Животна приказна
Прифаќањето на Јеховините покани донесува награди
РАСКАЖАЛА МАРИЈА ДО СЕУ ЗАНАРДИ
„Јехова знае што прави. Ако ти упатил покана, треба понизно да ја прифатиш.“ Овие зборови на татко ми, кои ми ги кажа пред околу 45 години, ми помогнаа да ја прифатам првата покана што ја добив од Јеховината организација — да служам како полновремен министер. Денес сѐ уште сум му благодарна на татко ми за советот, бидејќи прифаќањето на таквите покани ми донесе богати награди.
ВО 1928, татко ми се претплатил на списанието Стражарска кула и се заинтересирал за Библијата. Бидејќи живеел во централна Португалија, единствениот негов контакт со Божјето собрание биле публикациите што ги добивал по пошта и една Библија што им припаѓала на баба ми и дедо ми. Во 1949, кога имав 13 години, нашето семејство имигрираше во Бразил, татковината на мајка ми, и се населивме во предградијата на Рио де Жанеиро.
Нашите нови соседи нѐ поканија да ја посетиме нивната црква и отидовме неколкупати. Татко ми сакаше да ги распрашува во врска со пеколниот оган, душата и иднината на Земјата — но тие немаа одговори. „Едноставно ќе мораме да ги чекаме вистинските Библиски студенти“, велеше татко ми.
Еден ден, нѐ посети еден слеп човек и ни понуди Стражарска кула и Разбудете се! Татко ми го праша за истите работи, и тој даде цврсти библиски одговори. Следната седмица нѐ посети една жена Јеховин сведок. Откако одговори и на други прашања, таа се извини и рече дека мора да оди во служба на теренот. Бидејќи татко ми не сфати што сакаше да каже со тоа, таа му прочита од Матеј 13:38: „Нивата е светот“. Татко ми праша: „Може ли и јас да одам?“ „Се разбира“, гласеше одговорот. Бевме пресреќни што повторно ја најдовме библиската вистина! Татко ми се крсти на следниот конгрес, а јас кратко потоа, во ноември 1955.
Ја прифаќам мојата прва покана
Една и пол година потоа, од канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Рио де Жанеиро добив еден голем кафеав плик со покана да стапам во полновременото дело на проповедање. Во тоа време здравјето на мајка ми беше многу лошо, па затоа го замолив татко ми за совет. „Јехова знае што прави“, беше неговиот цврст одговор. „Ако тој ти упатил покана, треба понизно да ја прифатиш.“ Поттикната од овие зборови ја потполнив молбата и на 1 јули 1957 стапив во полновремена служба. Мојата прва доделба беше Трес Риос, град во државата Рио де Жанеиро.
Во почетокот, жителите на Трес Риос се колебаа да ја слушаат нашата порака бидејќи не користевме католичка верзија на Библијата. Помош дојде кога започнавме библиска студија со Жералду Рамалхо, активен католик. Со негова помош можев да добијам Библија со потпис на локалниот свештеник. Оттогаш, секогаш кога некој ќе изнесеше приговор, му го покажував потписот на свештеникот и веќе не поставуваше прашања. Подоцна Жералду се крсти.
Бев пресреќна кога еден покраински собир во 1959 се одржа баш во центарот на Трес Риос. Управникот на полицијата, кој во тоа време ја проучуваше Библијата, дури среди да се постават транспаренти со кои беше направена реклама на програмата низ целиот град. Откако три години работев во Трес Риос, бев поканета на една нова доделба во Иту, околу 110 километри западно од Сао Паоло.
Црвената, сината и жолтата книга
По извесно барање, мојата партнерка пионерка и јас најдовме удобни соби во центарот на градот кај Марија, една добродушна вдовица. Марија се однесуваше со нас како со свои ќерки. Но, наскоро римокатоличкиот бискуп на Иту ја посети и ѝ рече да нѐ истера, сепак таа цврсто застана: „Кога умре маж ми, ти не стори ништо за да ме утешиш. Овие Јеховини сведоци ми помогнаа, иако не сум член на нивната религија“.
