Одржан преку мојата доверба во Јехова
РАСКАЖАЛ АЖЕНОР ДА ПИШАУ
Нашиот единствен син, Паул, умре од бронхитис кога имаше само 11 месеци. Три месеци подоцна, на 15 август 1945 година, мојата драгоцена сопруга умре од пневмонија. Јас имав 28 години, и овие удари ме оставија жалосен и јадосан. Сепак, довербата во Јехова и во неговите ветувања ме одржа. Да ви раскажам како ја стекнав оваа доверба.
УШТЕ од моето раѓање во Салвадор (државата Баија, Бразил), на 5 јануари 1917 година, мајка ми ме учеше да ги обожавам „светците“ на Католичката црква. Таа дури и ги будеше моите браќа и мене рано наутро за да се молиме заедно. Меѓутоа, моите родители присуствуваа и на седенки на кандомбле — африканско-бразилски вуду ритуали. Ги почитував овие верувања, но немав доверба во таканаречените светци на католицизмот или во кандомбле. Она што особено ме разочара беа расните предрасуди што се гледаа во овие религии.
Со текот на времето, моите двајца постари браќа си заминаа од дома за да бараат работа. Подоцна, татко ми го напушти семејството. И така, на возраст од девет години, морав да најдам работа за да им помагам на мајка ми и на мојата помала сестричка. Околу 16 години подоцна, разговорите со еден колега во фабриката се покажаа како пресвртница во мојот живот.
Стекнувам доверба во Јехова
Во 1942 година се запознав со Фернандо Телез. Тој честопати велеше дека не е исправно да се обожаваат „светци“ (1. Коринтјаните 10:14; 1. Јованово 5:21). Отпрвин, не му обрнував никакво внимание. Но, неговата искреност и неговиот интерес за луѓето, без оглед на нивната боја, ме привлече и јас се восхитував на неговото библиско спознание, особено на она што го велеше во врска со Божјето Царство и рајската Земја (Исаија 9:6, 7; Даниил 2:44; Откровение 21:3, 4). Забележувајќи го мојот интерес, тој ми даде една Библија и нешто библиска литература.
По неколку седмици, прифатив една покана да присуствувам на една собраниска библиска студија. Групата ја проучуваше книгата Religion (Религија), издадена од Watch Tower Bible and Tract Society. Уживав во студијата и почнав да присуствувам на сите собраниски состаноци на Јеховините сведоци. Она што посебно ме импресионираше беше отсутноста на предрасуди и начинот на кој бев веднаш прифатен. Отприлика во тоа време почнав да ѝ се додворувам на Линдаура. Кога зборував со неа за она што го учев, таа почна да присуствува на состаноците заедно со мене.
Една друга работа која ме импресионираше на состаноците беше нагласокот што се ставаше врз делото на проповедање (Матеј 24:14; Дела 20:20). Охрабрен од пионерите, како што се нарекуваат полновремените слуги, почнав да зборувам неформално со другите во возот додека одев и се враќав од работа. Кога ќе најдев некого кој беше заинтересиран, ќе ја земев неговата адреса и ќе го посетував, обидувајќи се да го негувам тој интерес.
Во меѓувреме, мојата доверба во Јехова и во организацијата што тој ја користи, и натаму растеше. Така, откако слушав едно библиско предавање за христијанското предание, на 19 април 1943 година се крстив во Атлантскиот Океан. Истиот тој ден, за првпат учествував во редовната служба од куќа до куќа.
По две седмици, на 5 мај, Линдаура и јас се венчавме. Потоа, во август 1943 година, таа се крсти на првиот конгрес што го одржаа Јеховините сведоци во градот Салвадор. Во врска со тој конгрес, 1973 Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишникот на Јеховините сведоци за 1973) наведе: „Акцијата на свештенството успеа да го замолкне јавното предавање во Салвадор, но пред тоа веќе беше направена огромна извонредна реклама“. Доказот за Јеховиното водство и покрај жестокото прогонување, ја зајакна мојата доверба во него.
Како што раскажав на почетокот, само две години по крштавањето на Линдаура — и три месеци по смртта на нашиот син — мојата драга сопруга умре. Имаше само 22 години. Но, довербата што ја имав во Јехова, ме одржа во текот на тие тешки месеци.
