ПОМОШ ЗА УЖАЛЕНИТЕ
Неподнослива тага и болка
„Со Софијаa бевме во брак повеќе од 39 години. Таа почина по долго боледување. Пријателите ми пружија голема поддршка, и се трудев да бидам зафатен. Сепак, цела година се чувстував како да умрел дел од мене. Во еден момент се чувстував добро, а веќе во следниот момент лошо. Дури и сега, речиси три години по нејзината смрт, одвреме-навреме ми се појавува силна емоционална болка, и тоа обично одненадеж“ (Костас).
Дали ти починал некој близок? Ако да, можеби се пронаоѓаш себеси во зборовите на Костас. Смртта на брачен другар, роднина или драг пријател е една од работите кои предизвикуваат најголема болка и стрес. Стручњаците кои ги проучуваат тагата и болката што ги носи смртта на некој близок се сложуваат со ова. Во едно списание пишува дека „смртта очигледно е траен и многу тежок вид загуба“ (The American Journal of Psychiatry). Поради неподносливата болка што ја носи таквата загуба, оној што е ужален може да се прашува: „До кога ќе се чувствувам вака? Дали некогаш пак ќе бидам среќен? Што може да ми ја ублажи болката?“
Одговорите на овие прашања можеш да ги најдеш во овој број на Разбудете се! Во следната статија се зборува за тоа што можеш да очекуваш ако неодамна ти починал некој близок. Во останатите статии се наведени некои практични работи кои можат да ти помогнат полесно да се справиш со тагата.
Се надеваме дека овие статии ќе ги утешат и практично ќе им помогнат на оние што чувствуваат неподнослива тага и болка поради смртта на некој близок.
a Некои имиња во овие статии се сменети.