ПОМОШ ЗА УЖАЛЕНИТЕ
Што да очекуваш
Иако некои експерти велат дека периодот на тагување се состои од неколку фази, секој човек тагува на поинаков начин. Дали тоа што луѓето се справуваат со тагата на различен начин значи дека некои се помалку погодени од загубата или дека ги потиснуваат чувствата? Не мора да значи. Точно е дека, кога некој ја прифаќа и ја изразува тагата, тоа може да има позитивен ефект. Сепак, не постои еден „исправен начин“ на тагување. Како некој се справува со тагата зависи од неговиот карактер, културата од која потекнува, искуствата во животот, а и од тоа како го изгубил својот близок.
ПОСЛЕДИЦИ ШТО ГИ НОСИ ТАГАТА
Оние на кои им починал некој близок можеби не знаат што да очекуваат. Сепак, повеќето се борат со некои слични чувства и потешкотии. Еве некои од нив:
Силен емоционален притисок. Ужалените можат често да се расплакуваат, да чувствуваат силен копнеж по тој што им починал и да доживуваат нагли промени во расположението. Сеќавањата и соништата можат уште повеќе да ги засилат ваквите чувства. Сепак, на почеток можеби ќе бидат во шок и неверување. Тина се сеќава како се чувствувала кога нејзиниот сопруг, Тимо, неочекувано починал. Таа вели: „Отпрвин бев во шок. Не можев дури ни да плачам. Чувстував толку силен притисок што на моменти ми беше тешко да дишам. Едноставно не можев да поверувам дека тоа се случи“.
Чувство на вознемиреност, гнев и вина. Иван вели: „Некое време по смртта на нашиот 24-годишен син, Ерик, јас и жена ми, Јоланда, бевме многу лути. Бевме изненадени бидејќи никогаш не сме чувствувале толку голема лутина и гнев. Нѐ измачуваа и чувства на вина. Се прашувавме дали можевме да направиме нешто повеќе за да му помогнеме на нашиот син“. И Алехандро, чија жена починала по долго боледување, се измачувал со чувства на вина. Тој вели: „На почетокот си мислев дека, штом Бог дозволува толку многу да страдам, мора да сум лош човек. Потоа се чувствував виновен затоа што на некој начин како да го обвинував Бог за она што се случи“. А Костас, кој го спомнавме во претходната статија, вели: „Понекогаш дури ѝ се лутев на Софија затоа што умре. Потоа, се чувстував виновен поради тоа. Всушност, таа не беше крива што почина“.
Нарушени мисли. Одвреме-навреме, оние што изгубиле некого можат да ги мачат несредени и нелогични мисли. На пример, може да си замислуваат дека го слушаат или гледаат починатиот или, пак, дека го чувствуваат неговото присуство. Може да им биде тешко да се концентрираат на нешто или да запомнат некои работи. Тина вели: „Понекогаш, кога разговарав со некој, мислите воопшто не ми беа тука. Во главата само ми се вртеа настаните околу смртта на Тимо. Самото тоа што не можев да се концентрирам ми создаваше стрес“.
Желба за повлекување од другите. Ужалените може да се чувствуваат нервозно или непријатно кога се со други луѓе. Костас вели: „Кога бев со брачни парови, имав чувство како да сум вишок, а некако не се вклопував ни со самците“. Жена му на Иван, Јоланда, вели: „Ми беше тешко кога бев со луѓе кои се жалеа за проблеми кои изгледаа безначајни во споредба со нашите. А некои, пак, ни кажуваа дека на нивните деца многу добро им оди во животот. Се радував за нив, но во исто време ми беше тешко да ги слушам. Јас и маж ми знаевме дека животот продолжува, но едноставно немавме ни желба ни трпение да разговараме со другите“.
Здравствени проблеми. Оние на кои им починал близок честопати доживуваат промени во апетитот, телесната тежина и навиките на спиење. Арон се сеќава на првата година откако починал татко му. Тој вели: „Не можев добро да спијам. Секоја ноќ се будев во исто време и размислував за татко ми“.
Алехандро се сеќава дека имал некои необични физички симптоми. Тој вели: „Неколку пати отидов на лекар и ми рекоа дека сѐ е во ред. Претпоставував дека тагата ми предизвикуваше такви симптоми“. Со текот на времето, симптомите исчезнале. Сепак, било добро тоа што Алехандро отишол на лекар. Тагата може да го намали имунитетот, да влоши некој здравствен проблем или дури да предизвика нов здравствен проблем.
Потешкотии во извршувањето на секојдневните обврски. Иван вели: „По смртта на Ерик, требаше да ги известиме роднините, пријателите, но и некои други луѓе, како што беа неговиот работодавец и газдата на станот во кој живееше. Требаше да пополниме голем број документи. Потоа требаше да ги средиме личните работи на Ерик. Сето тоа бараше од нас сила и концентрација во период кога бевме психички, физички и емоционално исцрпени“.
На други, пак, најтешко им е подоцна кога треба да прават некои работи кои претходно ги правел нивниот близок кој починал. Ова било случај и со Тина. Таа кажува: „Тимо водеше сметка за финансиите и за некои други деловни работи. Сега јас требаше да го правам тоа. Ова ми создаваше уште поголем стрес. Се прашував дали ќе успеам да направам сѐ како што треба“.
Емоционалните, психичките и физичките потешкотии, кои ги спомнавме претходно, можат да создадат слика дека е премногу тешко да се поднесе тагата. Точно е дека болката по смртта на некој близок може да биде многу силна. Но, тоа што однапред ќе бидат свесни за овој факт може да им помогне на оние што доживеале загуба полесно да ја поднесат. Имај на ум дека секој не ги доживува сите можни негативни последици од тагата. Освен тоа, ужалените до некоја мера може да ги утеши тоа што знаат дека таквите силни чувства се нормални.
ДАЛИ НЕКОГАШ ПАК ЌЕ БИДАМ СРЕЌЕН?
Што да очекуваш: Силното чувство на тага не трае засекогаш, туку постепено избледнува. Тоа не значи дека оној што тагува потполно ќе се „опорави“ или дека ќе го заборави својот близок кој починал. Сепак, острата болка со текот на времето се намалува. Таа може повторно да се појави кога неочекувано ќе му се вратат некои сеќавања или на некои значајни денови како што се годишниците. Меѓутоа, по некое време, повеќето ужалени повторно стекнуваат емоционална рамнотежа и можат нормално да ги извршуваат секојдневните обврски. Ова особено е случај доколку имаат поддршка од семејството или пријателите и преземаат некои практични чекори за да се соочат со ситуацијата.
Колку долго ќе се чувствуваш така? Некои можеби чувствуваат неподнослива тага само неколку месеци. Многумина велат дека се чувствуваат подобро дури по една или две години. А на некои, пак, им е потребно уште повеќе време.a Алехандро вели: „Околу три години се борев со силна тага“.
Биди стрплив со себеси. Не грижи се за утрешниот ден, биди свесен за своите граници и не заборавај дека неподносливата тага и болка не остануваат засекогаш. Сепак, кои работи можат да ти помогнат да ја ублажиш тагата која ја чувствуваш во моментов или да спречиш таа непотребно да трае подолго време?
Силните чувства на тага се нормални
a Мал број на луѓе можат долго време да чувствуваат многу силна тага која може да премине во таканаречена „комплицирана“ или „хронична“ тага. На таквите лица можеби ќе им биде потребна стручна медицинска помош.