ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 1/5 стр. 22-26
  • Истрајноста води до напредок

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Истрајноста води до напредок
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Мали почетоци
  • Стремеж да се следи татковиот пример
  • Учество во службата за Царството
  • Храброст и покрај отпорот
  • Верен и лојален помошник
  • Истрајноста носи радост
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Одржан преку мојата доверба во Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Прифаќањето на Јеховините покани донесува награди
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Да му се служи на Јехова како обединето семејство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 1/5 стр. 22-26

Истрајноста води до напредок

РАСКАЖАЛ ЖОЗЕ МАГЛОВСКИ

Кога полицаецот ме зграпчи за мишка, со поглед го барав татко ми. Меѓутоа, без да знам, тој веќе бил одведен во полициска станица. Кога пристигнав таму, полицајците ни ги одзедоа сите публикации, меѓу кои и Библиите, и ги нафрлаа на подот. Кога го виде тоа, татко ми праша: „Вие ги фрлате на земја и Библиите?“ Началникот на полицијата се извини, а потоа ги собра и ги стави на масата.

КАКО завршивме во полициската станица? Што сме направиле? Дали сме биле во атеистичка полициска држава, па ни ги одзеле дури и Библиите? За да одговориме на овие прашања, ќе мораме да се вратиме во 1925, уште пред да се родам.

Таа година, татко ми Стефан и мајка ми Јулијана ја напуштиле тогашна Југославија и се преселиле во Бразил, во Сан Паоло. Иако татко ми беше протестант, а мајка ми католичка, религијата не беше фактор што ги разделуваше. Всушност, десет години подоцна се случи нешто што религиозно ги обедини. Баџанакот на татко ми, му донесе џепна брошура во боја, на унгарски, која ја обработуваше темата за состојбата на мртвите. Тој ја добил брошурата како подарок, па го замоли татко ми да ја прочита и да му го каже своето мислење за содржината, особено за делот за „пекол“. Татко ми помина цела ноќ читајќи ја и препрочитувајќи ја брошурата и, следниот ден, кога дојде баџанак му за да го чуе неговото мислење, категорички изјави: „Овде е вистината!“

Мали почетоци

Бидејќи публикацијата беше издадена од Јеховините сведоци, обајцата ги бараа за да дознаат повеќе за нивните верувања и учења. Кога најпосле стапија во контакт, неколку членови од нашето семејство почнаа да водат библиски дискусии со Сведоците. Истата година, 1935, беше започната редовна библиска студија на унгарски, со просечно осум присутни, и оттогаш во нашиот дом имавме редовни библиски студии.

По две години проучување на Библијата, во 1937, татко ми се крсти и стана ревен Сведок на Јехова, учествувајќи во делото на проповедање од куќа до куќа и служејќи, исто така, како наименуван слуга и водител на студија. Тој помогна при формирањето на првото собрание во Сан Паоло, во населбата Вила Мариана. Подоцна, собранието беше префрлено во центарот на градот и стана познато како Собрание Центар. Десет години подоцна беше формирано второто собрание, во населбата Ипиранга, а татко ми беше наименуван за собраниски слуга во истото. Во 1954 година беше формирано трето собрание, во населбата Моињо Вело, каде што тој, исто така, служеше како собраниски слуга.

Веднаш штом оваа група добро се утврди, почна да ѝ помага на соседната група во Сан Бернардо до Кампо. Благодарение на Јеховиниот благослов врз напорите на овие мали групи Сведоци во тие години, порастот беше ненадминат, така што во 1994 само во Сан Паоло и неговата околина имаше преку 70.000 објавители во 760 собранија. За жал, татко ми не го доживеа овој пораст. Умре во 1958, на старост од 57 години.

