Будно барај ги глувите луѓе на твоето подрачје
1 Јехова го упатува повикот: „,Дојди!‘ . . . Секој што сака нека земе вода на животот бесплатно“ (Отк. 22:17). Меѓу оние што се одѕиваат на овој повик има сѐ повеќе глуви луѓе. Како резултат на тоа, во текот на изминативе 13 години, во подружницата во Соединетите Држави се формирани 27 собранија и 43 групи на знаковен јазик.
2 За разлика од Соединетите Држави и другите земји, во Македонија сѐ уште немаме групи или собранија на знаковен јазик. Меѓутоа, можеби има глуви луѓе или лица со оштетен слух кои ќе покажат интерес за вистината. Што можеме да направиме за да им помогнеме?
3 Како можеш да помогнеш? Ако сретнеш некое глуво лице што сака да дознае нешто повеќе за вистината, можеби прво ќе треба да утврдиш до која мера е возможно да се комуницира со него. Некои лица со оштетен слух сепак можат да чујат ако некој зборува гласно и јасно во тивка околина. Некои глуви лица читаат од усните и на таков начин можат да водат разговор. Други, пак, можат да се достигнат со размена на писмени забелешки. Зошто не направиш повторна посета и не разговараш со членовите на семејството што имаат здрав слух? Можеби и тие ќе покажат интерес и ќе се понудат да ти помогнат да комуницираш со глувиот. Некои објавители дури и научиле знаковен јазик за да можат поделотворно да ги достигнат глувите (Дела 16:9, 10). Несомнено нашите публикации сепак ќе им бидат од помош на таквите, бидејќи повеќето знаат добро да читаат и на тој начин стекнуваат точно спознание за вистината.
4 Иако е предизвик да се комуницира со лице што е глуво или со оштетен слух, никогаш не сакаме да ги отфрлиме таквите како недостојни за нашето време или напори. Божја волја е да се спасат сите видови луѓе (1. Тим. 2:1, 4). Можеби во иднина ќе биде можно и овде да се основа група на знаковен јазик. Но, во меѓувреме, со стрпливи напори полни со љубов кон таквите, ќе можеш да им дадеш прилика бесплатно да земат од водата на животот (Мат. 10:11).