Животна приказна
Иако сум слаб, сепак сум моќен
РАСКАЖАЛ ЛЕОПОЛД ЕНГЛАЈТНЕР
Есесовецот го извади пиштолот, ми го впери во главата и ме праша: „Спремен си да умреш? Ќе те убијам. Ти си безнадежен случај“. „Спремен сум“, одговорив, обидувајќи се да звучам смирено. Ги затворив очите, стиснав заби, и чекав да го притисне шкрапалото на пиштолот — но ништо. „Ти си толку глупав, што навистина би умрел!“, извика и го тргна пиштолот од мојата слепоочница. Како се најдов во оваа очајна ситуација?
РОДЕН сум на 23 јули 1905 година во градот Ајген-Фогелхуб, сместен на австриските Алпи. Татко ми беше мелничар а мајка ми ќерка на фармери. Јас им бев прво дете. Беа сиромашни но вредни луѓе. Израснав во Бад Ишл, во близина на Салцбург, меѓу живописните езера и планински врвови чија убавина го одзема здивот.
Како дете, честопати размислував за тоа колку животот е неправеден, не само затоа што бевме сиромашни туку и затоа што имав вродено искривување на ‘рбетниот столб. Ова ми причинуваше толкава болка во грбот што ми беше скоро невозможно да стојам исправено. На училиште не ми беше дозволено да учествувам на часови по физичко и така станав мета на исмејување од соучениците.
На крајот на Првата светска војна, кога имав скоро 14 години, сфатив дека е време да побарам работа за да се спасам од сиромаштијата. Цревата постојано ми кркореа од глад, а многу ме ослабна и високата температура што ја добив кога заболев од шпанскиот грип од кој умреа милиони луѓе. „А што фајде ќе имаме од едно толку слабо момче како тебе?“, беше најчесто одговорот на фармерите кога ќе побарав да работам кај нив. Сепак, еден љубезен фармер ме прими на работа.
Дознавам за Божјата љубов
Иако мајка ми беше ревносен католик, јас ретко одев в црква, главно поради тоа што татко ми беше полиберален во однос на религијата. Не ми беше пријатно обожавањето на ликови, кое е нешто сосема вообичаено во Римокатоличката црква.
Еден ден, во октомври 1931 година, еден пријател ме викна да одиме заедно на религиозен состанок што го одржуваа Библиските студенти, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци. Таму добив библиски одговори на многу важни прашања како, на пример: Дали Бог го одобрува обожавањето на ликови? (Излез 20:4, 5). Постои ли огнен пекол? (Проповедник 9:5). Ќе има ли воскресение на мртвите? (Јован 5:28, 29).
Она што ми остави најсилен впечаток беше фактот дека Бог не ги одобрува крволочните војни, без оглед на тоа што луѓето тврдат дека ги водат во Негово име. Дознав дека „Бог е љубов“ и дека има возвишено име, Јехова (1. Јованово 4:8; Излез 34:5, 6). Бев воодушевен кога дознав дека Божјето Царство ќе овозможи луѓето засекогаш да живеат среќно во рај што ќе се протега на целата Земја. Исто така дознав дека на некои несовршени луѓе што се избрани од Бог им е дадема прекрасна прилика да владеат со Исус во Божјето небесно Царство. Бев спремен да сторам сѐ за тоа Царство. Затоа, во мај 1932 година се крстив и станав Јеховин сведок. За еден ваков чекор беше потребна храброст, бидејќи во тоа време, во строго католичката Австрија преовладуваше религиозна нетолеранција.
Се соочувам со презир и противење
Моите родители беа шокирани кога се испишав од црквата, а свештеникот веднаш ја рашири веста од проповедалницата. Соседите плукаа на земјата пред мене за да го покажат својот презир. И покрај сѐ, јас бев решен да станам полновремен проповедник, и почнав со пионерска служба во јануари 1934 година.
Поради силното влијание што го стекнуваше нацистичката партија во нашата област, политичката состојба стануваше сѐ понапната. Додека служев како пионер во Долината на Енс во Штајерска, полицијата постојано ми беше зад петици и морав да бидам ‚претпазлив како змија‘ (Матеј 10:16). Од 1934 до 1938 година, прогонството стана неразделен дел од моето секојдневие. Иако бев невработен, државата одби да ми дава социјална помош, а поради тоа што проповедав, бев осуден и на неколку кратки и четири подолги затворски казни.
