Што мора да се смени?
„Владата не е решение за нашите проблеми; всушност, таа е проблемот“ (Роналд Реган, при свеченото обраќање како 40-ти претседател на САД)
ПОМИНАА повеќе од три децении откако Роналд Реган го изјави ова. Во тоа време, САД се соочуваа со огромен проблем — „економска катастрофа од невидени размери“, како што ја нарече Реган. „Погодени сме од најдолгата и најголемата инфлација во историјата на нашата земја“, рече тој. „Со децении трупавме долгови врз долгови, задолжувајќи се и себеси и нашите деца. А за што — за моментално задоволство! Ако продолжиме вака, сигурно ќе се соочиме со огромни социјални, културни, политички и економски проблеми.“
Иако ваквото гледиште можеби изгледало мрачно, сепак Реган не бил тотален песимист. Тој рекол: „Економските проблеми што ги трпиме сега се резултат на повеќедецениски грешки. Тие нема да исчезнат за неколку дена, седмици, месеци, но ќе исчезнат“ (нагласено од нас).
Каква е ситуацијата денес? Во еден извештај на Министерството за урбанизам и станбени прашања на САД од 2009 год. стоеше следново: „Сѐ повеќе луѓе... се засегнати од слабата инфраструктура, лошите станбени услови и застарениот здравствен систем. Всушност, ОН-хабитат [агенција на Обединетите нации] предвидува дека во наредните три децении, секој трет човек ќе живее во безнадежност — ќе нема соодветни санитарни услови и чиста вода, ќе биде изложен на неизбежните последици од климатските промени, а тоа, пак, ќе доведе до ширење на болести и до можна пандемија.
Глобален проблем
Без оглед на тоа каде живееш, размисли за следниве прашања:
● Дали сметаш дека економската состојба денес е постабилна отколку пред десет години?
● Мислиш ли дека тебе и на твоето семејство ви е достапна добра здравствена нега?
● Дали мислиш дека живееме во почиста околина и дека сме побезбедни?
● Кога размислуваш за иднината, ти изгледа ли реално ситуацијата да се подобри за 10, 20 или 30 години?
Општествен договор
Многу влади имаат таканаречен општествен договор — формална или непишана спогодба помеѓу власта и граѓаните во која се наведени правата и должностите на двете страни. На пример, обично од граѓаните се очекува да ги почитуваат законите во нивната земја, да плаќаат даноци и да придонесат за општата безбедност. Од друга страна, властите ветуваат соодветна здравствена нега, еднаквост и економска сигурност.
Какви резултати постигнале владите на овие три подрачја? Да видиме што покажуваат фактите.
Соодветна здравствена нега
Што посакуваат луѓето: Здравствена нега за секого и ефикасни лекови.
Реалност:
● Светската банка објави извештај за санитарните услови и за хигиената во кој се вели дека „секој ден 6.000 деца умираат од болести поврзани со несоодветни санитарни услови, лоша хигиена и загадена вода. Само од дијареја умира по едно дете на секои 20 секунди“.
● Во 2008 год., Светската здравствена организација (СЗО) направи истражување за да види каква е здравствената нега во „богатите и во сиромашните земји“. Резултатите покажаа дека „постојат големи разлики“ и дека здравството „не ги исполнува очекувањата да биде хумано, праведно, достапно за секого и ефикасно“.
Две години подоцна, СЗО утврди дека „владите низ целиот свет се борат да го покријат здравственото осигурување. Здравствените трошоци вртоглаво растат бидејќи има сѐ повозрасно население, сѐ повеќе луѓе страдаат од хронични болести и се појавуваат сѐ понови и поскапи начини на лекување“.
● Во здравството настана една неочекувана и потенцијално смртоносна појава: таканаречените чудотворни лекови веќе немаат дејство. Заразните болести што пред многу години покосуваа милиони животи, како што се лепрата и туберкулозата, беа ставени под контрола со помош на антибиотици, кои беа воведени во 1940-тите. Но, сега, според еден извештај на СЗО (World Health Day 2011) „се појавуваат и брзо се шират многу вируси отпорни на лекови. Сѐ повеќе основни лекови го губат своето дејство. Се намалува арсеналот против многу болести“.
Што мора да се смени: Да се исполни библиското ветување дека ќе дојде време кога „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).
Правда и еднаквост за сите
Што посакуваат луѓето: Крај на злоупотребата на жените и на предрасудите против малцинските групи; намалување на јазот помеѓу богатите и сиромашните.
Реалност:
● Во извештајот од една истакната организација за граѓански права од САД стоеше: „Стапката на насилство спрема поединци, верски објекти и јавни установи мотивирано од предрасуди на темел на расата, религијата, сексуалната определба или националното потекло е неприфатливо висока и сѐ уште претставува сериозен проблем во Америка“.
