ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 9/12 стр. 4-7
  • Судниот ден сее страв

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Судниот ден сее страв
  • Разбудете се! 2012
  • Сличен материјал
  • Дали на планетава ѝ се заканува опасност?
    Разбудете се! 2008
  • Нуклеарна војна — кој претставува закана?
    Разбудете се! 2004
  • Нуклеарната закана — воопшто не е завршена
    Разбудете се! 1999
  • Астероидите, кометите и Земјата — на пат да се судрат?
    Разбудете се! 1999
Повеќе
Разбудете се! 2012
g 9/12 стр. 4-7

Судниот ден сее страв

ОСВЕН нереалистичните замисли за крајот на светот спомнати во претходната статија, има и тврдења кои сепак треба да се земат предвид. Многу луѓе ги загрижува пренаселеноста која би можела да доведе до недостиг на вода и храна. Други стравуваат од глобален финансиски колапс. А што е со природните катастрофи, епидемиите или заканата од нуклеарна војна? Би можеле ли таквите настани да доведат до катастрофа од светски размери?

Да разгледаме накратко некои реални закани за опстанокот на светот. Иако тие не мора да значат истребување на целокупниот жив свет на Земјата, секоја од нив има потенцијал да доведе до уништување на човештвото. Да разгледаме неколку примери.

Супервулкани

Во 1991 год., дојде до ерупција на вулканот Пинатубо на Филипините, при што животот го изгубија повеќе од 700 лица, а околу 100.000 останаа без покрив над главата. Вулканот исфрли голем облак пепел кој се издигна 30 километри во воздухот и потоа падна на земјата прекривајќи ги посевите, а од тежината се срушија и многу покриви. Кога еруптираат вулкани како Пинатубо, доаѓа до промени на климата чии ефекти се чувствуваат и по неколку години.

Големите ерупции, како оние во далечното минато, би биле стопати посилни и поразорни од кои и да било други за кои постојат податоци. Освен моменталната деструктивна сила, како последица на глобалните климатски промени би се уништиле посевите, би било тешко да се дојде до храна, а тоа би довело до сеопшт глад.

„Вулканите убиваат растенија и животни во радиус од неколку километри; супервулканите може да бидат причина за изумирање на цели видови затоа што ќе предизвикаат климатски промени на целата планета“ (National Geographic).

Астероиди

Едно рано утро во 1908 год., еден човек си седел пред дуќанот во Ванавара (Сибир) кога голема експлозија го исфрлила од столчето. Почувствувал толку силна топлина што мислел дека кошулата му е запалена. Експлозијата, всушност, се случила на оддалеченост од 60-ина километри. Била предизвикана од астероид со пречник од околу 35 метри и тежина од околу 100.000 тони. Откако навлегол во Земјината атмосфера, астероидот експлодирал под дејство на притисокот и топлината што се создале при неговото паѓање. Експлозијата ослободила енергија еднаква на 1.000 бомби како онаа фрлена во Хирошима и срамнила со земја околу 2.000 квадратни километри шума во Сибир. Се разбира, еден поголем астероид би причинил многу поголема штета предизвикувајќи огромни пожари, по што би дошло до нагло опаѓање на температурата низ целиот свет, а тоа, пак, би довело до изумирање на многу животни и растенија.

„Низ историјата, на Земјата паднале многу комети и астероиди. Во минатото ова се случувало многу почесто, но ќе се случи повторно. Само прашање на време е кога“ (Крис Палма, професор по астрономија и астрофизика на Универзитетот во Пенсилванија).

Климатски промени

Научниците веруваат дека покачувањето на просечната температура на Земјата, екстремните временски услови, топењето на ледената покривка и глечерите и изумирањето на коралните гребени и на важни видови укажуваат на глобални климатски промени. Иако има различни мислења по ова прашање, мнозина тврдат дека причината за тоа е употребата на јаглен, нафта и природен гас — фосилни горива кои ослободуваат огромни количини јаглерод диоксид во атмосферата — за автомобилите и во индустријата.

Некои експерти мислат дека ваквото загадување предизвикува ефект на стаклена градина поради што топлината од Земјата побавно излегува од атмосферата, а тоа води до покачување на температурите. Бидејќи дрвјата го апсорбираат јаглеродниот диоксид, масовното сечење на шумите исто така може да придонесе за климатски промени.

„Ако глобалното затоплување продолжи со исто темпо и ако не се намали емисијата на јаглерод диоксид, многу научници сметаат дека просечната температура на Земјата ќе продолжи да расте, а тоа ќе доведе до поразорни и поекстремни климатски промени и покачување на морското ниво, што може да претставува опасност за ниските крајбрежја каде што живеат голем број луѓе“ (A Mind for Tomorrow: Facts, Values, and the Future).

Пандемии

Во 14 век, црната чума за само две години покосила третина од населението во Европа. Во периодот 1918-1920 год., од шпански грип умреле најмалку 50 милиони лица. Во тоа време патувањето одело бавно, а тоа го забавило и ширењето на овие болести. Но, со зголемувањето на градовите и брзиот меѓународен транспорт, некоја слична болест многу брзо би се раширила на сите континенти.

Таквата пандемија би можела да настане по природен пат. Но, сѐ повеќе луѓе стравуваат од биолошко оружје, односно од болести создадени во лабораторија. Експертите на ова поле велат дека, мала група луѓе со доволно знаење би можеле да ги купат потребните работи на Интернет и да произведат смртоносно биолошко оружје.

„Болестите што се јавуваат по природен пат и понатаму претставуваат сериозна биолошка закана. Меѓутоа, еден интелигентен непријател вооружен со истите патогени микроорганизми — или со микроорганизми добиени синтетички или [отпорни на многу лекови] — би можел да предизвика катастрофални последици“ (The Bipartisan WMD Terrorism Research Center).

Изумирање на важни видови

Во последниве пет години, на пчеларите во САД секоја година им изумираат околу 30 отсто од пчелите — светски феномен при кој цели колонии пчели одеднаш и од непознати причини исчезнуваат од кошниците. Пчелите прават многу повеќе отколку само што даваат мед. Тие опрашуваат разни важни култури како што се грозјето, јаболката, сојата и памукот. Значи, зависиме од пчелите.

Зависиме и од фитопланктонот без кој не би имало риби. Без црвите кои ја преработуваат почвата би имале многу помалку род. Изумирањето на ваквите важни видови би довело до недостиг на храна и до глад, а тоа, пак, до насилство и немири. Загадувањето, пренаселеноста, прекумерното сечење на шумите, уништувањето на природните живеалишта и климатските промени се уште една причина за изумирањето на животните и тоа со стапка 1.000 пати поголема од природната.

„Секоја година, изумираат помеѓу 18.000 и 55.000 видови. Која е причината? Човечкиот фактор“ (Програма за развој при Обединетите нации).

Нуклеарна војна

Една нуклеарна експлозија може за миг да збрише цел град — мрачен факт чија вистинитост двапати беше потврдена во август 1945 год. Нуклеарната експлозија е страшно моќна, а уништува и убива со својот силен притисок, ветар, жештина, оган и радијација. Освен тоа, радијацијата ги загадува храната и водата. Една нуклеарна војна би кренала тони прав во воздухот, поради што сончевата светлина не би можела да продре до Земјата, а тоа би довело до опаѓање на глобалните температури. Приносите и сите растенија би изумреле. Без храна, луѓето и животните би умреле од глад. Се вели дека девет земји се способни да извршат нуклеарен напад. Изгледа дека други земји се трудат да развијат сопствено нуклеарно оружје. А терористичките организации сакаат да дојдат до такво оружје.

„Нуклеарното оружје и понатаму е најсериозната и најреална закана за човештвото... Во светот сѐ уште има околу 25.000 боеви глави... Кога-тогаш некоја од нив ќе падне во рацете на терористите“ (Сојуз на загрижени научници).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели