Астероидите, кометите и Земјата — на пат да се судрат?
‚Рано наутро на 30 јуни, во ова сибирско село видовме една многу необична појава. Високо над хоризонтот, селаните видоа еден објект кој светеше со голем блесок; беше премногу светол за голо око. Ниско на хоризонтот, во истиот правец со светлечкото тело, можеше да се види еден мал црн облак. Кога светлиот објект се приближи до Земјата, изгледаше како да се здроби во прав. На негово место се создаде голем облак од црн чад и се слушна силна експлозија како од лавина големи камења. Зградите се тресеа, а еден чаталест пламенен јазик се изви нагоре низ облакот. Селаните преплашени истрчаа на улицата. Старите жени плачеа; сите мислеа дека врз нив доаѓа крајот на светот“ (сиже на еден извештај кој се појави во весникот Sibir [Иркутск, Русија], на 2 јули 1908).
ТИЕ селани сигурно не сфатиле дека над нивните глави штотуку експлодирал небесен објект. Денес, после повеќе од 90 години, една од најфантастичните прогнози за крајот на нашата планета вклучува катастрофа предизвикана од некој астероид или комета. Акронимите како што се ОБЗ (Објекти во близина на земјата) и ПОО (Потенцијално опасни објекти) се слушаат во врска со апокалиптични прогнози за тоа дека Земјата ќе биде уништена во судир со небесни тела. Холивуд се растрча да ги претвори овие стравови во профит со финансиски успешните филмови како што се Длабок удар и Армагедон.
Но, каква е веројатноста Вие или Вашите деца да исчезнете поради некој метеор од небото? Треба ли да очекувате наскоро некаков дожд од грутки железо и лед да го бомбардира Вашиот двор? Ако живеете во близината на брегот, дали Вашиот дом ќе биде срамнет од огромен плимен бран предизвикан од заталкан астероид кој се втурнал во морето?
Орбитирање среде планетарен отпад
Нашиот Сончев систем се состои од многу повеќе отколку само Сонцето, деветте планети и нивните месечини. Кометите (смеса од лед и прав), астероидите (мали или ситни планети) и метеороидите (повеќето фрагменти од астероиди) исто така орбитираат во Сончевиот систем. Долго време на научниците им е познато дека Земјата е подложна на бомбардирања од вселената. Треба само да го погледнеме изудираниот пејзаж на Месечината за да сфатиме дека живееме во едно натрупано соседство. Да не беше атмосферата и постојаното обновување на Земјината површина поради движењето на тектонските плочи и ерозијата, лицето на нашата планета ќе беше полно со кратери исто како Месечината.
Научниците проценуваат дека во Земјината атмосфера секој ден можат да се видат 200 милиони метеори. Повеќето објекти кои влегуваат во атмосферата се мали и согоруваат речиси незабележани. Но, некои од овие објекти ја преживуваат пламената топлина при навлегувањето, а триењето на воздухот ги забавува до брзина од околу 320 километри на час. Она што ќе остане од нив ја погодува Земјата во облик на метеори. Бидејќи повеќето од нив паѓаат во океаните или во ненаселените копнени предели, тие ретко им наштетуваат на луѓето. Се проценува дека објектите кои влегуваат во нашата атмосфера секојдневно ја зголемуваат тежината на Земјата за стотици тони.
Освен тоа, астрономите проценуваат дека можеби има околу 2.000 астероиди поголеми од еден километар кои ја сечат Земјината орбита или, пак, доаѓаат блиску до неа. Тие откриле и лоцирале само околу 200 од нив. Исто така, се проценува дека има еден милион астероиди со пречник поголем од 50 метри, кои опасно се приближуваат до Земјината орбита. Астероидите со таа големина можат да стигнат до копното и да предизвикаат штета. Еден таков релативно мал проектил поседува енергија од околу десет мегатони — што е еднакво на една голема нуклеарна бомба. Иако Земјината атмосфера може да нѐ заштити од помалите судири, таа не може да ги запре оние кои имаат енергија од десет или повеќе мегатони. Некои истражувачи тврдат дека, статистички гледано, можеме да очекуваме судир од десет мегатони во просек отприлика еднаш во столетието. Според некои проценки, зачестеноста на судири на објекти со пречник од околу еден километар е еднаш во 100.000 години.
Разоткривање на кратери, експлозии колизии
Не е тешко да се поверува дека нашата планета ја погодувале големи објекти кои во минатото паѓале од вселената. Докази за овие судири можат да се пронајдат во повеќе од 150 откриени кратери кои оставиле лузни на Земјината површина. Некои од нив се јасно видливи, други можат да се видат само од авион или од сателит, а трети, пак, веќе долго време се закопани или се наоѓаат на океанското дно.
Еден од најпознатите кратери, познат како Чиксулуб, направил лузна на Земјината површина со дијаметар од 180 километри. Се верува дека овој огромен кратер, кој е сместен во близината на северниот врв на мексиканскиот полуостров Јукатан, е местото каде што удрила некоја комета или астероид од 10 километри. Некои тврдат дека климатските промени предизвикани од овој судир биле причина за истребувањето на диносаурусите и на другите копнени и морски животни.
Во Аризона (САД), еден железен метеорит го издлабил импресивниот метеорски кратер — дупка која е широка речиси 1.200 метри и длабока 200 метри. Каква несреќа би се случила ако еден таков метеор погоди некој град? Една популарна изложба во Американскиот музеј за природна историја во Њујорк Сити покажува дека, доколку некој таков објект удри во Менхетен, тој пренатрупан кварт би бил целосно уништен.
На 30 јуни 1908, еден астероид или парче од комета за кој се проценува дека бил со пречник помал од 100 метри одекнал во атмосферата и експлодирал 10-тина километри над речиси ненаселениот регион Тунгуска во Сибир, како што беше спомнато во воведот. Силниот удар, чија јачина се проценува на 15 мегатони, опустошил подрачје од 2.000 квадратни километри, соборувајќи дрвја, предизвикувајќи пожари и убивајќи ирваси. Колку луѓе би умреле ако центарот на таа експлозија бил во некое густо населено подрачје?
Во јули 1994, телескопите од целиот свет беа свртени кон Јупитер кога фрагменти од кометата Шумејкер—Леви 9 удрија во таа планета. Привремените лузни направени на Јупитер ќе останат длабоко врежани во мислите на оние кои од прва рака ги видоа колизиите. Гледајќи како на Јупитер му се задава удар по удар, експертите и лаиците останаа со прашањето што би се случило доколку, наместо Јупитер, Земјата беше цел на таа комета.
Сценарија на катастрофи
Со страв и вознемиреност, ги разгледаа страшните последици кои би ги оставил ударот од комета или астероид врз нашата планета. Еве како тие ги замислуваат непосредните последици од една поголема колизија. Најнапред би се појавил еден експлозивен облак од карпи и прав. Отпадот кој ќе паѓа би предизвикал метеорски дожд кој би го направил небото црвено како жар и би ги потпалил шумите и тревните површини, убивајќи поголем дел од животот на копното. Правот што ќе остане да лебди во атмосферата подолго време би ја блокирал Сончевата светлина, предизвикувајќи температурите вртоглаво да опаднат и прекинувајќи ја фотосинтезата на затемнетата површина под него. Прекинувањето на фотосинтезата би довело до нарушување на синџирот на исхрана во океанот, осудувајќи ги на смрт повеќето морски суштества. Според ова сценарио, катастрофата на природната средина би завршила со еден глобален кисел дожд и уништување на озонскиот слој.
Кога еден таков астероид би удрил во океанот, би предизвикал плимни бранови, цунами, со огромен уништувачки потенцијал. Цунамите би отишле уште подалеку од местото на ударот за разлика од почетниот ударен бран и би предизвикале сеопфатно уништување на крајбрежните предели на оддалеченост од илјадници километри. Астрономот Џек Хилс вели: „Онаму каде што постоеле градови, ќе останат само калливи рамнини“.
