремот на угнетувачите најпосле беше здробен; ниту, пак, можев да им се придружам на конвоите кои ги носеа ослободените до земјите кои беа спремни да ги примат. Три месеци останав во една болница за повторно да добијам сила. После тоа бев однесена во Шведска, која стана мој нов дом. Веднаш стапив во контакт со моите христијански браќа и сестри и, со текот на времето, продолжив со скапоценото богатство — службата на теренот.
Во 1949 се омажив за Ленарт Јозефсон, кој со години служел како патувачки надгледник на Јеховините сведоци. И тој бил затворан во текот на II светска војна како резултат на тоа што ја задржал својата вера. Нашиот заеднички живот го започнавме како пионери на 1 септември 1949, и бевме доделени да служиме во градот Борос. Таму во текот на нашите први години, секоја седмица редовно водевме по десет библиски студии со заинтересирани лица. Ја имавме радоста да видиме како собранието во Борос за девет години прерасна во три, а сега таму има пет собранија.
Не можев долго да останам како пионер бидејќи во 1950 станавме родители на ќеркичка, а после две години и на синче. Така, ја имав прекрасната предност да ги поучувам нашите деца за драгоцената вистина за која драгиот брат од Унгарија ме поучи кога имав само 16 години, имено: „Служењето на Јехова е најголемата чест што може да ја има еден човек“.
Осврнувајќи се на мојот живот, увидувам дека ја доживеав вистинитоста на она што го напишал ученикот Јаков кога нѐ потсетил на Јововата истрајност: „Јехова е многу нежен во наклоноста и милостив“ (Јаков 5:11, NW). Иако премногу поднесов ужасни испити, богато сум благословена со две деца, со нивните сопружници и со шест внучиња — и сите тие се Јеховини обожаватели. Освен тоа, имам многу, многу духовни деца и внучиња, од кои некои служат како пионери и мисионери. Сега, мојата голема надеж е да ги сретнам моите драги кои спијат во смрт и да ги прегрнам кога ќе станат од нивните спомен-гробови (Јован 5:28, 29).
[Слика на страница 31]
Во служба во Шведска после II светска војна
[Слика на страница 31]
Со мојот сопруг