Различни верувања
Хиндуси
Веруваат дека кога некој страда, тоа е поради нешто лошо што направил во овој живот или во некој претходен. Страдањето може да се прекине ако лицето постигне мокша — ослободување од кругот на повторно раѓање и умирање.
Муслимани
Сметаат дека кога некој страда, тоа е или казна за неговите гревови или испит за неговата вера. Претседателот на Исламската верска заедница на Северна Америка, д-р Саид Сајед, вели дека трагедиите нѐ потсетуваат „да му бидеме благодарни на Бог за сите благослови што ги добиваме од него и да бидеме свесни дека мора да им помагаме на оние што имаат некаква потреба“.
Еврејски верувања
Според нив, страдањето е последица на нечии дела. Некои Евреи веруваат дека ќе има воскресение и дека, доколку некој неправедно страдал, ќе добие правда откако ќе воскресне. Кабалата (традиционален еврејски мистицизам) поучува дека има реинкарнација и дека таа му дава можност на лицето да се искупи за своите грешки.
Будисти
Веруваат дека постои непрекинат круг на раѓање и умирање, и дека лицето ќе страда во своите животи сѐ додека не успее потполно да се ослободи од неисправните постапки, чувства и желби. Некој може да постигне нирвана, односно состојба во која не постои страдање, со помош на мудрост, добри дела и медитација.
Конфучијанисти
Според еден речник, конфучијанистите сметаат дека поголемиот дел од страдањата се резултат на „човечките пропусти и грешки“ (A Dictionary of Comparative Religion). Тие веруваат дека, ако некој прави добри дела, неговото страдање ќе се намали. Сепак, сметаат дека многу од страдањата ги предизвикуваат духовни суштества кои се далеку помоќни од луѓето, и дека човек мора смирено да го прифати таквото страдање.
Некои племенски религии
Луѓето што припаѓаат на овие религии сметаат дека причина за страдањата се магиите. Тие веруваат дека оние што се занимаваат со магии може да направат некому да му се случи нешто убаво или да го снајде несреќа, и дека дејството на магијата може да се намали со помош на разни ритуали. Затоа, кога некое лице ќе се разболи, се верува дека му е направено магија, и дека тоа може да оздрави со помош на обреди и лекови кои ги прават бајачи.
Христијани
Веруваат дека причина за страдањето е гревот на првите луѓе, Адам и Ева, за што се зборува во Библијата. Сепак, многу христијански религии го извртеле ова учење. На пример, некои католици велат дека некој може да го моли Бог да го прифати неговото страдање, и во замена за неговото страдање Бог да ја благослови Црквата или да спаси некое друго лице.
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ
Гледај го видеоклипот Дали Бог ги одобрува сите религии? на jw.org.