Отприлика во тоа време, една жена нѐ информира дека католичките свештеници на Иту им забраниле на своите парохијани да земаат примероци од „црвената книга за Ѓаволот“. Мислеа на “Let God Be True” („Нека биде Бог вистинит“), библиска публикација што им ја нудевме на луѓето во текот на седмицата. Со оглед на тоа што црвената книга беше „забранета“ од свештениците, подготвивме презентација на сината книга (“New Heavens and a New Earth” — „Нови небеса и нова земја“). Подоцна, кога свештенството ја намириса и оваа промена, преминавме на жолтата книга (What Has Religion Done for Mankind? — Што сторила религијата за човештвото?), итн. Беше добро што имавме различни книги со разнобојни корици!
Отприлика откако една година бев во Иту, добив телеграма со која бев поканета да работам привремено во Бетел, седиштето на подружницата на Јеховините сведоци во Рио де Жанеиро, во подготовката на националниот собир. Радо ја прифатив.
Понатамошни предности и предизвици
Во Бетел немаше недостиг на работа, и ми беше драго да помогнам на секој можен начин. Колку само збогатуваше присуството на дискусијата за дневниот стих секое утро и на фамилијарната студија на Стражарска кула во понеделниците навечер! Искрените молитви на Ото Естелман и на други искусни членови на бетелската фамилија длабоко влијаеја врз мене.
По националниот собир, си ги спакував торбите за да се вратам во Иту но, на мое изненадување, слугата на подружницата, Грант Милер, ми врачи писмо со кое бев поканета да станам постојан член на бетелската фамилија. Цимерка ми беше сестра Хоза Јазедџијан, која сѐ уште служи во бразилскиот Бетел. Во тие денови бетелската фамилија беше мала — само 28 луѓе — и сите бевме блиски пријатели.
Во 1964 во Бетел дојде на обука Жоао Занарди, млад полновремен министер. Во тоа време беше доделен како покраински слуга, или патувачки надгледник во близина. Понекогаш се среќававме кога доаѓаше во Бетел да ги донесе своите извештаи. Слугата на подружницата му даде на Жоао дозвола да присуствува на фамилијарната студија во понеделниците навечер, така што можевме повеќе време да поминуваме заедно. Жоао и јас се венчавме во август 1965. Радо ја прифатив поканата да му се придружам на мојот сопруг во покраинското дело.
Во тие денови патувачкото дело во внатрешноста на Бразил беше нешто како авантура. Никогаш нема да ги заборавам посетите на групата објавители во Арања, државата Минас Жераис. Моравме да одиме со воз и потоа, останатиот дел од патот да пешачиме — натоварени со куфери, машина за пишување, проектор за дијапозитиви, службени торби и литература. Колку само бевме среќни кога ќе го сретневме Лоривал Шантал, еден постар брат, кој секогаш нѐ чекаше на станицата за да ни помогне за торбите.
Состаноците во Арања се одржуваа во една изнајмена куќа. Спиевме во една собичка одзади. Од едната страна имаше оган на дрва што го користевме за готвење или за греење вода, која браќата ни ја носеа во кофи. Една дупка во средината на една блиска плантажа со бамбуси служеше како тоалет. Ноќе остававме да гори светло од газија за да нѐ чува од триатомидните болви — инсекти што можат да пренесуваат Шагасова болест. Наутро носниците секогаш ни беа црни од чад. Прилично интересно искуство!
Додека служевме во една покраина во државата Парана, повторно добивме еден од оние големи кафеави пликови од канцеларијата на подружницата. Уште една покана од Јеховината организација — овој пат да служиме во Португалија! Во писмото ни беше препорачано да размислиме за начелото од Лука 14:28 и да го пресметаме трошокот пред да ја прифатиме оваа задача бидејќи нашето христијанско дело таму беше под забрана, а португалската влада веќе беше уапсила многу браќа.
Дали да одиме во земја каде што ќе се соочиме со такво прогонство? „Ако нашите португалски браќа можат да живеат таму и верно да му служат на Јехова, зошто да не можеме и ние?“ — рече Жоао. Сеќавајќи се на охрабрувачките зборови на татко ми, се сложив: „Ако Јехова ни упатил покана, треба да ја прифатиме и да имаме доверба во него“. Набрзо потоа заминавме во Бетел во Сао Паоло, каде што добивме понатамошни упатства и ги подготвивме документите за нашето патување.
