Една неверојатна книга и нејзиниот непокор
‚Библијата е единствената книга која наишла на толкав отпор, а сепак го преживеала секој напад, колку и да бил силен, вешт или добро осмислен.‘
ЗОШТО Библијата заслужува да ѝ обрнеме внимание? Една причина е тоа што таа тврди дека содржи порака од Бог за луѓето (2. Тимотеј 3:16). Ако е така, тогаш замисли колку би пропуштиле доколку не ја читаме.
Друга причина зошто да ѝ обрнеме внимание на Библијата е тоа што таа е една од најстарите книги што постојат, а воедно и најпреведуваната и најраспространетата. Таа е најпродаваната книга на сите времиња, а секоја година и понатаму е на врвот на листата со бестселери.
Овие факти за Библијата — нејзината содржина, старост и распространетост — се уште поимпресивни ако се земе предвид колку многу обиди имало низ вековите таа да биде уништена. ‚Библијата е единствената книга која наишла на толкав отпор, а сепак го преживеала секој напад, колку и да бил силен, вешт или добро осмислен‘, рекол Алберт Барнс, теолог од 19 век.
Истиот писател забележал дека луѓето обично се интересираат за сѐ што опстојува и покрај постојани жестоки напади. „Но ниту една војска не извојувала толку битки како Библијата“, продолжил Барнс, „ниту еден древен бедем не издржал толку опсади и не попуштил пред ударите на војните и пред забот на времето. И ниту една карпа не била заплискувана од толку многу бранови, без да се помести.“
Многу древни записи исчезнале, биле уништени или едноставно паднале во заборав. Но Библијата, и покрај жестоките напади, опстанала до ден-денес. Некои луѓе, дури и по цена на својот живот, дале сѐ од себе за секој да може да ја чита. Други, пак, им ја оттргнувале од раце на луѓето што сакале да ја читаат и јавно ја спалувале и неа и оние што ја поседувале.
Зошто оваа книга била толку сакана, а во исто време и толку омразена? Какви сѐ битки преживеала? Кој пробал да ја уништи? Што е уште поважно, зошто опстанала? И зошто нејзината порака е важна за тебе? Овие прашања ќе бидат одговорени во следните статии.
[Табела/слики на страници 2 и 3]
(Види во публикацијата)
ВРЕМЕНСКА ЛИНИЈА НА БИБЛИЈАТА
1513 пр.н.е.-о.98 од н.е. Библијата е пишувана на хебрејски, арамејски и грчки
100 Полесна за носење — добива облик на книга
405 Ероним ја преведува на латински
1380 Виклиф ја преведува од латински на англиски
1455 Гутенберг ја печати првата Библија
1525 Тиндејл ја преведува на англиски
1938 Отпечатена на преку 1.000 јазици
2011 Достапна на преку 2.500 јазици