Приказна 7
Храбар човек
ДОДЕКА бројот на луѓето на Земјата се зголемувал, повеќето од нив правеле лоши работи како Каин. Но еден човек бил поинаков. Тој се викал Енох. Енох бил многу храбар. Луѓето насекаде околу него правеле многу лоши работи, но Енох продолжил да му служи на Бог.
Дали знаеш зошто тогашните луѓе правеле толку лоши работи? Размисли: кој ги навел Адам и Ева да му бидат непослушни на Бог и да јадат од плодот за кој Бог рекол дека не треба да јадат? Тоа бил еден лош ангел. Библијата го нарекува Сатана. Тој до ден-денес се обидува да го натера секого да биде лош.
Еден ден Јехова Бог му заповедал на Енох да им каже на луѓето нешто што тие не сакале да го слушнат. Тоа било следново: ‚Бог еден ден ќе ги уништи сите што се лоши‘. Луѓето веројатно биле многу лути кога го чуле тоа. Можеби дури се обиделе да го убијат Енох. Затоа Енох требало да биде многу храбар за да им го каже она што Бог имал намера да го направи.
Бог не дозволил Енох да живее долго меѓу тие лоши луѓе. Енох живеел само 365 години. Зошто велиме „само 365 години“? Затоа што луѓето во тоа време биле многу посилни отколку сега и живееле многу подолго. Замисли, син му на Енох, Метузалем, живеел 969 години!
И така, по смртта на Енох, луѓето станувале од лоши полоши. Библијата вели дека тие постојано размислувале само за неубави работи, и дека земјата се наполнила со насилство.
Дали знаеш зошто имало толку многу маки на Земјата во тоа време? Една причина е тоа што Сатана измислил нов начин да ги натера луѓето да прават лоши работи. Сега ќе научиме нешто за тоа.
1. Мојсеева 5:21-24, 27; 6:5, 11-13; Евреите 11:5; Јуда 14, 15.