Во каква состојба се мртвите?
СТРАВОТ од мртвите се темели на претпоставката дека покојникот има душа или дух кој живее и по неговата смрт. Ако Библијата јасно научува дека ова сфаќање е погрешно, тогаш прашањето дали мртвите можат да те повредат или не, паѓа во вода. Добро, тогаш, што вели Библијата?
Што се однесува до состојбата на мртвите, Божјата Реч вели: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што станува под сонцето“ (Проповедник 9:5, 6).
Со оглед на тоа, можат ли мртвите да ти помогнат или да ти наштетат? Не, вели Библијата. Мртвите се во бесвесна состојба и во заборав. Тие не се способни да комуницираат со живите или да изразат каква и да е емоција —љубов или омраза — или да вршат било каква работа. Нема потреба да имаш никаков страв од нив.
‚Да, така е, тоа може да биде вистина ако мислиш на смртта на физичкото тело‘, може да каже некој. ‚Но, физичката смрт не е крај на животот; таа само го ослободува духот од телото. Тој дух може да им помогне или да им наштети на живите‘. Милиони луѓе ширум Земјата мислат така.
На пример, на Мадагаскар животот се смета само како преодна фаза, па така погребот и ексхумацијата се сметаат за многу поважни отколку венчавањето. Се мисли дека лицето дошло од неговите претци и при смртта повторно се враќа кај нив. Оттука, куќите за живите се направени од дрво и ќерамиди, материјали кои се распаѓаат со текот на времето, додека гробниците, „куќите“ за мртвите, обично се подотерани и потрајни. При ексхумацијата, семејството и пријателите мислат дека ќе бидат благословени, а жените веруваат дека, ако ги допрат коските на мртвиот роднина, ќе станат плодни. Но, уште еднаш, што вели Божјата Реч?
Смртта не била наменета за човештвото
Занимливо е да се забележи дека Јехова Бог го создал човекот за да живее, и тој зборувал за смртта само како за последица на непослушноста (1. Мојсеева 2:17). За жал, првиот човек и жена згрешиле и, како резултат на тоа, гревот се раширил на целото човештво како смртоносно наследство (Римјаните 5:12). Според тоа, би можело да се каже дека смртта е реалност на животот уште од непослушноста на првиот човечки пар, да, една болна реалност на животот. Ние сме биле создадени да живееме, што делумно објаснува зошто е толку тешко за безброј милиони луѓе да се помират со смртта како со крај.
Според библискиот извештај, Сатана се обидел да го измами првиот човечки пар во врска со смртта, противејќи се на Божјето предупредување дека непослушноста ќе донесе смрт (1. Мојсеева 3:4). Меѓутоа, со текот на времето станало јасно дека луѓето умираат, токму како што Бог рекол дека ќе биде. Така, со текот на вековите Сатана одговорил со уште една друга лага — дека некаков духовен дел од човекот ја преживува смртта на телото. Една ваква измама му доликува на Сатана Ѓаволот, кого Исус го опишал како „татко на лагата“ (Јован 8:44). Спротивно на тоа, Божјиот одговор на смртта е едно охрабрувачко ветување.
Какво ветување?
Тоа е ветувањето за воскресение на многумина. Грчкиот збор преведен со „воскресение“ е ана́стазис. Тоа дословно значи „повторно станување“, а се однесува на воскресение од мртвите. Да, човекот лежи мртов, но Бог со својата моќ може повторно да го подигне. Човекот го губи животот, но Бог може повторно да му даде живот. Синот на Бог, Исус Христос, рекол дека „иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Апостол Павле ја изразил својата ‚надеж во Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните‘ (Дела 24:15). Јов, еден верен слуга на Бог во претхристијанското време, исто така ја изразил својата надеж во воскресението: „Кога ќе умре човек ќе живее ли пак? Во сите денови на одреденото време би чекал додека ми дојде смената. Ти [Бог] би викнал, и јас би Ти дал одговор“ (Јов 14:14, 15).
Зарем јасното ветување за воскресението не ја потврдува како неточна замислата дека мртвите се живи во духовен облик? Кога мртвите би биле живи и би уживале живот на небото или во некој духовен свет, тогаш, која би била смислата на воскресението? Зарем тие веќе не би ја примиле својата награда или судбина? Проучувањето на Божјата Реч открива дека мртвите се навистина мртви, несвесни, тие спијат сѐ до величественото будење преку воскресение во новиот свет, во рај, ветен од нашиот Татко полн со љубов — Јехова. Но, ако смртта не претставува одделување на телото и духот, и ако духот не продолжува да живее, тогаш, што е со случаите на божемните пораки од духовниот свет?
