Објавителите на Царството известуваат
Во Бразил ја „слушаат“ пораката за Царството
ЗА ДА ја објавуваат добрата вест за Царството во заедницата на глувите, многу Јеховини сведоци во Бразил го прифатиле предизвикот да научат бразилски знаковен јазик. Како што покажуваат следниве искуства, нивните напори донесуваат одлични резултати.
Ева,a една глува жена од Сао Паоло, почнала да учи знаковен јазик откако таа и нејзините три деца се вселиле да живеат со глув човек. Во трговскиот центар, Ева и нејзиното момче сретнале група глуви Сведоци и биле поканети на состанок во Салата на Царството. Прифатиле, мислејќи дека тоа ќе биде некој друштвен настан.
Затоа што имала ограничено познавање на знаковниот јазик, Ева разбрала малку од она што било кажано на состанокот. Потоа, еден брачен пар Сведоци ја поканиле на мала закуска во својот дом. Користејќи ги сликите во брошурата Радувај се на животот засекогаш на Земјата!, ѝ го објасниле Божјето ветување за идна рајска земја. На Ева ѝ се допаднало тоа што го дознала и почнала редовно да присуствува на состаноците.
Набрзо потоа, за да живее во склад со библиските начела, Ева го напуштила своето момче. И покрај острото противење од нејзиното семејство, продолжила духовно да напредува и се крстила во 1995. Шест месеци подоцна, Ева станала пионер, или полновремен објавител на Царството. Оттогаш им помогнала на четири глуви лица да дојдат до степен на предание и крштавање.
Карлос бил роден глув. Уште од детството се занимавал со дрога, неморал и кражби. Затоа што му се заканувале членовите на противничката банда, избегал во Сао Паоло и некое време престојувал со Жоао. Како Карлос, и Жоао бил глув и водел самоволен живот.
Неколку години подоцна, Карлос ја дознал пораката за Царството, која го поттикнала да го исчисти својот живот и да го озакони својот брак. Откако ги исполнил библиските барања, Карлос се крстил во знак на своето предание на Јехова. Во меѓувреме, без Карлос да знае, и Жоао ја запознал добрата вест и направил големи промени во својот живот. Кога дознал дека Јехова не го одобрува користењето на идоли, Жоао ја фрлил својата збирка „светци“. Откако го напуштил поранешниот начин на живот и Жоао се крстил.
Колку биле среќни Карлос и Жоао кога се сретнале во една Сала на Царството и ги увиделе промените што секој од нив ги направил! Сега и двајцата се одговорни семејни поглавари и служат како ревносни објавители на Царството.
Моментално, во Бразил има 30 собранија и 154 групи на знаковен јазик, со повеќе од 2.500 објавители, од кои околу 1.500 се глуви. Во Бразил, во 2001, на обласниот конгрес за глуви „Учители на Божјата реч“, имаше повеќе од 3.000 присутни, а 36 лица се крстија. Се надеваме дека со Јеховин благослов уште многу глуви лица ќе ја прифатат пораката за Царството.
[Фуснота]
a Имињата се променети.