Стремеж да се следи татковиот пример

Една истакната карактеристика на татко ми, како и на другите зрели христијани, беше гостопримливоста. (Види 3. Јованово 1, 5-8.) Поради тоа, имавме предност да ги угостиме Антонио Андраде со жена му и син му, кои во 1936 дојдоа во Бразил од Соединетите Држави, заедно со брат и сестра Јул. Исто така, на гости ни беа и двајца дипломци од Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула, Хари Блек и Дилард Летко, кои во 1945 беа првите мисионери доделени во Бразил. По нив дојдоа и многу други. Овие браќа и сестри беа постојан извор на охрабрување за сите во нашето семејство. Ценејќи го ова, а и за да му бидам од корист на своето семејство, се стремев да го имитирам примерот на татко ми во поглед на христијанската особина гостопримливост.

Иако имав само девет години кога татко ми ја запозна вистината во 1935, како најстар син почнав да го придружувам во теократските активности. Заедно со него присуствувавме сите на состаноците во Салата на Царството што се наоѓаше во седиштето на Сведоците во Сан Паоло, улица Еса де Кароз, број 141. Благодарение на поуката и обуката што ми ја даде татко ми, развив горлива желба да му служам на Јехова и, во 1940-та, му се предадов на Јехова, симболизирајќи го тоа со потопување во вода, во сега загадената река Тиете, која тече низ центарот на Сан Паоло.

Набрзо научив што значи да се биде редовен објавител на добрата вест, садејќи и полевајќи ја во другите пораката на вистината и водејќи домашни библиски студии со нив. Сега, додека ги гледам илјадниците предадени Сведоци на Јехова во Бразил, чувствувам длабока радост што знам дека Јехова ме употребил мене за да им помогнам на многумина од нив да ја запознаат вистината или да го продлабочат своето ценење за неа.

Меѓу оние на кои им помагав е Јоаким Мело, кого го сретнав во службата од врата до врата. Зборував со тројца други луѓе кои ме слушаа, но не со голем интерес. Потоа забележав едно младо момче кое ни се приклучи и слушаше сконцентрирано. Кога видов колку се интересира, го насочив своето внимание на него и, после едно добро сведоштво, го поканив на Собраниската студија на книга. Не присуствуваше на студијата, но се појави на Теократската школа за проповедање и оттогаш редовно присуствуваше на состаноците. Добро напредуваше, се крсти и неколку години служеше како патувачки слуга во придружба на својата жена.

Тука е и Арналдо Орси, кого го сретнав таму каде што работев. Редовно му сведочев на еден соработник, но забележав дека еден брадест млад човек секогаш прислушкуваше, па затоа почнав да му зборувам директно нему. Беше од семејство на тврди католици, но поставуваше многу прашања за работи како што се пушењето, гледањето порнографски филмови и вежбањето на борбената вештина џудо. Му покажав што вели Библијата и, на мое пријатно изненадување, следниот ден ме викна да го гледам како ги крши лулето и запалката заедно со распетието, како ги уништува порнографските филмови што ги имал и ја бричи брадата. За неколку минути стана нов човек! Исто така, престана да вежба џудо и ме замоли да водам со него библиска студија секој ден. И покрај отпорот што му го даваа жена му и татко му, тој добро напредуваше духовно со помош на браќата кои живееја во негова близина. За кратко време се крсти и денес служи како собраниски старешина. Жена му и децата, исто така, ја прифатија вистината.

Учество во службата за Царството

Кога имав околу 14 години, почнав да работам во едно претпријатие за реклами каде што научив да цртам фирми. Ова се покажа многу корисно, бидејќи по неколку години јас бев единствениот брат во Сан Паоло кој правеше плакати и транспаренти со кои се најавуваа јавни предавања и конгреси на Јеховините сведоци. Скоро 30 години ја имав предноста да служам како надгледник на конгресното Одделение за плакати. Секогаш си го чував годишниот одмор за да работам на конгресите, кога дури и спиев во конгресната сала само за да бидат нацртани навреме сите плакати.