● „Милиони жени низ целиот свет и понатаму трпат неправда, насилство и нееднаквост во домот, на работното место или во својата средина“, се вели во едно соопштение до медиумите на Обединетите Нации на темел на извештајот Progress of the World’s Women: In Pursuit of Justice. На пример, околу 85 отсто од жените во Авганистан не добиваат лекарска помош при породувањето. Во Јемен нема никакви закони против семејно насилство. Во Демократска Република Конго, во просек секој ден повеќе од илјада жени се жртви на силување.
● Во октомври 2011 год., генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, изјави: „Живееме во свет со екстремни противречности. Изобилство храна, а милијарда гладни. Луксузен живот за неколкумина, а сиромаштија за повеќето. Огромен напредок на полето на медицината, а секој ден голем број мајки умираат при породување... Милијарди се трошат на оружје со кое се убиваат луѓе наместо да се искористат за да имаат побезбеден живот“.
Што мора да се смени: Да се постапува праведно кон малцинските групи и кон жените и да нема луѓе што ‚им ја грабаат правдата на страдалниците‘ (Исаија 10:1, 2).
Економска сигурност
Што посакуваат луѓето: Вработување за секого и финансиска сигурност.
Реалност:
● Според организацијата Worldwatch Institute, „има доволно работоспособно население кое би го забрзало економскиот напредок, но не и доволно работни места. Земајќи ја предвид моменталната економска криза, Меѓународната организација на трудот при ОН (ИЛО) проценува дека бројката на невработени во 2010 год. достигна 205 милиони“.
● „Меѓународната организација на трудот при ОН (ИЛО) предупреди дека може да дојде до нов и уште посериозен колапс на светското стопанство и отпуштања од работа, што би водело до граѓански немири“, беше кажано во еден извештај на Би-Би-Си. „Неодамнешната економска стагнација е показател дека ќе се отворат само половина од потребните работни места... Групата [ИЛО] направила и проценка на нивото на незадоволство поради недостигот на работни места и на нивото на гнев кај луѓето поради тоа што не вложуваат сите исти напори за да се реши кризата. Таа наведе дека многу земји се соочија со опасност од граѓански немири, посебно земјите од Европската Унија и арапските земји“.
● Во САД, „просечен долг на кредитна картичка изнесува над 11.000 долари, што е трипати повеќе од оној во 1990 год.“, вели книгата The Narcissism Epidemic, издадена во 2009 год. Авторите на оваа книга тврдат дека многу луѓе се задолжуваат само за да остават впечаток дека се богати. „Кога ќе видат човек со убава кола и облека, Американците си мислат дека е богат“, стои во оваа книга. „Но всушност, поголема е веројатноста дека е во долгови до гуша.“
Што мора да се смени: Да има работа за сите и урамнотежено гледиште за трошењето. Библијата вели дека „парите се заштита“, но предупредува и дека „љубовта кон парите е корен на секакви зла“ (Проповедник 7:12; 1. Тимотеј 6:10).
Од она што беше кажано на страници 4-8, може да ни се чини дека нѐ чека мрачна иднина. Меѓутоа, ситуацијата не е безнадежна. Нашиот свет ќе се смени на подобро — но не поради заложбите на човечките влади.
[Рамка/графикон на страница 5]
Што би сакале младите да променат во светот? Според веб-страницата 4children.org, едно истражување во Британија со кое биле опфатени околу 2.000 деца на возраст помеѓу 4 и 14 години откри дека би го направиле следново:
[Графикон]
(Види во публикацијата)
100%
БИ МУ СТАВИЛЕ КРАЈ НА ГЛАДОТ
БИ СТАВИЛЕ КРАЈ НА ВОЈНИТЕ
БИ ЈА ИСКОРЕНИЛЕ СИРОМАШТИЈАТА
75%
БИ ОВОЗМОЖИЛЕ ЕДНАКВОСТ ЗА СИТЕ
БИ ГО СТОПИРАЛЕ ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ
50%
25%
0%
[Рамка/графикон на страница 5]
Едно истражување на Фондацијата Бертелсман од Германија покажа кои работи најмногу ги загрижуваат околу 500 млади на возраст меѓу 14 и 18 години.
Меѓу проблемите што младите не ги сметаат за толку важни се тероризмот и сѐ поголемиот пораст на населението. Дури и финансиската криза се најде некаде на дното на списокот. Според толкувањето на Фондацијата Бертелсман, причината може да биде тоа што младите вклучени во истражувањето ги немаат доживеано овие проблеми во реалноста.
[Графикон]
(Види во публикацијата)
100%
75%
СИРОМАШТИЈА
КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ И УНИШТУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
НЕДОСТИГ НА ХРАНА И ВОДА ЗА ПИЕЊЕ
СВЕТСКИ ЕПИДЕМИИ И БОЛЕСТИ
50%
25%
0%