Што вели Библијата
Дали природните катастрофи се казна од Бог?
НЕКОИ луѓе веруваат дека Бог ги предизвикува природните катастрофи за да го казни човештвото. Други ја отфрлаат оваа идеја. Трети не знаат во што да веруваат. Еден професор по теологија вели: „Повеќето религии признаваат дека никој не може со сигурност да знае дали природните катастрофи се Божја волја“.
Сепак, Библијата, ни дава одговор на ова прашање. Таа ни кажува дали денес Бог ги казнува луѓето со природни катастрофи. Исто така, открива зошто толку многу луѓе страдаат.
Библиски примери од минатото
Од Библијата дознаваме две важни вистини за Бог, кој се вика Јехова. Прво, тој е Творец и има моќ и контрола над природните сили (Откровение 4:11). Второ, сѐ што прави тој е во склад со неговата личност, особини и начела. Во Малахија 3:6, тој вели: „Јас сум Јехова, јас не се менувам“. Имајќи ги овие две работи на ум, да разгледаме два настани од минатото. Во едниот се работи за голема поплава, а во другиот за суша. Библиската историја јасно покажува дека кога Бог ги користел природните сили за да го изврши својот суд, секогаш давал 1) предупредување, 2) причина и 3) заштита за неговите верни слуги.
Потопот во времето на Ное
Предупредување
Неколку децении пред Потопот, Јехова му рекол на Ное: „Јас ќе ги пуштам на земјата водите на потопот за да го уништат секое суштество“ (1. Мојсеева 6:17). Ное, „проповедникот на праведноста“, ги предупредувал луѓето, но тие не ‚обрнувале внимание‘ (2. Петрово 2:5; Матеј 24:39).
Причина
Јехова рекол: „Гледам дека дојде време да им ставам крај на сите суштества, зашто ја наполнија земјата со насилство“ (1. Мојсеева 6:13).
Заштита за неговите верни слуги
Јехова му дал на Ное детални упатства како да направи арка за да го преживее Потопот. „Останаа живи само Ное и оние што беа со него во арката“ (1. Мојсеева 7:23).
Суша во Израел
Предупредување
Пред Јехова Бог да предизвика голема суша во Израел, неговиот пророк Илија го дал следново предупредување: „Во овие години ќе нема ниту роса ниту дожд, освен по [Божја] наредба“ (1. Царевите 17:1).
Причина
Јехова презел ваков чекор затоа што Израелците го обожавале лажниот бог Ваал. Илија рекол: „Ги оставивте Јеховините заповеди и тргнавте по Вааловците“ (1. Царевите 18:18).
Заштита за неговите верни слуги
Јехова се погрижил неговите верни слуги да имаат храна додека траела сушата (1. Царевите 17:6, 14; 18:4; 19:18).
Што учиме од примерите
Не постојат докази дека денес Бог ги предизвикува природните катастрофи за да го казни човештвото. Како Бог на правдата, Јехова никогаш ‚не би го погубил праведниот заедно со злиот‘ (1. Мојсеева 18:23, 25). Тој ги штител оние што му биле послушни. Денешните природни катастрофи не ги бираат жртвите.
Бог не е одговорен за страдањата на луѓето
Очигледно е дека природните катастрофи што се случуваат денес немаат никакви сличности со неволјите што биле предизвикани од Бог за кои зборува Библијата. Освен тоа, таквите непредвидени настани не се во склад со Божјата личност. Во Јаков 1:13 пишува дека Бог не ги искушува луѓето со зло, а 1. Јованово 4:8 многу јасно и едноставно ни кажува каков е Бог: „Бог е љубов“. Тој никогаш не може да биде одговорен за страдањата на невини луѓе предизвикани од случајни бури, земјотреси и други катастрофи. Дали еден ден ќе им дојде крај на ваквите катастрофи?
Крај на страдањата
Јехова Бог никогаш немал намера човештвото да страда од природни катастрофи. Тој сака луѓето да живеат засекогаш во мир на Земјата. Како што било случај во времето на Ное, тој ќе се вмеша во работите на Земјата и ќе ја отстрани сета злоба. Исто како што правел во минатото, Јехова Бог и денес дава предупредување преку една порака која им се пренесува на луѓето по целиот свет и со тоа им дава можност да се спасат (Псалм 37:9, 11, 29; Матеј 24:14).