Го сакав насилството
Раскажал Салвадор Гарса
КАКО дете го сакав насилството и се тепав со секој што ќе ме налутеше. Еден локален шампион во бокс го забележа тоа и почна да ме тренира. По некое време, почнав да патувам низ САД како професионален боксер. Подоцна, работев како телохранител за еден гангстер.
Продолжив да го сакам насилството дури и откако се оженив и ни се родија шест деца. Во тоа време имав ноќен клуб. Некои луѓе се обидоа да ме убијат, но јас ја сакав возбудата што ми ја носеше таквиот живот. Еднаш пукав во двајца и тешко ги ранив. Со едни пријатели планиравме да киднапираме еден важен политичар. Но полицијата го откри нашиот план и ме уапси. При апсењето на останатите дошло до престрелка во која сите мои пријатели беа убиени. Среќен сум што во тоа време веќе бев во затвор!
Со години подоцна, бев пуштен на слобода и најдов работа. Еден ден кога се враќав од работа, одеднаш добив страшна, неиздржлива главоболка. Толку се уплашив што почнав да се молам за помош. Жена ми Долорес веќе некое време ја проучуваше Библијата со Јеховините сведоци и ми имаше кажано дека Божјето име е Јехова (Псалм 83:18). Затоа му се молев конкретно нему.
Кога закрепнав, Долорес ме поттикна да одам на состаноците на Јеховините сведоци во нивната Сала на Царството. Очите ми се наполнија со солзи кога ги видов љубовта и искреноста на Сведоците. Затоа, и јас почнав да ја проучувам Библијата и да го менувам мојот став кон животот. Го сакав она што го учев.
Сепак, ми требаше подолго време да научам да си го контролирам наравот. Еве што се случи еднаш. Додека одев во служба од куќа до куќа со мојот другар Антонио, сретнавме еден човек кој нѐ навредуваше. Мене ми зовре и тргнав да го тепам. За среќа, Антонио ме задржа. Подоцна, стрпливо ми помогна да сфатам дека Исус претрпил многу исмевања и навреди. Апостол Петар, кој бил близок соработник на Исус, напишал: „Кога го навредуваа, не враќаше со навреди“ (1. Петрово 2:23). Овие зборови ми се врежаа во срцето.
Кога ќе помислам на промените што ги направив низ годините, му благодарам на Јехова за неговиот свет дух кој ни помага да покажуваме самосовладување и да станеме вистински мирољубиви (Галатите 5:22, 23). Моето семејство е обединето и среќно. Живееме спокојно и мирољубиво. Освен тоа, радосен сум што можам да служам како полновремен проповедник и да им помагам на другите да го најдат мирот Божји.
[Слика на страница 9]
Проучувањето на Библијата му помогнало на Салвадор да најде мир