Трупите на Хитлер ја окупираат Австрија
Во март 1938 година, трупите на Хитлер влегоа во Австрија. За само неколку дена, над 90.000 луѓе — околу 2 проценти од возрасното население — беа уапсени и пратени во затвори и концентрациони логори, под обвинение дека му се противат на нацистичкиот режим. Јеховините сведоци беа донекаде подготвени за она што следуваше. Во летото 1937 година, неколку члена од моето собрание патуваа на велосипеди до Прага, поминувајќи 350 километри за да присуствуваат на еден меѓународен конгрес. Таму слушнаа за ѕверствата што беа извршени врз соверниците во Германија. Очигледно, сега ни беше дојден редот нам.
Од денот кога трупите на Хитлер стапнаа на австриска територија, Јеховините сведоци беа принудени да ги одржуваат состаноците и да проповедаат во тајност. Иако преку границата со Швајцарија тајно се внесуваше библиска литература, немаше доволно за сите. Затоа сохристијаните во Виена произведуваа литература во тајност. Честопати служев како курир и им ги доставував публикациите на Сведоците.
Во концентрационен логор
На 4 април 1939 година, додека го одбележувавме Меморијалот на Христовата смрт во Бад Ишл, јас и тројца сохристијани бевме уапсени од страна на Гестапо. Сите бевме однесени со кола во државната полициска станица во Линц. Тоа ми беше првпат да се возам во автомобил, но бев премногу загрижен за да уживам во возењето. Во Линц ме подложија на низа мачни и болни испрашувања, но не се откажав од мојата вера. Пет месеци подоцна, бев изведен пред истражниот судија на Горна Австрија. Меѓутоа, неочекувано, кривичните обвиненија против мене беа повлечени. Сепак, тоа не беше крај на моето премреже. Во меѓувреме, другите тројца беа пратени во концентрационен логор, каде што и умреа, останувајќи верни до крајот.
Ме задржаа во притвор и на 5 октомври 1939 година бев известен дека ќе бидам преместен во концентрациониот логор Бухенвалд во Германија. На железничката станица во Линц за нас затворениците имаше посебен воз. Во товарните вагони имаше прегради во кои можеа да влезат само две лица. Мојот сопатник беше лично поранешниот гувернер на Горна Австрија, д-р Хајнрих Глајснер.
Со него започнав интересен разговор. Беше искрено заинтересиран за мојата тешка ситуација и беше шокиран што, уште во времето кога тој служел како гувернер, Јеховините сведоци се соочувале со безброј законски проблеми во неговата област. Со жалење ми рече: „Господине Енглајтнер, не можам да го исправам лошото што ви беше сторено, но сакам да се извинам. Очигледно нашата влада не постапи праведно во вашиот случај. Ако некогаш ви е потребна помош, на драго срце ќе сторам сѐ што можам за вас“. Се сретнавме пак по војната. Тој ми помогна да добијам владина пензија за жртвите на нацизмот.
„Ќе те убијам“
На 9 октомври 1939 година, пристигнав во концентрациониот логор Бухенвалд. Кратко потоа главниот чувар беше известен дека меѓу новодојдените има еден Сведок, и јас станав негова главна мета. Безмилосно ме претепа. Потоа, кога сфати дека не може да ме натера да се откажам од мојата вера, ми рече: „Ќе те убијам, Енглајтнер. Но, пред да го сторам тоа ќе ти дозволам да им напишеш неколку проштални реда на твоите родители“. Размислував какви зборови на утеха да им напишам на моите, но штом ќе го ставев пенкалото на листот, тој ме удираше во десниот лакт, така што само ќе направев чкртаница. А есесовецот се подбиваше: „Каков идиот! Не може да напише ни два прави реда. Но, тоа сепак не го спречува да ја чита Библијата, а?“
Го извади пиштолот и ми го впери во главата за да ме натера да поверувам дека ќе пука, како што раскажав во почетокот. Потоа ме бутна во една мала, пренатрупана ќелија. Морав да ја поминам ноќта на нозе. Но, и така немаше да можам да спијам бидејќи целото тело ме болеше. „Каква штета да се умре за некаква глупава религија!“, беа единствените зборови на „утеха“ од останатите затвореници во ќелијата. Д-р Глајснер беше во соседната ќелија. Тој слушна што се случи и со замислен глас рече: „Прогонството на христијаните повторно си го покажува своето грдо лице!“
Еден неделен ден во летото 1940 година, на сите затвореници им беше заповедано да се јават на работа во каменоломот, иако обично не се работеше во недела. Ова беше казнена мерка поради „лошото поведение“ на некои од затворениците. Ни беше наредено да носиме големи камења од каменоломот до логорот. Додека двајца од затворениците се обидуваа да ми стават еден огромен камен на грбот, скоро паднав под него, толку беше тежок. Меѓутоа, неочекувано ми дојде на помош Артур Родл, лагерфирерот (надгледник на логорот) чие име сееше страв кај сите. Кога виде колку се мачам да го носам каменот, ми рече: „Никогаш нема да стигнеш до логорот со тој камен на грбот! Остави го веднаш!“ Со олеснување ја послушав наредбата. Тогаш покажа кон еден многу помал камен, и рече: „Земи го овој и однеси го во логорот. Ќе ти биде полесно“. Потоа се сврте кон нашиот надгледник, и нареди: „Пушти ги Библиските студенти назад во бараките. Работеа доволно за денес!“
На крајот на секој работен ден, бев среќен што можев да бидам во друштвото на моето духовно семејство. Имавме договорено како да си доставуваме духовна храна. Еден брат ќе напишеше библиски стих на едно парче хартија и ќе го подадеше на другите. Успеавме тајно да внесеме и Библија во логорот. Ја поделивме на одделни книги. Цели три месеци кај мене беше книгата Јов. Ја криев во чорапите. Извештајот за Јов ми помогна да останам цврст.
