ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 12/12 стр. 16-18
  • Што значи да се биде вистински маж?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што значи да се биде вистински маж?
  • Разбудете се! 2012
  • Сличен материјал
  • ‚Нека се покаже твојот напредок‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Како татковците да останат блиски со своите синови?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Само пријатели или нешто повеќе? — дел 2
    Разбудете се! 2012
  • Дали тој е за мене?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
Повеќе
Разбудете се! 2012
g 12/12 стр. 16-18

Младите прашуваат

Што значи да се биде вистински маж?

„Татко ми почина кога имав три години. Понекогаш им завидувам на момчињата што одраснале со татко. Некако имаат поголема самодоверба од мене“ (Алекс).a

„Татко ми речиси воопшто не беше вклучен во мојот живот. Морав сам да учам што значи да се биде вистински маж“ (Џонатан).

МОЖЕШ ЛИ да се најдеш во овие изјави? Се плашиш ли дека од некоја причина никогаш нема да научиш што значи да се биде вистински маж? Ако да, не разочарувај се!

Да разгледаме како можеш да надминеш два вообичаени предизвика.

ПРЕДИЗВИК 1: Вообичаени заблуди за тоа што значи да се биде маж

Што велат некои:

  • Вистинските мажи се цврсти; никогаш не плачат.

  • Вистинските мажи не дозволуваат друг да им кажува што да прават.

  • Мажите се подобри од жените.

Погледни од друг агол: За да сфатиш што е маж, не треба да правиш споредба помеѓу маж и жена, туку помеѓу маж и момче. Стануваш вистински маж кога ќе престанеш да се однесуваш како дете. Апостол Павле напишал: „Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отфрлив детинското“ (1. Коринќаните 13:11). Со други зборови, колку помалку размислуваш, зборуваш и се однесуваш како дете и колку повеќе размислуваш, зборуваш и се однесуваш зрело, толку поочигледно е дека си вистински маж.b

Предлог: На лист хартија, одговори ги следниве прашања:

  1. На кои полиња сум успеал донекаде да го отфрлам „детинското“?

  2. На кои полиња има место за подобрување?

Би можел да прочиташ: Лука 7:36-50. Размисли како Исус покажал дека е вистински маж со тоа што 1) се држел цврсто за она што е исправно и 2) покажувал почит кон другите — вклучувајќи ги и жените.

„Му се восхитувам на мојот пријател, Кен. Тој е цврст човек — физички, емоционално и духовно — но и љубезен. Од него научив дека еден вистински маж не ги понижува другите за самиот да се истакне“ (Џонатан).

ПРЕДИЗВИК 2: Кога таткото не е пример од кој може да се учи

Што велат некои:

  • Ако растеш без татко, никогаш нема да научиш што значи да си вистински маж.

  • Ако си немал добар пример од татко ти, и ти ќе ги правиш истите грешки.

Погледни од друг агол: Дури и ако си немал баш најидеално детство, не си осуден на неуспех! Можеш да успееш без оглед на околностите (2. Коринќаните 10:4). Можеш да избереш да го следиш советот што цар Давид му го дал на својот син Соломон: „Биди храбар и покажи се маж“ (1. Царевите 2:2, Превод на д-р Д. Х. Константинов).

Сепак, факт е дека е тешко да растеш со татко кој не ти обрнува никакво внимание — или, пак, без татко. „Голем хендикеп е да не го знаеш својот татко“, вели Алекс, кој беше цитиран на почетокот. „Имам 25 години, но ми се чини дека дури сега учам работи што требаше да ги научам уште кога влегов во тинејџерски години.“ Ако и ти имаш слични чувства, што може да ти помогне?

Предлог: Избери некој на кој би можел да се угледаш — некој што ќе ти помогне да научиш што е вистински маж.c Прашај го кои особини мисли дека се многу важни за еден вистински маж. Потоа прашај го како ти би можел да ги стекнеш тие особини (Изреки 1:5).

Би можел да прочиташ: Изреки, поглавја 1-9. Обрни внимание на татковскиот совет што може да му помогне на едно момче да израсне во мудар, духовен маж.

„Ме радува тоа во каква личност се развивам. Иако би сакал да можев да учам од татко ми, оптимист сум во поглед на иднината. Убеден сум дека не сум осуден на неуспех“ (Џонатан).

Почнувајќи од јануарскиот број на Разбудете се!, статиите „Младите прашуваат“ ќе излегуваат само на нашата веб-страница

a Некои имиња во оваа статија се сменети.

b Види ја рамката „Момче наспроти маж“.

c Добар пример во тој поглед се старешините во христијанското собрание.

Ијан — Да бидеш маж не значи само да се држиш машки туку и да бидеш спремен да работиш напорно, да ги контролираш своите емоции и да преземеш одговорност за своите постапки.

МОМЧЕ НАСПРОТИ МАЖ

Едно дете може...

  • да постапува без почит

  • да биде себично

  • да го интересира само забава

  • да се води од чувства

Еден вистински маж се труди...

  • да покажува почит (Римјаните 12:10)

  • да биде самопожртвуван (1. Коринќаните 10:24)

  • да биде одговорен (Галатите 6:5)

  • да си ги контролира чувствата (Изреки 16:32)

ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?

Според вас, со што се карактеризира еден вистински маж? Дали мислите дека сум зрел?

ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ

ДО ТАТКОВЦИТЕ

Во голема мера, твојот син ќе си создаде слика за тоа што значи да се биде маж водејќи се по твојот пример. Ако кон твојата сопруга покажуваш почит, го учиш син ти и тој да постапува со жените со почит. Ако вредно работиш за да се грижиш за семејството — дури и ако тоа значи да вршиш некоја работа што се смета за ниска или некоја тешка задача — му помагаш на син ти да стекне добри работни навики и да биде одговорен (1. Тимотеј 5:8).

Можеби ти не си имал добар однос со твојот татко. Можеби ни тој немал добар однос со неговиот татко. Но, не заборавај: ти имаш можност да го прекинеш тој круг. Немој да ја пропуштиш! Избери да бидеш близок со син ти.d Ако му дадеш добар пример, има подобри шанси да израсне во вистински маж — човек што со гордост ќе го наречеш свој син (Изреки 23:24).

ДО МАЈКИТЕ

Како можеш да му помогнеш на син ти да стане вистински маж? Не му кажувај дека во лошите работи е ист како татко му. На пример, да речеме дека син ти прави некоја грешка што те потсетува на твојот сопруг. Можеби ќе ти дојде да кажеш: „Престани! Ист си како татко ти!“ Се разбира, исправно е да го советуваш син ти за грешката. Но, не заборавај: Ако твоите зборови и постапки му оставаат впечаток дека сѐ што прави твојот сопруг е погрешно, можеби несвесно го спречуваш син ти да порасне во зрел човек.

Поддржи го својот маж во улогата што ја има во животот на вашиот син. Поттикнувај ги да поминуваат време заедно и барај прилики да ги истакнеш убавите особини на твојот сопруг и добрите работи што тој ги прави. Дали вредно работи за да го издржува семејството? Дали поминува време со децата? Дали покажува почит кон другите? Кажи му на син ти колку ги цениш овие работи. Тоа ќе му помогне да учи од добрите страни на татко му.

d Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Како татковците да останат блиски со своите синови?“ во Стражарска кула од 1 ноември 2011, издадена од Јеховините сведоци.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели