Што вели Библијата
Можат ли мртвите да им помогнат на живите?
СО ВЕКОВИ луѓето мислат дека мртвите можат да им помагаат на живите. Ова верување се наоѓа и во едно древно дело од грчкиот поет Хомер во кое се зборува за Одисеј. Овој легендарен Хомеров херој кој очајно сакал да дознае како може да се врати на својот роден остров Итака, отишол во подземниот свет да побара совет од еден мртов гатач.
Надевајќи се дека мртвите ќе им дадат одговори на некои загадочни прашања, многумина бараат совети од јасновидци, спијат во гробниците на своите предци или прават спиритистички ритуали. Но, дали навистина е можно мртвите да ни помогнат на некој натприроден начин?
Широко распространет обичај
Многу од поголемите религии во светот учат дека е возможно да се комуницира со умрените. Во Encyclopedia of Religion се вели дека „некромантијата, односно вештината или обичајот да се повикуваат духовите на мртвите, пред сѐ е облик на спиритизам“. Потоа додава дека ваквиот обичај е „широко распространет“. Ова го потврдува и New Catholic Encyclopedia во којашто пишува дека „некромантијата, во различни форми, ја има низ целиот свет“. Затоа, воопшто не изненадува што верници од разни религии се обидуваат да воспостават врска со духовниот свет!
Иако „црквата строго го осудувала“ комуницирањето со мртвите, вели New Catholic Encyclopedia, „има многу записи дека тоа сепак се правело во средниот век и во ренесансата“. Што вели Библијата за тоа?
Треба ли да ги повикуваме мртвите?
Во стари времиња, Јехова Бог му заповедал на својот народ: „Кај тебе нека не се најде никој... што повикува духови“ (5. Мојсеева 18:9-13). Зошто Јехова дал таква заповед? Кога би било можно живите да комуницираат со мртвите, зарем не би било убаво од Бог да ни дозволи такво нешто? Но, не е можно да стапиме во контакт со мртвите. Од каде го знаеме тоа?
Во Светото писмо, на многу места читаме дека мртвите не се свесни. На пример, во Проповедник 9:5 стои: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“. Во Псалм 146:3, 4 пишува: „Немајте доверба во достоинствениците, ниту во некој друг земен човек, од кого нема спасение! Духот му излегува, и тој се враќа во својот прав — во тој ден пропаѓаат неговите мисли“. Исто така, и пророкот Исаија, за оние што биле починати рекол дека се „немоќни мртовци“ (Исаија 26:14).
Меѓутоа, голем број луѓе веруваат дека со помош на спиритистички обичаи можат да контактираат со своите сакани кои починале. Бидејќи мнозина тврдат дека им се случило такво нешто, очигледно тие зборувале со некој од духовниот свет. Но, како што се гледа од стиховите погоре, тие не зборувале со мртвите. Тогаш, со кого зборувале?
Со кого зборуваат?
Библијата кажува дека некои духовни синови на Бог се побуниле против својот Творец и станале демони (1. Мојсеева 6:1-5; Јуда 6, 7). Тие го шират лажното верување дека луѓето живеат и по смртта. За луѓето да веруваат во нивната лага, тие се преправаат дека се некој починат и зборуваат со нив.
Во Библијата е запишано дека, откако Јехова го отфрлил израелскиот цар Саул поради неговата непослушност, тој се обидел да зборува со починатиот пророк Самоил преку една гатачка. Саул зборувал со некој од духовниот свет, но не со Самоил. Претходно Самоил одбил да зборува со царот и ги осудувал гатачите. Значи, тој што зборувал со Саул бил демон преправен како Самоил (1. Самоилова 28:3-20).
Демоните се непријатели на Бог и опасно е да се комуницира со нив. Затоа, во Библијата стои следнава заповед: „Не обраќајте им се на оние што повикуваат духови и не прашувајте ги за совет оние што претскажуваат настани, за да не станете нечисти поради нив “ (3. Мојсеева 19:31). Во 5. Мојсеева 18:11, 12 пишува дека ‚секој што ги прашува мртвите му е одвратен на Јехова‘. Всушност, една од работите со кои Саул го изневерил Јехова и поради кои тој дозволил да умре е тоа што побарал совет од „жена која повикува духови“ (1. Летописи 10:13, 14).
Според тоа, на кого треба да му се обратиш кога сметаш дека ти треба водство од повозвишен извор, кога си соочен со тешки прашања или кога треба да донесеш некоја важна одлука? Библијата го опишува Јехова како „Најголем Учител“. Ако ти и твоите блиски барате помош од неговата Реч, Библијата, и ако ги применувате нејзините совети, „вашите уши ќе ја чујат речта зад вас како вели: ‚Тоа е патот, одете по него!‘“ (Исаија 30:20, 21). Иако христијаните денес не очекуваат дословно да го слушнат гласот на вистинскиот Бог, тој може да ги води преку Библијата. Да, на некој начин, преку Библијата, самиот Јехова ни вели: ‚Дозволи ми да те водам‘.
ШТО МИСЛИШ?
● Што мисли Бог за некој што се обидува да комуницира со мртвите? (5. Мојсеева 18:9-13)
● Дали умрените можат да им пренесат некакво знаење на живите? Зошто мислиш така? (Проповедник 9:5)
● Кој може да ни даде вистинско водство? (Исаија 30:20, 21)