Конечно, на 7 март 1941 година, заедно со еден голем конвој бев префрлен во концентрациониот логор Нидерхаген. Мојата состојба од ден на ден стануваше сѐ полоша. Еден ден, мене и на уште двајца други браќа ни беше наредено да пакуваме некој алат во сандаци. Потоа се вративме во бараките заедно со една друга група затвореници. Еден од војниците забележа дека малку заостанувам. Толку се разбесни што без никакво предупредување силно ме клоцна одзади, и ми нанесе тешка повреда. Болката беше неподнослива, но и покрај тоа следниот ден пак се јавив за работа.
Неочекувано ослободување
Во април 1943 година логорот Нидерхаген конечно беше евакуиран. По тоа, бев преместен во логорот на смртта Равенсбрук. Во јуни 1943 година, неочекувано ми се даде прилика да излезам од концентрациониот логор. Овој пат, условот за излегување не беше да се откажам од мојата вера. Само требаше да се согласам да работам принудно на една фарма до крајот на животот. Бев спремен да го направам тоа за да се спасам од ужасите на логорот. Отидов на последен преглед кај логорскиот доктор. Тој беше изненаден што ме гледа. „Па ти сѐ уште си Јеховин сведок!“, извика. „Да, хер доктор“, одговорив. „Во тој случај, не гледам зошто да те пуштиме. Од друга страна, ќе биде вистинско олеснување да се отарасиме од едно такво бедно суштество како тебе!“
Овој негов опис воопшто не беше претерување. Здравјето ми беше во многу лоша состојба. Наместа кожата ми беше изедена од вошки, од тепањето оглувев на едното уво, а целото тело ми беше прекриено со гнојливи рани. По 46 месеци крајна беда, постојано гладување и исцрпувачка работа, тежев само 28 килограми. Во ваква состојба ме пуштија од Равенсбрук, на 15 јули 1943 година.
Ме качија на воз и ме пратија во родниот град без стражар со мене. Кога пристигнав, се јавив во седиштето на Гестапо во Линц. Офицерот на Гестапо ми ја даде отпусницата и ме предупреди: „Ако мислиш дека те пуштаме за да продолжиш со твоите илегални активности, во тешка заблуда си! Ако пак те фатиме да проповедаш, никој жив нема да те спаси“.
Конечно бев дома! Мајка ми немаше променето ништо во мојата соба од моментот кога бев уапсен на 4 април 1939 година. Дури и Библијата ми стоеше отворена на масичето до креветот! Клекнав на колена и од срце му се заблагодарив во молитва на Бог.
Наскоро бев доделен да работам на една фарма во планините. Фармерот, еден пријател од детството, дури и ми даваше мала плата иако не мораше да го прави тоа. Пред војната, овој пријател ми дозволи да скријам некои библиски публикации на неговиот имот. Бев среќен што можам да го искористам тоа мало складиште на литература за да закрепнам духовно. Сите потреби ми беа задоволени, и бев решен да го дочекам крајот на војната на таа фарма.
