Терезинската тврдина — немоќна пред страдањата
НА ПОЛПАТ меѓу Дрезден и Прага се наоѓа градот Терезиенштад (или Терезин). Во градот има и огромна тврдина со масивни бедеми. Била изградена за да го спречи навлегувањето на непријателските војски во земјата и за да ги штити жителите на околните места.
Наредбата за изградба на тврдината ја дал Јосиф II, крал на Германија и цар на Светото Римско Царство, кој бил присутен и кога се бирала локацијата и кога бил поставен камен-темелникот кон крајот на 1780 год. Тврдината ја подигнал во чест на мајка си, царицата Марија Терезија, и затоа го добила германското име Терезиенштад, што значи „Терезиин град“.a Се вели дека во една фаза од изградбата, на тврдината работеле дури 14.000 луѓе. Поголемиот дел од работите биле завршени за четири години.
Терезинската тврдина била завршена во 1784 год. Таа била најголемата тврдина во земјите со кои владееле Хабсбурговците. При нејзината изградба се користеле најсовремените градежни техники во тоа време. Но, уште пред да биде довршена, дошло до драстична промена во тактиките и стратегиите на војувањето.
На пример, кога некоја војска ќе нападнела земја, повеќе не ги опсадувала замоците, туку ги напаѓала и ги пљачкосувала околните села. Како резултат на тоа, во 1888 год., Терезинската тврдина го изгубила својот статус како воено упориште. Нејзините широки надворешни бедеми биле преуредени во прекрасни паркови со убави патеки и клупи.
Тврдина и град
Терезинската тврдина била изградена да служи како утврден град. Зад нејзините огромни бедеми имало станбени згради за војниците и нивните семејства и за други цивили.
Веднаш до главното утврдување имало помала тврдина која служела како воен затвор. Во почетокот на 19 век, во неа биле затворани политичките противници на Хабсбуршката монархија. Околу 100 години подоцна, во неа биле затворени и момчињата што во 1914 год. биле вмешани во атентатот на надвојводата Франц Фердинанд во Сараево. Биле поштедени од смртна казна затоа што имале помалку од 20 години. Но, за кратко време, повеќето од нив умреле во затворот. Биле мачени, а некои полуделе. Гаврило Принцип кој, всушност, го повлекол чкрапалото, умрел во тој затвор додека сѐ уште беснеела Првата светска војна.
Малата Тврдина била еден од најозлогласените затвори во Австро-Унгарија. Затворениците често биле ставани во тешки окови и биле чувани во студени, влажни зандани. Во текот на Втората светска војна, тврдината видела уште поужасни злодела.
„Терезинска бања“
Откако нацистите ја нападнале и ја окупирале територијата на денешна Република Чешка, во 1941 год. почнале да носат Евреи во главната тврдина. Нацистите го претвориле градот Терезиенштад во еврејско гето. Тврделе дека тоа е неопходно за да не дојде до судири меѓу еврејското и нееврејското население. Иако во јавноста градот бил прикажан како бањско место од затворен тип каде што Евреите можеле да се лекуваат, нацистите тајно планирале да ги истребат сите Евреи.
Во источниот дел од Европа, нацистите веќе имале подигнато логори на смртта во кои постепено биле транспортирани и убивани Евреите од Терезиенштад и од други места.b Иако уште од средината на 1930-тите се знаело дека постојат такви логори, нацистичката пропаганда ги прикажувала само како казнено-поправни установи. Меѓутоа, имало сѐ повеќе извештаи за ужасните услови во нив. Од таа причина, нацистичките функционери се нашле под притисок да дадат отчет. Затоа, смислиле план како да ѝ ги замачкаат очите на меѓународната јавност. Што направиле?
За време на Втората светска војна, во 1944 и во 1945 год., претставници на Меѓународниот Црвен крст биле поканети да направат инспекција на главната тврдина за самите да видат што се случува таму. Меѓутоа, за да создадат слика дека тврдината е обично бањско место, нацистите се зафатиле со „разубавување“ на гетото.
