СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Отпорниот мозок на арктичката верверичка
КОГА едно животно ќе падне во зимски сон, неговото тело почнува да се лади. До колку може да опадне температурата? Изгледа дека десетина арктички верверички го држат рекордот — телесната температура им се спуштила до 2,9 степени Целзиусови под нулата! На таа температура, по секоја логика, мозокот би требало да замрзне. Како арктичката верверичка успева да преживее?
Размисли: На секои 2-3 седмици во текот на зимскиот сон, телото на арктичката верверичка почнува да се тресе со што се покачува телесната температура до 36,4 степени Целзиусови и не се спушта следните 12 до 15 часа. Истражувачите велат дека, иако ваквиот период на затоплување трае кратко, многу е важен за функционирањето на мозокот. Освен тоа, се чини дека во текот на зимскиот сон главата на арктичката верверичка е малку потопла од другите делови на телото. Лабораториските истражувања покажале дека кај овие верверички температурата на вратот никогаш не се спушта под 0,7 степени Целзиусови.
Кога арктичката верверичка ќе стане од зимски сон, нејзиниот мозок повторно почнува нормално да функционира во рок од два часа. Всушност, едно истражување покажа дека, откако верверичката ќе се разбуди, нејзиниот мозок функционира дури и подобро! Ваквото неверојатно откритие ги збунува научниците. Оваа способност на арктичката верверичка ја споредуваат со способноста на опожарената почва за само неколку дена да даде нова вегетација.
Научниците се надеваат дека истражувањата во врска со арктичката верверичка ќе им помогнат подобро да го разберат потенцијалот на човечкиот мозок. Нивна цел е да дознаат повеќе за тоа како да го спречат, па дури и да го поправат оштетувањето на клетките при болестите на мозокот, како што е Алцхајмеровата болест.
Што мислиш? Дали отпорниот мозок на арктичката верверичка настанал по пат на еволуција или е дело на мудар Творец?