Пораки од духовното царство
Пријавени се безброј случаи на пораки примени наводно од духовното царство. Всушност, какво е нивното потекло? Библијата нѐ предупредува: „Самиот Сатана се маскира во ангел на светлината. Затоа е уште полесно за неговите застапници да се маскираат во застапници на доброто“ (2. Коринтјаните 11:14, 15, The New English Bible). Да, за полесно да ги измамат и да ги заведат луѓето, демоните (бунтовните ангели) комуницирале со живите, преправајќи се понекогаш дека се од помош.
Апостол Павле дава понатамошно предупредување за оваа кампања на измама: „Некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења“ (1. Тимотеј 4:1). Така, било каков одговор припишан на мртвите може многу веројатно да потекнува од демоните кои се маскираат како „застапници на доброто“ и кои шират религиозни лаги, правејќи ги луѓето робови на суеверија кои ги оддалечуваат од вистината на Божјата Реч.
Потврдувајќи дека мртвите не можат да кажат ништо, да сторат ништо или да чувствуваат ништо, Псалм 145:3, 4 наведува: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение. Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“. Каков е тој дух што „излегува“? Тоа е животната сила која е поддржувана со дишењето. Според тоа, кога покојникот ќе престане да дише, неговите сетила повеќе не функционираат. Тој запаѓа во состојба на потполна бесвесност. Значи, невозможно е да има контрола над живите.
Тоа е причината зошто Библијата ја споредува смртта на човекот со смртта на едно животно, заклучувајќи дека и едните и другите кога ќе умрат се во бесвесна состојба и се враќаат во правот од кој биле направени. Проповедник 3:19, 20 вели: „Зашто сѐ што се случува со синовите човечки, се случува и со животните; крајот им е ист: како умираат едните, така умираат и другите, и едно е дишењето кај сите, и човекот нема предимство пред добитокот, зашто — сѐ е суета! Сѐ оди на едно место: сѐ произлегува од земја, и сѐ ќе се врати во земјата“.
Знаејќи дека демоните се обидуваат да ги измамат луѓето да мислат дека ќе можат да разговараат со мртвите и да бидат под нивно влијание. Јехова Бог го предупредил својот народ, древните Израелци: „Да не се најде пред тебе човек . . . да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа“ (5. Мојсеева 18:10-12).
Очигледно, замислата дека мртвите можат да ни наштетат не доаѓа од Бог. Тој е Бог на вистината (Псалм 30:5; Јован 17:17). И, тој има во изглед прекрасна иднина за љубителите на вистината кои го обожаваат „со дух и вистина“ (Јован 4:23, 24).
Јехова, Бог на вистината и љубовта
Нашиот небесен Татко полн со љубов, „Кој не лаже“, ветил: Милиони на милиони кои умреле и биле ставени во гробови ќе бидат воскреснати со изгледот за вечен живот во еден нов свет на праведност! (Тит 1:1, 2; Јован 5:28). Ова ветување полно со љубов, кое се однесува на воскресението, открива дека Јехова има длабок интерес за доброто на неговите човечки суштества, и искрена желба да стави крај на смртта, тагата и болката. Значи, нема потреба да се плашиме од мртвите или да бидеме претерано загрижени за нив и за нивните изгледи (Исаија 25:8, 9; Откровение 21:3, 4). Нашиот полн со љубов и праведен Бог, Јехова, може и сака да ги воскресне, уништувајќи ја болката на смртта.
Божјата Реч, Библијата, изобилува со описи за тоа какви услови ќе владеат на Земјата во тој ветен нов свет на праведност (Псалм 36:29; 2. Петрово 3:13). Тоа ќе биде време на мир и среќа и љубов за сите ближни (Псалм 71:7; Исаија 9:7; 11:6-9; Михеј 4:3, 4). Сите ќе имаат сигурност, пријатни домови, како и задоволувачка работа (Исаија 65:21-23). Ќе има изобилство на добра храна за сите (Псалм 66:6; 71:16). Сите ќе уживаат одлично здравје (Исаија 33:24; 35:5, 6). Додека апостолите и еден понатамошен ограничен број ќе владеат на небото со Исус, Библијата никаде не спомнува за некаква блажена состојба на небото за душите на другите после смртта (Откровение 5:9, 10; 20:6). Ова би било необично доколку милијарди од оние кои умреле и понатаму живеат после смртта.
Но не е необично кога ја знаеме библиската јасна наука: Мртвите престанале да живеат како живи души. Тие не можат да ти наштетат. Оние во спомен гробовите едноставно се одмораат, несвесни, сѐ додека не дојде воскресението во време одредено од Бог (Проповедник 9:10; Јован 11:11-14, 38-44). Значи, нашите надежи и желби зависат од Бог. „Да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него!“ (Исаија 25:9).
[Слика на страница 7]
Како што Божјата Реч јасно покажува, мртвите се потполно неактивни сѐ до воскресението