Да му се служи на Јехова како обединето семејство
РАСКАЖАЛ АНТОНИО САНТОЛЕРИ
Татко ми имал 17 години кога во 1919 година ја напуштил Италија. Се преселил во Бразил во потрага по подобар живот. Со текот на времето, стекнал берберница во едно гратче во внатрешноста на државата Сан Паоло.
ЕДЕН ДЕН во 1938 година, кога имав седум години, од некој човек кој наминал во неговиот дуќан, татко ми ја набави Бразилера верзијата на Библијата. По две години, мајка ми сериозно се разболе и остана инвалид сѐ до својата смрт. И татко ми се разболе, така што сите ние — мајка ми, татко ми, сестра ми Ана и јас — отидовме да живееме кај роднини во градот Сан Паоло.
За време на моето школување во Сан Паоло, станав страстен читател, особено на историски списи. Бев импресиониран од тоа што во нив повремено се спомнуваше Библијата. Еден роман што го бев позајмил од библиотеката во Сан Паоло, повеќе пати ја споменуваше Проповедта на гората. Токму тогаш одлучив да набавам една Библија за самиот да ја прочитам таа проповед. Ја барав Библијата што ја беше набавил татко ми повеќе години пред тоа и најпосле ја најдов на дното од еден ковчег, каде што лежела седум години.
Нашето семејство беше католичко, така што никогаш не бев храбрен да ја читам Библијата. Сега, сам научив да ги наоѓам поглавјата и стиховите. Ја прочитав со големо задоволство не само Проповедта на гората туку и целата книга на Матеј, како и други библиски книги. Она што најмногу ме импресионираше беше призвукот на вистината со кој беа изнесувани Исусовите учења и чуда.
Увидувајќи колку е поинаква католичката религија од она што го читав во Библијата, почнав да ја посетувам Презвитеријанската црква, а Ана ми се придружи. Сепак, сѐ уште чувствував некаков вакуум во срцето. Цели 17 години страстно го барав Бога (Дела 17:27). Една ѕвездена ноќ кога бев во замислено расположение, се прашував: ‚Зошто сум овде? Која е смислата на животот?‘ Побарав едно осамено место во дворот, клекнав и се помолив: ‚Господи Боже! Кој си ти? Како да те запознаам?‘ Одговорот дојде кратко потоа.
Дознавање на библиската вистина
Еден ден во 1949 година, една млада жена му пристапила на татко ми додека тој излегувал од трамвај. Му ги понудила списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Тој се претплатил на Стражарска кула и ја замолил да го посети нашиот дом, објаснувајќи дека има две деца кои одат во Презвитеријанската црква. За време на посетата, жената ѝ ја остави на Ана книгата Children (Деца) и започна библиска студија со неа. Подоцна јас се придружив во студијата.
Во ноември 1950 година, присуствувавме на нашиот прв конгрес на Јеховини сведоци. Таму беше објавена книгата “Let God Be True” (Нека Бог биде вистинит), а ние ја продолживме нашата библиска студија користејќи ја таа книга како свој водич. Кратко потоа, сфативме дека сме ја пронашле вистината и, во април 1951 година, се крстивме како симбол на нашето предание на Јехова. Татко ми го направи своето предание неколку години подоцна и умре верен на Бог во 1982 година.
Среќен во полновремената служба
Во јануари 1954 година, кога имав само 22 години, бев примен за служба во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци, наречена Бетел. Кога пристигнав таму, бев изненаден кога видов дека еден човек кој беше само две години постар од мене, Ричард Мука, беше надгледник на подружницата. Во 1955 година, кога се јави потреба од покраински слуги, како што тогаш беа нарекувани патувачките надгледници, јас бев меѓу петтемина кои беа поканети да учествуваат во оваа служба.
Моја доделба беше државата Рио Гранде до Сул. Кога почнав, таму имаше само 8 собранија на Јеховини сведоци, но за 18 месеци, беа основани 2 нови собранија и 20 изолирани групи. Денес во ова подрачје има 15 покраини на Јеховини сведоци, а секоја по 20-тина собранија! При крајот на 1956 година бев известен за тоа дека мојата покраина била поделена на четири помали, во кои ќе служат четири покраински слуги. Во тоа време бев упатен да се вратам во Бетелот заради нова доделба.
На мое изненадување и задоволство, бев доделен во северен Бразил како обласен слуга — патувачки слуга кој служи на извесен број покраини. Бразил тогаш имаше 12.000 слуги Јеховини сведоци, а земјата имаше две области. Рихард Вутке служеше на југ, а јас ја имав областа на север. Во Бетелот бевме обучувани да ракуваме со проектор заради прикажување на филмовите произведени од Јеховини сведоци — The New World Society in Action (Друштвото Нов свет во акција) и The Happiness of the New World Society (Среќата на Друштвото Нов свет).
Во тие денови, патувањето беше сосема поинакво. Никој од Сведоците немаше автомобил, па затоа патував со кану, со чамец, со воловска запрега, на коњ, со запрежна кола, со камион и еднаш со авион. Беше возбудливо да се лета над амазонската шума до слетувањето во Сантарем — град на полпат меѓу Белем, на устието на Амазон, и Манаус, главниот град на државата Амазон. Обласните слуги тогаш имаа малку покраински состаноци за служење, па затоа голем дел од моето време поминував во прикажувањето на филмовите на Друштвото. Во поголемите градови присуствуваа стотици лица.
Она што најмногу ме импресионираше во северен Бразил беше регионот на Амазон. Додека служев таму во април 1957 година, реката Амазон и нејзините притоки ги поплавија своите брегови. Ја имав предноста да покажам еден од филмовите во шумата, подигајќи еден импровизиран екран меѓу две дрвја. Струјата за проекторот доаѓаше од еден моторен чамец што беше закотвен во блиската река. Тоа беше првиот филм што некогаш го виделе повеќето од публиката.
Наскоро потоа, се вратив во бетелска служба и во следната, 1958 година, ја имав предноста во Њујорк Сити да присуствувам на историскиот меѓународен конгрес на Јеховини сведоци — „Божествена волја“. Меѓу 253.922-цата кои на завршниот ден од тој осумдневен конгрес ги исполнија Јенки Стадиум и блискиот Поло Граундз, имаше делегати од 123 земји.
Радосни промени во мојот живот
Кратко по враќањето во Бетелот, се запознав со Клара Бернт, и во март 1959 година се венчавме. Бевме доделени во покраинското дело во државата Баија, каде што служевме околу една година. Клара и јас сѐ уште со радост се сеќаваме на понизноста, гостољубието, ревноста и љубовта на тамошните браќа; тие беа сиромашни во материјален поглед, но богати во плодот на Царството. Потоа бевме префрлени во државата Сан Паоло. Во 1960 година, таму забремени мојата сопруга и моравме да ја напуштиме полновремената служба.
Одлучивме да се преселиме во едно место во државата Санта Катарина, каде што е родена мојата сопруга. Нашиот син, Герсон, беше првото од нашите пет деца. По него следеше Гилсон во 1962 година, Талита во 1965 година, Тарсио во 1969 година и Џенис во 1974 година. Благодарение на Јехова и на добриот совет што го дава тој, бевме во состојба да се соочиме со предизвикот да ги подигнеме во „стега и Јеховино мисловно насочување“ (Ефесјаните 6:4, НС).
Секое од нашите деца го сметаме за скапоцено. Псалмистот толку добро ги изразил нашите чувства: „Ете, наследството Господово се синовите“ (Псалм 126:3). И покрај проблемите, се грижевме за нашите деца онака како што би се грижеле за кое и да е ‚наследство Господово‘, имајќи ги на ум поуките што се наоѓаат во неговата Реч. Наградите беа многубројни. Имавме неискажлива радост кога сите пет едно по друго, секое за себе и по своја сопствена волја, изразија желба да бидат крстени како симбол на нивното предание на Јехова (Проповедник 12:1).
Изборите на нашите деца
Бевме пресреќни кога Герсон, по завршувањето на еден курс за компјутерска обработка на податоци рече дека сака да служи во Бетел, избирајќи ја на тој начин полновремената служба наместо професионалната кариера. Сепак, бетелскиот живот отпрвин не беше лесен за Герсон. Кога го посетивме откако беше во Бетел само четири месеци, бев погоден од жалоста што се одразуваше на неговото лице кога заминувавме. Во ретровизорот од нашиот автомобил го видов како нѐ посматра сѐ додека не ја поминавме првата кривина од патот. Очите ми беа толку полни со солзи што морав да запрам настрана од патот пред да го продолжиме нашето патување до дома, долго 700 километри.
Герсон всушност почна да се радува на Бетелот. Откако беше таму скоро шест години, се венча со Хајди Бесер, и служеа заедно во Бетелот уште две години. Хајди тогаш забремени и мораа да заминат. Нивната ќерка, Синтија, сега стара шест години, ги придружува во нивните активности за Царството.
Не долго откако првпат го посетивме Герсон во Бетелот, Гилсон, кој неодамна ја беше завршил својата прва година по деловна администрација, рече дека и тој сака да служи таму. Неговите планови беа да продолжи со својата деловна кариера откако ќе служи една година во Бетелот. Но, неговите планови се изменија и тој остана во бетелската служба. Во 1988 година се венча со Вивиен Гонсалвис, една пионерка, како што се нарекуваат полновремените слуги. Оттогаш наваму, тие служат заедно во Бетелот.
Нашата радост продолжи кога нашето трето дете, Талита, во 1986 година избра да стапи во полновремена служба, откако заврши курс по техничко цртање. По три години, и таа беше поканета во Бетел. Во 1991 година, се омажи за Жузе Коси, кој веќе десет години служеше во Бетел. Тие продолжуваат таму како брачна двојка.
Мојата сопруга и јас повторно бевме одушевени кога Тарсио, следниот на ред, ја повтори истата фраза што ја бевме чуле веќе трипати: „Тато, сакам да одам во Бетел“. Неговата молба беше прифатена и, во 1991 година, и тој почна со бетелска служба, каде што остана сѐ до 1995. Среќни сме што на овој начин над три години ја користеше својата младешка сила за да ги унапредува интересите на Царството.
Нашата најмала, Џенис, донесе одлука да му служи на Јехова и се крсти на 13 години. За време на нејзиното школување, една година служеше како помошна пионерка. Потоа, на 1 септември 1993 година, почна како општа пионерка во нашето собрание овде во градот Гаспар.
Патот до успехот
Која е тајната да се одржи едно семејство обединето во обожавањето на Јехова? Не верувам дека постои некаква волшебна формула. Јехова дал совет во својата Реч што христијанските родители треба да го следат, па затоа сета заслуга за убавите резултати што ги уживавме треба да му припадне нему. Ние едноставно се трудевме да ги следиме неговите упатства (Изреки 22:6). Сите наши деца наследија латинска сентименталност од мене и практичен германски дух од мајка им. Но, најважното нешто што го добија од нас беше духовното наследство.
Нашиот домашен живот се вртеше околу интересите на Царството. Не беше лесно да се зачуваат овие интереси на прво место. На пример, секогаш ни беше тешко редовно да одржуваме семејна библиска студија, но сепак никогаш не се предававме. Од нивните први денови на животот, секое дете беше носено на христијанските состаноци, како и на покраинските состаноци и на конгресите. Само болест или некоја друга итна работа нѐ спречуваше да присуствуваме. Освен тоа, уште на рана возраст децата нѐ придружуваа во христијанската служба.
Кога беа на околу десет години, децата почнуваа да држат говори во Теократската школа за служба. Ние им помагавме да ги подготват своите први говори, охрабрувајќи ги да користат нацрт наместо манускрипт. Подоцна, секое си подготвуваше свој сопствен говор. Исто така, кога беа меѓу 10 и 12 години, секое од нив почна редовно да учествува во службата. Ова беше единствениот начин на живот што го знаеја.
Мојата сопруга, Клара, одигра битна улога во одгледувањето на нашите деца. Секоја ноќ, кога тие беа многу мали — време кога детето го апсорбира како сунѓер сето она за што е поучувано — Клара им читаше по една библиска приказна и се молеше со секое. Таа добро ги користеше книгите From Paradise Lost to Paradise Regained (Од изгубениот до повторно воспоставениот рај), Listening to the Great Teacher (Да се слуша Големиот Учител) и Моја книга со библиски приказни.a Кога ги имаше на располагање, ги користевме аудио и визуелните помагала што ги обезбедуваа Јеховините сведоци.
Нашето искуство како христијански родители потврдува дека на децата им е потребно секојдневно внимание. Силната љубов, личниот интерес и изобилното време спаѓаат во основните потреби на децата. Не сметавме дека нашата родителска одговорност е само да ги задоволиме овие потреби колку што умеевме најдобро, туку пожнеавме и големо задоволство правејќи го тоа.
Навистина, на родителите им причинува задоволство да го остварат исполнувањето на зборовите од Псалм 126:3—5: „Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот. Она што се стрелите во раката на силниот, тоа се младите синови. Блажен е оној човек, кому му е исполнет тегарчикот со нив!“ Служењето на Јехова како обединето семејство навистина предизвика да се радуваме!
[Фуснота]
a Сите издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 26]
Антонио Сантолери со своето потесно семејство