Зајакнат преку духовната активност
Во 1946 година, по една година откако ги изгубив сопругата и синот, бев наименуван за слуга на библиската студија во собранието што тогаш постоеше во Салвадор. Истата таа година, во собранијата во Бразил започна Теократската школа за проповедање, и јас станав првиот водител на школата во државата Баија. Потоа, во октомври 1946 година, во градот Сао Паоло беше одржан теократскиот конгрес „Радосни народи“. Мојот работодавач, кај кого работев десет години, рече дека сум му потребен и ме наговараше да не одам. Меѓутоа, откако му објаснив колку многу би ми значело присуствувањето на конгресот, тој ми даде великодушен бакшиш и ми посака среќен пат.
Конгресните делови во Општинскиот театар во Сао Паоло се одржуваа на португалски — јазикот што се зборува во Бразил — како и на англиски, германски, полски, руски и унгарски. На тој конгрес излезе списанието Разбудете се! на португалски. Толку бев трогнат од конгресот — на јавното предавање присуствуваа околу 1.700 лица — што поднесов молба за да почнам да пионерам од 1 ноември 1946 година.
Во тоа време, во нашето пионерско дело во голема мера користевме фонограф. Предавањето „Заштита“ беше едно од оние кои често пати им ги пуштавме на станарите. Потоа велевме: „За да се заштитиме од некој невидлив непријател, мораме цврсто да се држиме за некој пријател кој исто така е невидлив. Јехова е нашиот најголем пријател и е многу помоќен од нашиот непријател, Сатана. Затоа, за да се заштитиме од него, мораме тесно да се држиме за Јехова“. Потоа ја нудевме џебната брошура Protection (Заштита), која даваше натамошни информации.
Пионерев помалку од една година кога добив покана да служам како специјален пионер во собранието Кариока во Рио де Жанеиро. Таму понекогаш се соочувавме со силно противење. Мојот партнер, Иван Бренер, еднаш вистински беше нападнат од еден станар. Соседите викнаа полиција, и сите бевме одведени во полициската станица.
Во текот на сослушувањето, разбеснетиот станар нѐ обвинуваше за нарушување на мирот. Шефот на полицијата му нареди да замолчи, а потоа се сврте кон нас и со благ тон рече дека можеме слободно да си одиме. Го задржа нашиот обвинувач и го казни поради напад. Ваквите ситуации ја одржаа мојата доверба во Јехова.
Проширена полновремена служба
На 1 јули 1949 година, бев одушевен кога ме поканија да служам во Бетел, како што се нарекуваат главните објекти на Јеховините сведоци во една земја. Бетелот во Бразил тогаш се наоѓаше на улица Лисињу Кардосу бр. 330, во Рио де Жанеиро. Во тоа време, целата бетелска фамилија броеше само 17 души. Некое време го посетував локалното собрание Енжењо де Дентру, но подоцна бев доделен како претседавачки надгледник во единственото собрание во Белфор Рошу, град сместен на неколку километри од Рио де Жанеиро.
Викендите ми беа многу исполнети. Во саботите патував со воз за Белфор Рошу, попладнето учествував во службата на подрачјето, а потоа вечерта одев на Теократската школа за проповедање и на Состанокот за служба. Преку ноќта останував кај браќата и следното утро учествував во службата на подрачјето. Тоа попладне присуствував на јавното библиско предавање и на студијата на Стражарска кула и се враќав во Бетелот околу девет и пол часот навечер. Денес, во Белфор Рошу има 18 собранија.
Во 1954 година, после три и пол години таков распоред, бев доделен назад во Рио де Жанеиро како претседавачки надгледник во собранието Сао Кристовау. Следните десет години служев во тоа собрание.
Моите бетелски задачи
Мојата прва задача во Бетелот беше да направам гаража за единственото возило на Друштвото, едно комбе Доџ од 1949 година, наречено Чоколадо поради неговата кафеава боја. Кога гаражата беше готова, бев доделен да работам во кујната, каде што останав три години. Потоа бев префрлен во Одделението за печатење, каде што сум веќе преку 40 години.
