Енох — бестрашен и покрај сето противење
ЗА ЕДЕН добар човек, тоа било најлошото од сите времиња. Земјата била преплавена од безбожност. Имало постојан пад на моралната состојба на човештвото. Всушност, поскоро би се рекло: „И виде Господ Бог дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се големи, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време“ (1. Мојсеева 6:5).
Енох, седмиот човек во родословната лоза од Адама, имал храброст да биде поинаков. Тој зазел цврст став за праведноста, без оглед на последиците. Еноховата порака била толку мачна за безбожните грешници, што бил означен за убивање, и само Јехова можел да му помогне (Јуда 14, 15).
Енох и универзалното спорно прашање
Долго пред да се роди Енох, било покренато спорното прашање за универзалната сувереност. Дали Бог имал право да владее? Всушност, Сатана Ѓаволот рекол не. Тој тврдел дека за интелигентните творби е подобро ако бидат независни од Божјето водство. Сатана се обидел да даде доказ против Јехова Бог со тоа што лукаво ги намамил луѓето на својата страна. Адам, неговата сопруга Ева и нивниот прв син Каин, се злогласни по тоа што застанале на страната на Сатана, избирајќи самовладеење наместо владеење од Бог. Првата човечка двојка го сторила тоа на тој начин што зела од плодот што Бог го забранил, а Каин го сторил тоа така што намерно го убил својот праведен брат, Авел (1. Мојсеева 3:4—6; 4:8).
Авел храбро застанал на Јеховината страна. Поради тоа што Авеловиот интегритет го унапредувал чистото обожавање, Сатана несомнено бил задоволен да види како Каин убиствено го истура својот гнев врз него. Од тоа време па наваму, Сатана мавтал со ‚стравот пред смртта‘ како застрашувачко оружје. Тој сака да влее страв во срцето на секој оној кој е наклонет да го обожава вистинскиот Бог (Евреите 2:14, 15; Јован 8:44; 1. Јованово 3:12).
До времето на Еноховото раѓање, Сатановото гледиште дека луѓето нема да ја поддржат Јеховината сувереност, веројатно изгледало добро поткрепено. Авел бил мртов, а неговиот верен пример не бил следен. Сепак, Енох се докажал дека е исклучок. Тој поседувал цврста основа за вера, бидејќи бил добро запознаен со настаните што се случиле во градината Едем.a Колку само тој мора да го ценел Јеховиното пророштво кое покажувало дека едно ветено Семе ќе му донесе крај на Сатана и на неговите итрини! (1. Мојсеева 3:15).
Имајќи ја оваа надеж секогаш пред себе, Енох не бил заплашен од историското убиство на Авел, подбуцнато од Ѓаволот. Напротив, тој продолжил да оди со Јехова, стремејќи се кон доживотен пат на праведност. Енох се држел одвоен од светот, избегнувајќи го неговиот независен дух (1. Мојсеева 5:23, 24).
Освен тоа, Енох смело говорел и објаснил дека Ѓаволовите зли дела ќе наидат на неуспех. Под влијанието на Божјиот свет дух, односно делотворна сила, во врска со злобните Енох прорекол: „Ете, иде Господ со илјадници Свои свети ангели, за да направи суд над сите и за да ги изобличи сите безбожници за сите нивни нечесни дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници“ (Јуда 14, 15).
Поради Еноховите бестрашни објави, апостол Павле, пишувајќи им на еврејските христијани, го вклучил меѓу ‚големиот облак сведоци‘ кои дале извонреден пример за вера на делоb (Евреите 11:5; 12:1, НС). Како човек од вера, Енох истрајал на патот на интегритетот повеќе од 300 години (1. Мојсеева 5:22, НС). Колку ли Еноховата вера мора да ги нервирала Божјите непријатели на небото и на Земјата! Еноховото остро пророштво ја предизвикало Сатановата омраза, но ја донело Јеховината заштита.
Бог го зел Еноха — како?
Јехова не му дозволил на Сатана или на неговите земни слуги да го убијат Еноха. Место тоа, инспирираниот извештај вели: „Бог го зеде“ (1. Мојсеева 5:24). Апостол Павле вака ги опишува работите: „Преку вера Енох беше преселен, за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога“ (Евреите 11:5).
На кој начин Енох бил „преселен, за да не види смрт“? Или, како што е пренесено во преводот од Р. А. Кнокс, на кој начин Енох бил „одведен без да искуси смрт“? Бог мирно го прекинал животот на Енох, поштедувајќи го од болките на смртта, било од болест или од насилство од рацете на неговите непријатели. Да, Јехова го прекратил Еноховиот живот на возраст од 365 години — прилично млада личност во споредба со неговите современици.
На кој начин на Енох му било дадено „сведоштво дека Му угодил на Бога“? Каков доказ имал тој? Веројатно, Бог го ставил Енох во состојба на транс, исто како што апостол Павле бил „грабнат и однесен“, односно префрлен, очигледно така што добил визија за идниот духовен рај на христијанското собрание (2. Коринтјаните 12:3, 4). Сведоштвото, односно доказот, дека Енох му угодувал на Бог, можеби содржел некоја визионерска претслика за идниот земен рај, во кој сите живи ќе ја поддржуваат Божјата сувереност. Можеби токму додека Енох на тој начин доживувал занесна визија, Бог го зел во безболна смрт за да спие сѐ до денот на неговото воскресение. Изгледа дека, како во случајот со Мојсеј, Јехова го отстранил Еноховото тело бидејќи ‚[никаде, НС] не се нашол‘ (Евреите 11:5; 5. Мојсеева 34:5, 6; Јуда 9).
