Предвидувањата претставени со часовникот на судниот ден нема да се остварат, бидејќи Бог ветува убава иднина за човештвото и за Земјата
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СВЕТОТ ОДИ ВО ПРОПАСТ?
Што вели Библијата?
ТЕШКИТЕ услови во кои живееме денес биле проречени во Библијата пред многу векови. Освен тоа, Библијата содржи и пророштва за подобра иднина. Библиските пророштва не треба брзо да се отфрлат бидејќи голем дел од нив веќе се исполниле, и тоа до најситен детаљ.
На пример, да ги разгледаме следниве пророштва:
„Ќе се крене народ против народ и царство против царство, и ќе има глад и земјотреси на разни места“ (Матеј 24:7).
„Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1-4).
Овие пророштва опишуваат еден свет за кој некои би рекле дека е во хаос и дека оди во пропаст. На некој начин, светот во кој живееме навистина е надвор од контрола — надвор од контролата на луѓето. Според Библијата, луѓето немаат ниту доволно мудрост ниту моќ за трајно да ги решат проблемите. Тоа е истакнато во следниве стихови:
„Некој пат му се чини на човекот исправен, но на крајот води во смрт“ (Изреки 14:12).
„Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).
„Човекот... не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).
Ако луѓето и понатаму си тераат по свое, светот најверојатно ќе се соочи со катастрофа од глобални размери. Но, тоа нема да се случи! Зошто? Еве што вели Библијата:
Бог „ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5).
„Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4).
„Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
„На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).
Овие библиски стихови ни го даваат одговорот. Човештвото нема да изумре поради загадување, недостиг на храна и вода или, пак, глобална епидемија. Исто така, светот нема да биде уништен во нуклеарна катастрофа. Зошто може да бидеме сигурни во тоа? Затоа што иднината на нашата планета лежи во рацете на Бог, а не на луѓето. Иако Бог им дал слободна волја на луѓето, последиците од своите одлуки ќе си ги сноси секој човек лично (Галатите 6:7). Светот не е како еден воз над кој е изгубена контролата и кој сигурно ќе заврши катастрофално. Бог поставил ограничувања во врска со тоа колкава штета може да предизвикаат луѓето и нема да им дозволи да го уништат животот на Земјата (Псалм 83:18; Евреите 4:13).
Но, во иднина Бог ќе направи уште нешто. Тој ќе воспостави „изобилен мир“ (Псалм 37:11). Позитивните работи поврзани со нашата иднина, за кои зборувавме во оваа статија, се само делче од прекрасните ветувања кои милиони Јеховини сведоци ги дознале проучувајќи ја Библијата.
Јеховини сведоци има низ целиот свет, и тоа на различна возраст и со најразлично етничко потекло. Тие му служат на единствениот вистински Бог, Јехова, чие име е запишано во Библијата. Јеховините сведоци не се плашат од иднината, бидејќи во Библијата пишува: „Вака вели Јехова, Творецот на небесата, оној што е вистинскиот Бог, оној што ја обликува и ја направи земјата, оној што ја зацврсти и не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена: ’Јас сум Јехова, и нема друг‘“ (Исаија 45:18).
Во оваа статија разгледавме неколку библиски стихови за иднината на Земјата и на човештвото. Нешто повеќе можеш да прочиташ во 5. поглавје од брошурата Добра вест од Бог!, издадена од Јеховините сведоци и достапна на www.jw.org/mk
Можеш и да го гледаш видеоклипот Зошто Бог ја создал Земјата?, достапен на www.jw.org/mk. (Оди на ИЗДАНИЈА > ВИДЕОТЕКА)