Исто така, имав прилика да работам со разгласна кола на Друштвото, што беше вистински новитет во тоа време. Ќе ставевме библиски публикации на тезга и, додека разгласната кола ја емитуваше снимената порака, разговаравме со луѓето кои доаѓаа од дома за да видат што се случува. Друго средство што го користевме за да ја пренесеме добрата вест за Царството беше преносниот грамофон. Сѐ уште ги чувам плочите што ги користевме за да ги презентираме публикациите на Заедницата. Со нивна помош беа врачени големи количества литература.

Во тие денови Католичката црква имаше долги процесии по улиците на Сан Паоло, честопати со луѓе кои одеа пред нив за да го расчистат патот. Една недела, додека татко ми и јас нудевме Стражарска кула и Разбудете се! на улица, се појави една долга процесија. Татко ми, по својот обичај, носеше шапка. Еден од луѓето кои одеа пред процесијата, се развика: „Симни ја капата! Не гледаш ли дека доаѓа процесија?“ Бидејќи татко ми не ја симна шапката, дојдоа уште неколкумина и нѐ туркаа настрана кон излогот од една продавница, создавајќи неред. Ова го привлекло вниманието на еден полицаец кој дојде да види што се случува. Еден од луѓето го фати за мишка, сакајќи да зборува со него. „Мавни ги рацете од мојата униформа!“ — му заповеда полицаецот и го плесна по раката. Потоа праша што се случува. Човекот му објасни дека татко ми не сака да ја симне шапката пред процесијата, и додаде: „Јас сум апостолски римокатолик“. Неочекуваниот одговор беше: „Велиш дека си римокатолик? Тогаш оди си во Рим! Ова е Бразил“. Потоа се сврте кон нас и нѐ праша: „Кој беше овде прв?“ Кога татко ми му одговори дека ние бевме првите, полицаецот ги избрка луѓето и ни рече да си продолжиме со работата. Стоеше покрај нас сѐ додека не помина целата процесија — а остана и шапката на главата на татко ми!

Ваквите инциденти беа ретки. Но кога ќе се случеа, охрабруваше сознанието дека има луѓе кои веруваат во правдата на малцинствата и кои не ѝ се умилкуваа на Католичката црква.

Во друга прилика, сретнав еден тинејџер кој покажа интерес и ме замоли да дојдам следната седмица. Кога дојдов, добро ме прими и ме викна внатре. Колку само бев изненаден кога се најдов сред една банда младинци кои ми се исмејуваа и се обидуваа да ме испровоцираат! Ситуацијата се влоши, така што чувствував дека наскоро ќе ме нападнат. Му реков на оној кој ме покани дека лично ќе одговара ако ми се случи нешто и дека моите знаат каде сум. Ги замолив да ме пуштат и тие се сложија. Меѓутоа, пред да заминам им реков дека му стојам на располагање секому од нив поединечно, доколку сака да разговара со мене. Подоцна дознав дека биле една група фанатици, пријатели на месниот поп, кој ги подбуцнал да ја договорат оваа средба. Бев среќен што се извлеков.

На почетокот, напредокот во Бразил, се разбира, беше бавен, скоро незабележлив. Бевме во почетната фаза на „садење“ и немавме многу време за „одгледување“ и за „собирање“ на плодовите од трудот што го вложувавме. Секогаш се потсетувавме на она што го рекол апостол Павле: „Јас посадив, Аполос поли, но Бог направи да израсте. Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сѐ е Бог, Кој прави да израсте“ (1. Коринтјаните 3:6, 7). Кога во 1945 пристигнаа првите дипломци на Гилеад, почувствувавме дека дошло времето за овој долгоочекуван пораст.