Сепак, мора да се биде внимателен со таквите тврдења. Голем дел од ваквото теоретизирање е чисто нагаѓање. Очигледно, никој не видел ниту, пак, изучувал астероид при колизија со Земјата. Исто така, денешните медиуми луди по необични вести брзо смислуваат сензационални наслови кои се засноваат врз нецелосни, па дури и неточни информации. (Видете ја рамката погоре.) Всушност, се вели дека шансите да се настрада од објект кој паѓа од небото се значително помали од шансите да се загине во сообраќајна несреќа.
Што да се стори?
Многумина експерти веруваат дека најдобра стратегија за да се избегне катастрофа од комета или астероид што се приближува би било да се лансира ракета за да го пресретне напаѓачот и барем да му го промени правецот. Ако астероидот е мал и се открие многу години пред пресметаниот удар, овој потег можеби би бил доволен.
Меѓутоа, за еден поголем објект кој би можел да се судри со Земјата, некои научници предлагаат да се употреби нуклеарно оружје. Во тој случај, се смета дека внимателно поставениот нуклеарен експлозив би го поттурнал астероидот во побезбедна орбита, со што би промашил да се судри. Големината на астероидот и неговата близина до Земјата би ја одредиле јачината на нуклеарната експлозија што би била потребна.
Проблемот лежи во тоа што ниту една од овие можни одбрамбени мерки не може да биде ефикасна без соодветно предупредување однапред. Астрономските групи како што се Spacewatch и Near Earth Asteroid Tracking се исклучително посветени на ловењето астероиди. Многумина сметаат дека треба да се направи нешто повеќе во овој правец.
Мора да се признае дека несовршените луѓе имаат ограничено спознание во врска со местоположбата и движењата на овие небесни тела. Но, нема потреба да се биде премногу загрижен или преплашен од заканите дека иднината на животот на Земјата е во опасност. Најсигурната гаранција дека ниту на еден астероид или комета никогаш нема да им биде допуштено да го уништат целиот живот на Земјата доаѓа од Творецот на универзумот, Јехова Бог.a Библијата нѐ уверува: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29; Исаија 45:18).
[Фуснота]
a За понатамошна дискусија за библиското гледиште на оваа тема, видете во изданието на Разбудете се! од 8 март 1999.
[Рамка на страница 19]
Случајот од 1997 XF11
На 12 март 1998, една лоша вест го заобиколи светот: Астероид со пречник од 1,5 километар се движи кон Земјата и треба да пристигне на 26 октомври 2028, „четврток“. Астероидот, наречен 1997 XF11, беше откриен на 6 декември 1997, од астрономот Џим Скоти од универзитетот на аризонската група за набљудување на вселената. Користејќи поранешни податоци и понови набљудувања, научниците поврзани со Harvard-Smithsonian Center for Astrophysics изнесоа информации кои некои ги употребија за да предвидат дека орбитата на астероидот веројатно ќе биде на околу 50.000 километри од Земјата — според астрономските стандарди сосема блиску, односно „растојание на кое нема промашување“. Телевизиските екрани беа полни со застрашувачки симулации на астероид кој удира во Земјата. Потоа, едвај еден ден подоцна, опасноста беше помината. Новите податоци и калкулации покажаа дека астероидот ќе ја промаши Земјата за 1.000.000 километри. Тој сепак е поблиску од кој и да е претходно набљудуван астероид со таа големина, но на безбедна оддалеченост. Медиумите брзо смислија наслови како што се: „Добро, малку промашија“.
[Слики на страница 18]
1. Халеевата комета
2. Кометата Икеја—Секи
3. Астероидот 951 Гаспра
4. Метеорскиот кратер — дупка која е широка речиси 1.200 метри и длабока 200 метри
[Извори на слики]
Со љубезна дозвола на РОЕ/Англо—австралијанска опсерваторија, фотографија на Дејвид Малин
Фотографија на НАСА
NASA/JPL/Caltech
Фотографија на Д. Џ. Роди и К. Џелер, U.S. Geological Survey
[Извор на слика на страница 17]
Фотографија на НАСА