Жоао Марија и Марија Жоао
Нашиот брод, Еугенио К. отплови од пристаништето Сантос, држава Сао Паоло, на 6 септември 1969. По девет дена на море, пристигнавме во Португалија. Во почетокот поминавме неколку месеци работејќи со искусни браќа во тесните улици на Алфама и Морариа, во стариот дел на Лисабон. Тие нѐ школуваа да бидеме внимателни за полицијата да не нѐ фати лесно.
Собраниските состаноци се одржуваа во домовите на Сведоците. Кога ќе забележевме дека соседите почнуваат да се сомневаат, состаноците беа брзо преместувани на некоја друга локација за куќата да не биде нападната или браќата уапсени. Пикниците, како што ги нарекувавме нашите собири, се одржуваа во Монсанто Парк, во предградието на Лисабон, и во Коста да Капарика, пошумено подрачје на брегот. За таа прилика се облекувавме лежерно, а група претпазливи редари внимаваа на неколку стратешки точки. Ако се приближеше некој сомнителен, имавме време да импровизираме некоја игра, да поставиме пикник или да почнеме да пееме некоја народна песна.
За да ѝ отежнеме на безбедносната полиција да нѐ идентификува, избегнувавме да ги користиме нашите вистински имиња. Нас браќата нѐ знаеја како Жоао Марија и Марија Жоао. Нашите имиња не беа користени во ниедна преписка или запис. Наместо тоа, ни беа доделени броеви. Јас донесов совесна одлука да не ги памтам адресите на браќата. На тој начин, и да ме уапсеа, не ќе беше можно да ги предадам.
И покрај ограничувањата, Жоао и јас бевме одлучни да ја искористиме секоја прилика да дадеме сведоштво, затоа што знаевме дека во секој момент можеме да ја изгубиме слободата. Научивме да се потпираме на нашиот небесен Татко, Јехова. Како наш Заштитник, тој ги користеше своите ангели на таков начин што чувствувавме дека ‚го гледаме Оној кој е невидлив‘ (Евреите 11:27).
Во една прилика, проповедајќи од куќа до куќа во Порто, сретнавме еден човек што инсистираше да нѐ покани внатре. Сестрата со која работев прифати без колебање, а јас немав избор освен да одам по неа. На моја запрепастеност, забележав дека во ходникот имаше фотографија на човек во воена униформа. Што да правиме сега? Нашиот домаќин нѐ покани да седнеме, и потоа ме праша: „Дали би дозволила син ти да служи во војска ако биде повикан?“ Тоа беше деликатна ситуација. Смирена, но откако во себе се помолив, одговорив: „Јас немам деца, и сигурна сум дека ако јас Ви поставам Вам едно такво хипотетично прашање, ќе ми го дадете истиот одговор“. Тој замолча. Затоа продолжив: „Сега, ако ме прашате како е да се изгуби брат или татко, на тоа можам да одговорам бидејќи и брат ми и татко ми се умрени“. Додека зборував, очите ми се наполнија со солзи, и забележав дека и тој за малку ќе заплачеше. Ни објасни дека неодамна му умрела жената. Внимателно слушаше додека објаснував за надежта за воскресение. Потоа учтиво се поздравивме и безбедно си заминавме, оставајќи ја работата во Јеховините раце.
И покрај забраната, на искрените луѓе им беше помогнато да добијат спознание за вистината. Во Порто мојот сопруг започна библиска студија со Хорасио, бизнисмен, кој брзо напредуваше. Подоцна син му Емилио, одличен лекар, исто така зазеде став за Јехова и се крсти. Навистина, ништо не може да го запре Јеховиниот свет дух.