Исполнето пророштво
Денес, Јеховините сведоци ја објавуваат суштината на Еноховото пророштво. На темел на Писмото, тие покажуваат како тоа ќе биде исполнето кога Бог во блиска иднина ќе ги уништи безбожниците (2. Солунјаните 1:6—10). Нивната порака ги прави неомилени, бидејќи таа многу се разликува од гледиштата и целите на овој свет. Противењето на кое наидуваат не ги изненадува, бидејќи Исус ги предупредил своите следбеници: „Ќе бидете намразени од сите заради Моето име“ (Матеј 10:22; Јован 17:14).
Меѓутоа, како Енох, денешните христијани се уверени во едно конечно ослободување од своите непријатели. Апостол Петар напишал: „Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден“ (2. Петрово 2:9). Бог може да најде за соодветно да отстрани некој проблем или искушувачка ситуација. На прогонството може да му дојде крајот. Сепак, ако и не, тој знае како ‚да даде излез‘ за да може неговиот народ успешно да ги издржи своите искушенија. Кога е потребно, Јехова дури дава и ‚сила која е над она што е нормално‘ (1. Коринтјаните 10:13; 2. Коринтјаните 4:7, НС).
Како оној кој „ги наградува оние, што Го бараат“, Јехова ќе ги благослови своите верни слуги и со вечен живот (Евреите 11:6). За огромното мнозинство од нив, тоа ќе биде вечен живот во земен рај. Затоа, како Енох, бестрашно да ја објавуваме Божјата порака. Со вера, да го правиме тоа и покрај сето противење.
[Фусноти]
a Адам имал 622 години кога се родил Енох. Енох живеел уште околу 57 години после Адамовата смрт. Затоа, нивните животни векови се преклопувале во значителен временски период.
b Преводот „сведоци“ во Евреите 12:1 доаѓа од грчкиот збор марти́с. Според Wuest’s Word Studies From the Greek New Testament (Вустовите студии на зборови од грчкиот Нов завет), овој збор означува „некого кој сведочи или кој може да посведочи за она што го видел или чул или, пак, што го знае на каков и да е друг начин“. Делото Christian Words (Христијански зборови) од Најџел Тарнер вели дека зборот означува некого кој говори „од лично искуство . . . и од уверување во вистините и гледиштата“.
[Рамка на страница 30]
Божјето име обесчестено
Околу четири века пред Енох, се родил Адамовиот внук Енос. „Тогаш почна да се призовува името на Господа“ — вели 1. Мојсеева 4:26. Некои научници од хебрејското јазично подрачје веруваат дека овој стих треба да гласи „почна богохулно“ да се привикува Божјето име или „тогаш почна обесчестувањето“. Во врска со тој период од историјата, ерусалимскиот Таргум вели: „Тоа била генерацијата во чии денови почнале да грешат и да си прават идоли, а своите идоли ги нарекувале според името на Речта Господова“.
Еносовото време доживеало една раширена злоупотреба на Јеховиното име. Можно е луѓето да си го ставале божественото име на себеси или на извесни луѓе преку кои тие претендирале да му се приближат на Јехова Бог во обожавањето. Или, пак, можеби го ставале божественото име на идоли. Како и да е, Сатана Ѓаволот направил човечкиот род сигурно да се заплетка во замката на идолопоклонство. До времето кога се родил Енох, вистинското обожавање било ретко. Секој како Енох, кој живеел според вистината и ја проповедал, бил неомилен и затоа бил предмет на прогонство. (Спореди Матеј 5:11, 12.)
[Рамка на страница 31]
Дали Енох отишол на небо?
„Преку вера Енох беше преселен, за да не види смрт.“ Во своето пренесување на овој дел од Евреите 11:5, некои библиски преводи покажуваат дека Енох не умрел навистина. На пример, A New Translation of the Bible (Новиот превод на Библијата) од Џејмс Мофат, наведува: „Преку вера Енох беше земен на небо, така што тој никогаш не умре“.
Меѓутоа, околу 3.000 години после времето на Енох, Исус Христос навел: „Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото“ (Јован 3:13). The New English Bible гласи: „Никој никогаш не отиде на небо, освен оној кој слезе од небото, Синот Човечки“. Кога Исус ја дал таа изјава, дури ни тој не бил вознесен на небо. (Спореди Лука 7:28.)
Апостол Павле наведува дека Енох и другите кои го сочинуваат големиот облак од претхристијански сведоци, ‚сите умреле‘ и ‚не го добиле [исполнувањето на, НС] ветеното‘ (Евреите 11:13, 39). Зошто? Затоа што сите луѓе, вклучувајќи го и Енох, наследиле грев од Адам (Псалм 50:5; Римјаните 5:12). Единственото средство за спасение е преку откупната жртва на Христа Исуса (Дела 4:12; 1. Јованово 2:1, 2). Во времето на Енох, таа откупнина сѐ уште не била платена. Затоа, Енох не отишол на небо, туку заспал во смрт, очекувајќи воскресение на Земјата (Јован 5:28, 29).
[Извор на слика на страница 29]
Репродуцирано од Illustrirte Pracht - Bibel/Heilige Schrift des Alten und Neuen Testaments, nach der deutschen Uebersetzung D. Martin Luther’s