Храброст и покрај отпорот

Порастот, меѓутоа, не настапи без никаков отпор, особено откако во Европа изби II светска војна. Имаше директно прогонство бидејќи луѓето, како и некои од властите, најчесто не го разбираа нашиот неутрален став. Во една прилика, во 1940, додека работевме со плакати на улица во центарот на Сан Паоло, еден полицаец ми пријде одзади, ми ги скина плакатите и ме фати за мишка за да ме одведе во полициска станица. Со поглед го барав татко ми, но никаде не можев да го видам. Без да знам, него и неколкумина други браќа и сестри, меѓу кои и брат Јул кој го надгледуваше делото во Бразил, веќе ги одвеле во полициската станица. Како што беше покажано во уводниот пасус, таму го сретнав татко ми повторно.

Бидејќи бев малолетен, не ме задржаа, туку набрзо после тоа еден полицаец ме однесе дома и ме предаде на мајка ми. Истата вечер беа ослободени и сестрите. Подоцна, полицијата одлучила да ги ослободи сите браќа, отприлика десетмина, освен брат Јул. Меѓутоа, браќата инсистирале: „Или ќе си одиме сите или никој“. Полицајците биле непопустливи, па така сите ја минале ноќта заедно, во една студена просторија, на бетонски под. Следниот ден, сите беа ослободени безусловно. Неколку пати браќата беа уапсени поради сведочење со плакати. Со нив се најавуваше јавно предавање, како и една џепна брошура со наслов Fashism or Freedom (Фашизам или слобода), па некои од властите го сфатиле тоа како ние да сме за фашизмот, што нормално доведе до недоразбирања.

Задолжителната воена служба исто така претставуваше проблем за младите браќа. Во 1948, јас бев првиот во Бразил кој беше затворен поради оваа работа. Властите просто не знаеја што да прават со мене. Ме префрлија во воената касарна во Касапава и ми дадоа да садам и да одгледувам зеленчук во градината, како и да ја чистам просторијата во која офицерите се мечуваа. Имав многу прилики да им сведочам и да им оставам публикации на луѓето. Одговорниот офицер беше првиот кој зеде примерок од книгата Children, издадена од Друштвото. Подоцна бев задолжен дури и да им држам часови по религија на околу 30 до 40 војници кои не можеа да вежбаат и мораа да бидат во соба. На крајот, по околу десет месеци затвор, без изведен пред суд и ослободен. Му благодарев на Јехова кој ми даде сила да се исправам пред заканите, навредите и исмејувањата што ми ги упатија некои од луѓето.

Верен и лојален помошник

На 2 јуни 1951, се оженив со Барбара и оттогаш таа ми беше лојален и верен другар во поучувањето на нашите деца и во нивното подигање „во стега и Јеховино мисловно насочување“ (Ефесјаните 6:4, НС). Од петте деца што ги имаме, четири му служат радосно на Јехова во различни својства. Се надеваме дека, заедно со нас, и понатаму ќе истрајат во вистината и ќе придонесат за напредокот на организацијата и на делото што се врши. Членовите на семејството што се на придружната фотографија, се предадени слуги на Јехова, освен најмалиот, бебето в раце. Четворицата се старешини, а двајца од нив се и општи пионери, што ја илустрира вистинитоста на Изреки 17:6: „Синовите на синовите се венец на старите, а слава за децата се родителите нивни“.

Сега, на старост од 68 години, здравјето не ми е баш најдобро. Во 1991, со операција ми направија три бајпаси, а подоцна и ангиопластика. Меѓутоа, среќен сум што можам и понатаму да служам како претседавачки надгледник во едно собрание во Сан Бернардо до Кампо, следејќи ги стапките на татко ми кој беше меѓу првите кои го започнаа делото овде. Нашата генерација е навистина единствена со тоа што ја има неповторливата предност да го објавува воспоставувањето на Јеховиното Месијанско Царство. Затоа не смееме никогаш да ги заборавиме Павловите зборови до Тимотеј: „Но ти . . . направи дело достојно на евангелист, службата своја исполнувај ја добро“ (2. Тимотеј 4:5).

[Слика на страница 23]

Моите родители, Стефан и Јулијана Магловски

[Слика на страница 26]

Жозе и Барбара со членовите на своето семејство од предадени слуги на Јехова

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели