Читателите прашуваат
Дали природните катастрофи се Божја Казна?
Бог не ги казнува невините луѓе со природни катастрофи. Никогаш не го правел тоа и никогаш нема ни да го прави. Зошто? Затоа што „Бог е љубов“, вели Библијата во 1. Јованово 4:8.
Сѐ што прави Бог е од љубов. Љубовта не им наштетува на невините, бидејќи во Светото писмо стои дека „љубовта не му прави зло на ближниот“ (Римјаните 13:10). Во Јов 34:12, Библијата вели: „Навистина, Бог не прави зло“.
Точно, во неа е проречено дека во нашево време ќе има катастрофи и непогоди, како што се „силни земјотреси“ (Лука 21:11). Сепак, Јехова не е виновен за разорните последици од таквите катастрофи, исто како што ни еден метеоролог не е виновен за штетата што ја предизвикал тајфунот што го прогнозирал. Но, ако Бог не ги предизвикува природните катастрофи што носат толкаво страдање, која е причината за таквите непогоди?
Библијата ни открива дека „целиот свет е под власта на Злобниот“, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Тој е убиец откако се побунил во еденската градина и останал таков до ден-денес (Јован 8:44). Во очите на Сатана, човечкиот живот е евтин и безвреден. Него го води себична амбиција, па затоа не е ништо чудно што создал еден светски поредок во кој на цена е себичноста. Денешното општество ја допушта експлоатацијата на луѓето до тој степен што многу незаштитени луѓе живеат на опасни места каде што лесно можат да се случат природни непогоди или катастрофи предизвикани од човек (Ефешаните 2:2; 1. Јованово 2:16). Значи, вината за дел од страдањето на жртвите што се погодени од катастрофите лежи врз себичните луѓе (Проповедник 8:9). Зошто?
Изненадува бројот на катастрофи што се барем делумно предизвикани од човечки фактор. Да го спомнеме, на пример, страдањето на жителите на Њу Орлеанс (САД), град во кој еден ураган предизвика поплава, како и лизгањето на земјиштето во Венецуела, кога лавина од кал се спушти врз куќите од крајбрежните планини и ги затрупа. Во тие и во други случаи, природните појави како што се ветрот и дождот предизвикаа катастрофи главно поради тоа што човекот не ја познава добро својата животна средина, поради неквалитетните градби, лошото планирање, необрнувањето внимание на предупредувањата, но и поради административни грешки на надлежните.
Размисли и за една катастрофа што се случила во библиски времиња. Кога Исус бил на Земјата, загинале 18 души кога ненадејно се урнала некоја кула (Лука 13:4). Оваа катастрофа можеби била резултат на човечка грешка, на „времето и непредвидените настани“ или и на едното и на другото — но сигурно не било извршување на Божји суд (Проповедник 9:11).
Дали Бог сепак предизвикал некои катастрофи? Да, но за разлика од природните непогоди или од катастрофите предизвикани од човек, тие имале своја цел и биле многу ретки. Глобалниот Потоп во времето на патријархот Ное и уништувањето на градовите Содом и Гомора во деновите на Лот се два такви случаи (1. Мојсеева 6:7-9, 13; 18:20-32; 19:24). Со тие Божји пресуди биле уништени луѓето кои биле толку злобни што не сакале да се поправат, но останале живи оние што биле праведни во Божји очи.
Всушност, Јехова Бог може, сака и знае како да му стави крај на сето страдање и да донесе олеснување од последиците на природните катастрофи. Во врска со Исус Христос, Царот што го поставил Бог, во Псалм 72:12 е проречено: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник“.