Животна приказна
Истрајноста носи радост
РАСКАЖАЛ МАРИО РОША ДЕ СОЗА
„Не верувам дека г-н Роша ќе може да преживее операција.“ И покрај ова мрачно предвидување од еден лекар, веќе дваесетина години оттогаш служам како полновремен проповедник на Јеховините сведоци. Што ми помогна да издржам низ годините?
ДЕТСТВОТО го минав на фарма близу Санто Еставао, село во државата Баија, североисточен Бразил. На седум години почнав да му помагам на татко ми во работата на фармата. Секој ден откако ќе се вратев од училиште, ќе ми дадеше да завршам некоја работа. Со текот на времето, татко ми ја оставаше фармата во мои раце кога и да отидеше да работи во Салвадор, главниот град.
Немавме струја, водовод и многу други угодности што денес се нормални, но сепак бевме среќни. Си играв со летало или со дрвени колички што ги направивме сами со другарчињата. Исто така, свирев на кларинет при религиозни свечени поворки. Пеев во хорот на локалната црква, и таму за првпат ја видов книгата со наслов Света историја (História Sagrada), која го побуди мојот интерес за Библијата.
Во 1932 година, кога имав 20 години, североисточниот дел на Бразил го погоди силна, долготрајна суша. Стоката умре, а жетвата пропадна, па затоа се преселив во Салвадор, каде што се вработив како возач на трамвај. Подоцна изнајмив куќа и го донесов семејството да живее заедно со мене. Во 1944 година умре татко ми, оставајќи ме да се грижам за мајка ми и за моите осум сестри и тројца браќа.
Од возач на трамвај до проповедник
Меѓу првите работи што ги направив во Салвадор беше тоа што си купив Библија. Откако неколку години одев во Баптистичката црква, се спријателив со еден колега кој се викаше Дурвал. Со него често водевме долги разговори околу Библијата. Еден ден тој ми даде трактат со наслов Каде се мртвите?a Иако верував дека човекот има бесмртна душа, од љубопитство ги проверив во Библијата наведените стихови. На мое изненадување, во Библијата најдов потврда дека душата што греши ќе умре (Језекиил 18:4, ПСП).
Дурвал го забележа мојот интерес и го замоли Антонио Андраде, полновремен проповедник на Јеховините сведоци, да дојде кај мене за да поразговараме. Кога дојде по третпат, ме повика заедно да одиме кај другите луѓе за и ним да им ги пренесеме библиските учења. Откако зборуваше на првите две врати, ми рече: „Сега си ти на ред“. Се скаменив од страв, но, на моја голема радост, едно семејство внимателно ме сослуша и ги зеде двете книги што им ги понудив. До ден-денес, кога ќе сретнам некој што е заинтересиран за библиската вистина, чувствувам иста таква радост.
На денот кога се одбележуваше Христовата смрт таа година, 19 април 1943, се крстив во водите на Атлантскиот Океан близу Салвадор. Бидејќи немаше доволно искусни христијански мажи, добив задача да ѝ помагам на групата Сведоци кои се состануваа во домот на брат Андраде, кој се наоѓаше на една од тесните улички што го поврзуваа горниот и долниот дел на градот Салвадор.
Противењето во тие рани години
Нашето христијанско дело не беше многу омилено во годините на Втората светска војна (1939-1945). Некои службени лица се сомневаа дека сме северноамерикански шпиони, бидејќи повеќето од нашите публикации доаѓаа од Соединетите Американски Држави. Како последица на тоа, стана вообичаено да нѐ апсат и да нѐ испитуваат. Кога некој Сведок немаше да се врати од службата на проповедање, ни беше јасно дека е притворен, па ќе појдевме во полициската станица за да побараме да го ослободат.
Во август 1943 година, во Салвадор пристигна еден Сведок од Германија, Адолф Месмер, за да помогне да се организира нашиот прв конгрес. Откако добивме дозвола од властите да го одржиме конгресот, во локалните весници беа објавени реклами за јавното предавање „Слобода во новиот свет“, а на излозите на продавниците и на страните од трамваите беа поставени постери. Но, на вториот ден од конгресот, еден полицаец нѐ информираше дека дозволата за состанување е поништена. Надбискупот на Салвадор го ставил под притисок шефот на полицијата да го сопре нашиот конгрес. На крајот сепак успеавме да добиеме дозвола за да го одржиме рекламираното јавно предавање во месец април.
Успеав да ја остварам целта
Во 1946 година, добив покана да присуствувам на теократскиот собир „Радосни народи“ во градот Сао Пауло. Капетанот на еден товарен брод во Салвадор им дозволи на група од нас да патуваат со неговиот брод, под услов да спиеме на палубата. Иако нѐ фати бура, и сите добивме морска болест, по четири дена на море безбедно пристигнавме во пристаништето на Рио де Жанеиро. Сведоците од Рио нѐ примија на гости кај нив за да се одмориме неколку дена пред да го продолжиме патувањето со воз. Една мала група со транспаренти, на кои пишуваше „Добредојдовте Јеховини сведоци“, нѐ поздрави кога пристигнавме со возот во Сао Пауло.