Се кријам во планините
Меѓутоа, тие мирни денови на слобода траеја кратко. Во средината на август 1943 година, ми беше наредено да се јавам на медицински преглед кај воен доктор. Тој прво изјави дека не сум способен за активна служба поради деформацијата на ‘рбетот. Меѓутоа, по една седмица, истиот тој доктор го преиначи лекарскиот наод кој сега гласеше: „Способен за активна служба во првите редови на фронтот“. Извесно време ѝ се криев на војската, но на 17 април 1945 година, кратко пред крајот на војната, конечно успеа да ме пронајде. Бев регрутиран за фронт.
Со само малку храна, облека и Библијата, побегнав за да побарам засолниште во блиските планини. Во почетокот можев да спијам на отворено, но времето нагло се влоши и падна половина метар снег. Бев жива вода. Некако стигнав до една планинска колиба на скоро 1.200 метри надморска височина. Тресејќи се од студ, успеав да запалам оган во огништето и така се згреав и си ја исушив облеката. Преморен, заспав на една клупа пред огништето. Но, за кратко време ме разбуди силна болка. Облеката ми беше во пламен! Се стркалав по подот за да ги изгаснам пламењата. Целиот грб ми беше покриен со плускавци.
Иако беше многу опасно, пред да зазори се спуштив до фармата на планината, но жената на фармерот беше толку исплашена што не сакаше да ме прими велејќи дека е испратена потера по мене. Така отидов кај родителите. Во почетокот и тие се колебаа дали да останам кај нив, но на крајот ми дозволија да спијам во плевната, а мајка ми ми ги негуваше раните. Но, и двајцата беа толку напнати поради моето присуство, што по два дена решив дека е најдобро пак да се сокријам во планините.
На 5 мај 1945 година, ме разбуди силна врева. Ги здогледав авионите на Сојузниците што летаа многу ниско. Во тој миг знаев дека режимот на Хитлер падна! Јеховиниот дух ме зајакна да ги издржам сите тие неверојатни страдања. Ја почувствував на своја кожа вистинитоста на зборовите од Псалм 55:22 (NW), кои толку многу ме утешија уште во почетокот на моите искушенија. Го ‚фрлив своето бреме на Јехова‘ и, иако бев физички слаб, тој ме поддржа додека одев низ „долината на смртната сенка“ (Псалм 23:4).
Јеховината сила „се усовршува во слабост“
По војната, животот полека се врати во нормала. Во почетокот работев како наемник на планинската фарма на мојот пријател. Дури откако во април 1946 година интервенираа окупациските војски на Соединетите Држави, бев ослободен од мојата доживотна обврска да работам принудно на поле.
На крајот на војната, христијаните во Бад Ишл и во околната област почнаа редовно да одржуваат состаноци. Почнаа да проповедаат со обновен жар. Јас добив понуда да работам како ноќен чувар во една фабрика и така можев да продолжам со пионерската служба. На крајот, се преселив во областа Санкт Волфганг, и во 1949 се оженив со Терезија Курц, која имаше ќерка од претходниот брак. Бевме заедно 32 години, сѐ до 1981 година, кога мојата драга жена почина. Се грижев за неа повеќе од седум години.
По смртта на Терезија продолжив со пионерската служба, и тоа многу ми помогна да го надминам огромното чувство на загуба. Моментално служам како пионер и како старешина во моето собрание во Бад Ишл. Бидејќи сум во инвалидска количка, нудам библиска литература и разговарам со луѓето за надежта за Царството во паркот во Бад Ишл или пред мојата куќа. Убавите библиски разговори што ги водам ми се извор на голема радост.
Кога размислувам за минатото, со сигурност можам да речам дека страшните искуства низ кои бев принуден да поминам не ме огорчија. Секако, имаше периоди кога се чувствував многу обесхрабрен поради искушенијата. Сепак, блискиот и срдечен однос со Јехова Бог ми помогна да ги надминам тие тешки моменти. Неговиот совет до Павле, „Мојата сила се усовршува во слабост“, се покажа вистинит и во мојот живот. Сега, на возраст од околу 100 години, можам да го кажам истото што го рекол и апостол Павле: „Наоѓам задоволство во слабости, во навреди, во нужди, во прогонства и тешкотии за Христос. Зашто кога сум слаб, тогаш сум моќен“ (2. Коринќаните 12:9, 10).
[Слики на страница 25]
Уапсен од Гестапо, април 1939 година
Документ со обвиненија на Гестапо, мај 1939 година
[Извор на слика]
Двете слики: Privatarchiv; B. Rammerstorfer
[Слика на страница 26]
Најдов засолниште во блиските планини
[Извор на слика на страница 23]
Foto Hofer, Bad Ischl, Austria