‚Никогаш не знаете што ќе дозволи Јехова‘“
Во 1973 Жоао и јас бевме поканети да присуствуваме на Меѓународниот собир „Божествена победа“ во Брисел (Белгија). Беа присутни илјадници браќа од Шпанија и Белгија, како и делегати од Мозамбик, Ангола, Зелено’ртските острови, Мадеира и Азорските Острови. Во својот заклучен коментар, брат Нор, од главното седиште во Њујорк, поттикна: „Продолжете верно да му служите на Јехова. Никогаш не знаете што ќе дозволи тој. Кој знае, можеби на следниот меѓународен конгрес ќе присуствувате во Португалија!“
Следната година делото на проповедање во Португалија доби законско признание. И верно на зборовите на брат Нор, на 25 април 1978, го одржавме нашиот прв меѓународен конгрес во Лисабон. Колкава само предност беше да се маршира низ улиците на Лисабон и да се дава сведоштво со плакати, списанија и покани за јавното предавање! Беше тоа сон што се остварува.
Многу ги засакавме нашите португалски браќа, од кои многумина трпеа во затвори и беа тепани заради тоа што ја задржаа својата христијанска неутралност. Наша желба беше да продолжиме да служиме во Португалија. Но, не беше така. Во 1982, кај Жоао се разви сериозен срцев проблем, и канцеларијата на подружницата предложи да се вратиме во Бразил.
Период на испитување
Браќата во канцеларијата на подружницата во Бразил многу нѐ поддржуваа и нѐ доделија да служиме во собранието Киририм во Таубате, државата Сао Паоло. Здравјето на Жоао брзо се влоши, и наскоро веќе не можеше да излегува оддома. Интересентите доаѓаа кај нас дома за да ја проучуваат Библијата, и кај нас имаше состаноци за служба секој ден, како и седмична група за студија. Овие подготовки ни помогнаа да ја задржиме духовноста.
Жоао продолжи да прави сѐ што може во Јеховината служба сѐ до својата смрт, на 1 октомври 1985. Бев ожалостена и некако депримирана, но бев решена да продолжам со мојата доделба. Друг пад ми се случи во април 1986 кога во мојот дом влегоа крадци и ми украдоа речиси сѐ. За првпат во животот се почувствував осамена и уплашена. Еден брачен пар љубезно ме покани да останам кај него извесно време, за што бев многу благодарна.
Смртта на Жоао и кражбата исто така влијаеја врз мојата служба на Јехова. Повеќе не се чувствував сигурна во службата. Откако пишав до канцеларијата на подружницата за проблемот, добив покана да поминам извесно време во Бетел за да си ја повратам емоционалната рамнотежа. Колку само ме зајакна тој период!
Веднаш штом се чувствував малку подобро, прифатив задача да служам во Ипуа, град во државата Сао Паоло. Делото на проповедање ме одржа зафатена, но имаше периоди кога се чувстував обесхрабрена. Во тие времиња им телефонирав на браќата во Киририм, и едно семејство дојде да ме посети на неколку дена. Тие посети беа навистина охрабрувачки! Во текот на првата година што ја поминав во Ипуа, 38 различни браќа и сестри презедоа долги патувања за да ме видат.
Во 1992, шест години по смртта на Жоао, добив друга покана од Јеховината организација, овој пат да се преселам во Франка, државата Сао Паоло, каде што сѐ уште служам како полновремен министер. Овде подрачјето е многу продуктивно. Во 1994 започнав библиска студија со градоначалникот. Во тоа време тој се кандидираше за место во бразилскиот конгрес, но и покрај тоа што имаше исполнет распоред, проучувавме секој понеделник попладне. За да избегне да го прекинуваат, го исклучуваше телефонот. Колку само бев среќна додека гледав како тој постепено се повлекува од политиката и, со помош на вистината, го зацврсти и својот брак! Тој и неговата сопруга се крстија во 1998.
Гледајќи наназад, можам да речам дека мојот живот како полновремен министер беше живот на огромни благослови и предности. Прифаќањето на поканите што Јехова ми ги упати преку својата организација навистина ми донесе богати награди. И каква и да дојде покана во иднина, мојата спремност да ја прифатам е силна како и секогаш.
[Слики на страница 25]
Во 1957, кога стапив во полновремена служба, и денес
[Слика на страница 26]
Со бразилската бетелска фамилија во 1963
[Слика на страница 27]
Нашата венчавка во август 1965
[Слика на страница 27]
Собир во Португалија, каде што работевме под забрана
[Слика на страница 28]
Сведочење на улица во Лисабон во текот на Меѓународниот конгрес „Победоносна вера“ во 1978