Наместо бројките што ги означувале блоковите, улиците добиле убави имиња. Биле направени лажна банка, детска градинка и продавници. Во центарот на гетото било отворено дури и кафуле. Фасадите на куќите биле поправени, паркот бил среден, а бил изграден и павилјон од каде што еден оркестар ги забавувал шетачите.
Откако завршиле со „разубавувањето“, нацистите поканиле претставници на Црвениот крст на обиколка. На делегатите им било дозволено да разговараат со членови на еврејската „самоуправна власт“. Но, тие луѓе биле внимателно избрани и одговарале на прашањата онака како што биле научени од нацистите. Црвениот крст направил инспекција во две прилики во кои нацистите успеале со својата измама. Во своите извештаи, делегатите на Црвениот крст дале погрешна проценка дека Терезиенштад е обичен еврејски град чии жители имаат убав живот. Кога делегатите си заминале од градот, ѕидовите на гетото повторно станале сведоци на страдањата, гладот и смртта на Евреите, а само малкумина го дочекале крајот на војната.
Малата Тврдина
Нацистите ја користеле и Малата Тврдина како затвор. Условите биле исти како во концентрационите логори. За мнозина од десетиците илјади мажи и жени што биле затворени во неа, таа била само попатна станица на нивното патување кон некој од поголемите логори на територијата на германскиот Рајх.
Најмалку 20 Јеховини сведоци од Прага, Плзењ и други делови на Чешка биле затворени во Малата Тврдина. За какво злосторство биле затворени? Одбиле да им дадат поддршка на нацистите и останале неутрални во поглед на политиката. И покрај тоа што нивното дело било забрането, Сведоците продолжиле да им ја пренесуваат на другите добрата вест од Библијата. Единствената причина зошто биле прогонувани била нивната религија, а некои од нив дури биле погубени или мачени до смрт.
Поука за нас
Библијата вели: „Немајте доверба во достоинствениците, ниту во некој друг земен човек, од кого нема спасение! Духот му излегува, и тој се враќа во својот прав — во тој ден пропаѓаат неговите мисли“ (Псалм 146:3, 4). Терезинската тврдина е жив доказ за вистинитоста на овие зборови.
[Фусноти]
a Марија Терезија е мајка и на Марија Антоанета, која станала кралица на Франција.
b Нешто повеќе можеш да прочиташ во хрватското издание на Разбудете се! од 22 август 1995, страници 3-15 и во англиското издание на Разбудете се! од 8 април 1989, страници 3-20.
[Рамка на страница 20]
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ВО МАЛАТА ТВРДИНА
Повеќето Јеховини сведоци затворени во Терезиенштад прво биле испрашувани во штабот на Гестапо во Прага. Од Терезиенштад обично биле транспортирани во концентрационите логори во Германија. Како успевале да ги поднесат не само суровите услови во затворот туку и изолираноста?
Една жена, која била затворена во Терезиенштад затоа што била Сведок, раскажува: „За да не ги заборавам библиските учења, постојано си ги повторував. Во кој затвор и да ме ставеа, барав други Сведоци и, ако дознаев дека има, се обидував да се сретнам со нив. Во исто време, се трудев да им проповедам на другите колку што ми дозволуваа условите“.
Очигледно, тоа ѝ помогнало. Му останала верна на Бог целото време додека била по затвори, но и во годините потоа.
[Слика на страница 18]
Поштенска марка на која Терезин е прикажан како идилично гратче за време на II Светска војна
[Слика на страница 19]
Новите затвореници ги водат во бараките. На знакот на германски пишува: „Arbeit Macht Frei“ (Работата ослободува)
[Слика на страница 19]
Кревети од штици во женскиот сектор на тврдината
[Слика на страница 20]
Главниот влез во Малата Тврдина
[Извор на слика на страница 19]
Двете фотографии: Со љубезна дозвола на Memorial Terezín