По кратко време откако се вративме во Салвадор, зборував со Хери Блек, мисионер од Соединетите Американски Држави, во врска со мојата желба да станам пионер, како што се нарекуваат полновремените проповедници на Јеховините сведоци. Хери ме потсети дека имам семејни одговорности за кои треба да се грижам и ме советуваше да бидам стрплив. Желбата ми се исполни во јуни 1952 година, кога моите браќа и сестри финансиски се осамостоија, а јас бев испратен да служам како пионер во едно малечко собрание во Ињеус, 210 километри јужно од Салвадор.
Великодушна понуда
Следната година бев префрлен во Жекие, голем град во внатрешноста, во кој немаше Сведоци. Првиот којшто го посетив беше локалниот свештеник. Тој ми рече дека градот му припаѓа нему и ми забрани да проповедам во него. Ги предупреди парохијаните дека пристигнал „лажен пророк“ и постави шпиони низ градот кои ме следеа во чекор. И покрај тоа, тој ден поделив преку 90 примероци библиска литература и со четири луѓе започнав да ја проучувам Библијата. Две години подоцна, градот Жекие имаше своја Сала на Царството со 36 Сведоци! Денес во него има осум собранија и околу 700 Сведоци.
Првите месеци во Жекие живеев во малечка, изнајмена соба на периферијата од градот. Потоа го запознав Мигел Ваз де Оливеира, сопственик на хотелот Судеста, еден од најубавите хотели во Жекие. Мигел прифати да ја проучува Библијата и инсистираше да се преселам во неговиот хотел. Мигел и неговата сопруга подоцна станаа Сведоци.
Уште еден убав спомен од деновите во Жекие ми е поврзан со Луиз Котрим, професорка во средно училиште, со која ја проучував Библијата. Луиз ми понуди да ми помогне да го подобрам моето познавање на португалскиот јазик и математиката. Бидејќи имав завршено само основно училиште, со задоволство ја прифатив понудата. Тие часови, кои ги добивав по проучувањето на Библијата со Луиз секоја седмица, ми помогнаа да бидам подготвен за дополнителните задачи кои наскоро ги добив од Јеховината организација.
Нов предизвик
Во 1956 година добив писмо со кое бев поканет во нашата подружница, која тогаш се наоѓаше во Рио де Жанеиро, за да добијам обука за покраински надгледник, како што се нарекуваат патувачките слуги на Јеховините сведоци. Обуката, на која бев заедно со осуммина други, траеше нешто повеќе од еден месец. Пред да завршиме, ми кажаа дека треба да се грижам за Сао Пауло, што малку ме заплаши. Се прашував: „Што ќе правам јас, црнец, меѓу тие Италијанци? Ќе ме прифатат ли?“b
На првата своја посета на собрание, во областа Санто Амаро, бев охрабрен кога ја видов Салата на Царството полна со мои соверници и други заинтересирани луѓе. А дека моите сомневања беа неосновани ме увери тоа што сите 97 членови на собранието учествуваа во службата на проповедање со мене тој викенд. „Тие вистински ми се браќа“, си помислив. Топлината на тие драги браќа и сестри беше она што ми даде храброст да истрајам во патувачката служба.
Магариња, коњи и мравојади
Најтешката работа за патувачките надгледници во тоа време беа долгите патувања за да се стигне од едно до друго собрание или до помалите групи во селата. Јавниот превоз дотаму беше или опасен или, пак, воопшто го немаше, а повеќето патишта беа само криви, калливи патеки.
Некои покраини го решија проблемот така, што на покраинскиот надгледник му обезбедуваа магаре или коњ. Многу понеделници ќе го оседлав животното, ќе ги врзев торбите и ќе јавав по 12 часа до следното собрание. Во Санта Фи до Сул, Сведоците имаа магаренце кое се викаше Дорадо (Златко), кое самото си го знаеше патот до групите во селата. Дорадо ќе запреше пред портата на фармата и стрпливо ќе чекаше да му отворам. Откако ќе ја завршевме посетата, со Дорадо продолжувавме до следната група.
Друга тешкотија во покраинската служба беше тоа што немаше сигурни средства за комуникација. На пример, за да посетам една мала група Сведоци, кои се состануваа на една фарма во државата Мато Гросо, требаше да преминам преку реката Арагваја со чамец и да јавам уште 25 километри низ шумата. Еднаш им пишав на браќата таму дека ќе дојдам, но тие очигледно не го добиле писмото, зашто никој не ме чекаше кога ја преминав реката. Беше доцна попладне, па затоа го замолив сопственикот на една мала кафеана да ми ги причува торбите, а јас продолжив пеш со само една актовка во рацете.