Голем дел од опремата за печатење што ја имавме беше половна. На пример, многу години имавме една стара рамна преса, која нагалено ја викавме Сара, според жената на Авраам. Со години беше користена во фабриката во главното седиште на Watch Tower Society во Бруклин (Њујорк). Тогаш, во 1950-тите, беше испратена во Бразил. Овде, како сопругата на Авраам, во своите стари години таа даваше плод — во облик на списанијата Стражарска кула и Разбудете се!
Никогаш не престанав да се чудам на порастот на бројот на публикациите што се произведуваа во бразилската постројка за печатење. Во целата 1953 година, отпечативме 324.400 списанија, а сега целото производство е над три милиони секој месец!
Нашите бетелски објекти
Беше возбудливо низ годините да се посматра проширувањето на нашите бетелски објекти во Бразил. Во 1952 година, зад нашиот дом во Рио де Жанеиро изградивме една двокатна фабрика. Потоа, во 1968 година, Бетелот беше префрлен во една нова зграда во градот Сао Паоло. Кога се вселивме, сѐ изгледаше огромно и пространо за нашата бетелска фамилија од 42 члена. Навистина мислевме дека оваа зграда ќе послужи за сиот наш иден раст. Меѓутоа, во 1971 година, беа изградени две петкатни доградби и беше купена една придружна фабрика, која беше преправена и поврзана со овој комплекс. Но, за само неколку години, постојаниот пораст на објавители на Царството — во 1975 година ја надминавме цифрата од 100.000 — изискуваше повеќе простор.
Затоа, на околу 140 километри од Сао Паоло, близу гратчето Сесариу Ланжа, беше изграден нов комплекс згради. Во 1980 година, нашата бетелска фамилија од 170 членови беше префрлена во овие нови објекти. Оттогаш, делото на Царството порасна драматично. Сега имаме преку 410.000 објавители кои редовно учествуваат во делото на проповедање во Бразил! За да се згрижат духовните потреби на сите овие објавители на Царството, моравме да продолжиме да градиме нови фабрики за печатење библиска литература, како и нови станови за сместување на бетелските доброволци. Моментално имаме околу 1.100 членови на бетелската фамилија!
Ценети предности
Бетелската служба ја сметам за скапоцена предност. Така, иако во поранешните години размислував да се преженам, избрав потполно да се сосредоточам на моите предности во Бетелот и на делото на проповедање. Овде во печатницата го имав задоволството да служам покрај безброј млади луѓе и да ги школувам во нивните задачи. Се обидував со нив да постапувам како со мои синови. Нивната ревност и несебичност беа извор на големо охрабрување за мене.
Една друга предност беше радоста од друштвото на извонредни цимери низ годините. Вистина, разликите во личностите повремено претставуваа предизвик. Сепак, научив да не очекувам совршенство од другите. Се стремев да не правам руно од влакно или, пак, себеси да не се земам пресериозно. Смеењето на моите сопствени грешки ми помагаше да преминам преку грешките на другите.
Една друга скапоцена предност што ја уживав беше тоа што бев во можност да присуствувам на големи меѓународни конгреси во Соединетите Држави. Еден од нив беше конгресот „Вечна добра вест“, одржан на Јенки Стадион (Њујорк) во 1963 година, а другиот беше меѓународниот конгрес „Мир на Земјата“, што се одржа на истото место во 1969 година. Додека бев таму, бев радосен што можев да го посетам светското главно седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк), што се наоѓаше во близината!
Исто така, десет години ја споделував предноста — менувајќи се наизменично со другите — да претседавам на утринското обожавање на бетелската фамилија. Сепак, најголемата предност која ми донесе огромна радост и охрабрување е тоа што им ја носев пораката за Царството на лицата со чесни срца, исто како што правел нашиот Учител, Исус Христос.
Во последниве години, се соочив со предизвикот да живеам со Паркинсонова болест. Грижата полна со љубов од страна на браќата и сестрите во бетелската болница, за мене е извор на постојана помош и утеха. Со полна доверба, се молам Јехова да ми даде сила да продолжам да го правам најдоброто што го можам во корист на неговото вистинско обожавање.
[Слика на страница 23]
Со мојата сопруга, која умре во 1945 година
[Слики на страница 23]
Бразилската подружница, каде што живеам сега