Наскоро се стемни. Додека чекорев често потсопнувајќи се на нешто поради темнината, ми зафучи мравојад. Имав слушнато дека мравојадите можат да нападнат и да убијат човек со силните предни нозе. Затоа, кога и да се чуеше звук во грмушките, продолжував претпазливо да чекорам држејќи ја актовката отспреди, како заштита. По неколку часа пешачење, стигнав до еден мал поток. За несреќа, поради темнината не забележав дека на спротивниот брег има ограда од бодликава жица. Успеав да го прескокнам потокот со еден скок, но завршив во оградата, целиот испосечен!
Конечно стигнав до фармата, каде што ми изразија добредојде разлајаните кучиња. Ноќно време често доаѓаа крадци на овци, па затоа, само што се отвори вратата, брзо кажав кој сум. Мора да сум бил ужасна глетка, целиот испокинат и раскрвавен, но браќата се израдуваа што ме видоа.
И покрај тешкотиите, тоа беа убави времиња. Уживав во долгите патувања на коњ или пеш, одвреме-навреме одморајќи се под сенката на дрвјата, уживајќи во песните на птиците и гледајќи по некоја лисица која ќе ми го пресечеше пустиот пат. Ми причинуваше радост и тоа што знаев дека моите посети навистина им помагаа на луѓето. Мнозина писмено ми изразија благодарност. Други лично ми се заблагодаруваа кога ќе се сретневме на конгрес. Колку ми е мило кога ќе видам некои што успеале да ги надминат личните проблеми и да напредуваат духовно!
Најпосле помошничка
Низ годините минати во патувачка служба често морав сѐ да правам самиот, и тоа ме научи да се потпирам на Јехова како на моја ‚карпа и крепост‘ (Псалм 18:2). Освен тоа, сфатив дека тоа што не бев во брак ми овозможи сосема да им се посветам на интересите на Царството.
Но, во 1978 година запознав една сестра пионерка која се викаше Жулија Такахаши. Таа ја напуштила својата добро платена работа како медицинска сестра во една голема болница во Сао Пауло за да служи таму каде што имаше поголема потреба. Христијанските старешини што ја познаваа имаа многу убаво мислење за нејзините духовни особини и способности како пионер. Како што ќе претпоставите, мојата одлука да се оженам по толку многу години беше изненадување за некои. Еден мој добар пријател не можеше да ми поверува, и вети дека ќе чести еден бик од 270 килограми ако навистина се оженам. Бикот беше подготвен на скара за нашата свадба на 1 јули 1978 година.
Истрајувам и покрај слабото здравје
Жулија ме придружуваше во патувачкото дело, и заедно ги посетувавме собранијата во јужниот и југоисточниот дел на Бразил следните осум години. Тогаш ми се појавија проблеми со срцето. Двапати паднав во несвест додека проповедав од врата до врата. Со оглед на моите ограничувања, прифативме да служиме како специјални пионери во Берагве, во државата Сао Пауло.
Тогаш Сведоците во Берагве ми понудија да ме однесат со автомобил на лекар во Џојана, град на околу 500 километри. Откако состојбата ми се стабилизира, ми направија операција за да ми вградат пејсмејкер. Ова се случи пред 20 години. И покрај тоа што следеа уште две други операции на срцето, сѐ уште учествувам во делото на правење ученици. Како и многу други лојални христијански сопруги, Жулија постојано ми беше извор на сила и охрабрување.
Иако здравствените проблеми ги ограничија моите активности и понекогаш ме обесхрабруваат, сѐ уште успевам да бидам пионер. Постојано се потсетувам себеси дека Јехова никогаш не ни ветил дека во животот во овој стар поредок секогаш ќе ни цветаат рози. Ако требало да истраат апостол Павле и другите верни христијани од старо време, зар со нас ќе биде поинаку? (Дела 14:22).
Неодамна случајно ја најдов првата Библија што си ја набавив во 1930-тите. На внатрешноста од корицата сум напишал 350 — бројот на објавители на Царството во Бразил кога почнав да одам на христијанските состаноци во 1943 година. Просто не можам да поверувам дека сега во Бразил има преку 600.000 Сведоци. Каква чест е да се има мал удел во таквиот пораст! Се разбира дека Јехова изобилно ја награди мојата истрајност. И јас можам да го речам она што го рекол псалмистот: „Господ ни направи големи дела: пак сме радосни!“ (Псалм 126:3).
[Фусноти]
a Издаден од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.
b Речиси 1.000.000 имигранти од Италија се населиле во Сао Пауло од 1870 до 1920 година.
[Слика на страница 9]
Сведоци го рекламираат јавното предавање на првиот конгрес во градот Салвадор во 1943 година
[Слика на страница 10]
Сведоци што пристигнуваат во Сао Пауло за собирот во 1946 година
[Слики на страници 10 и 11]
Во патувачка служба кон крајот на 1950-тите
[Слика на страница 12]
Со жена ми, Жулија