Приказна 21
Браќата го мразат Јосиф
ВИДИ колку тажно и беспомошно е ова момче. Тоа е Јосиф. Неговите браќа штотуку им го продале на овие луѓе што се на пат за Египет. Таму Јосиф ќе биде роб. Зошто неговите браќа направиле нешто толку лошо? Затоа што му биле љубоморни на Јосиф.
Нивниот татко Јаков многу, многу го сакал Јосиф. Својата љубов му ја покажал со тоа што му направил убава долга облека. Кога виделе колку многу Јаков го сака Јосиф, неговите 10 постари браќа му станале љубоморни и го замразиле. Но имало уште една причина што го мразеле.
Јосиф сонил два сона. Во двата сона на Јосиф, неговите браќа му се поклонувале. Кога Јосиф им ги кажал на браќата овие соништа, тие го замразиле уште повеќе.
Еден ден, додека постарите браќа на Јосиф ги чувале овците на својот татко, Јаков го замолил Јосиф да отиде и да види како им оди. Кога браќата го виделе Јосиф како доаѓа, некои од нив рекле: ‚Ајде да го убиеме!‘ Но Рувим, најстариот брат, рекол: ‚Не, не убивајте го!‘ Наместо тоа, тие го фатиле Јосиф и го фрлиле во една јама во која пресушила водата. Потоа седнале да одлучат што ќе прават со него.
Во тој момент покрај нив минувале некои Исмаелци. Јуда им рекол на своите полубраќа: ‚Ајде да им го продадеме на Исмаелците‘. И токму тоа го направиле. Им го продале Јосиф за 20 сребреници. Колку злобно и нељубезно било тоа!
Што ќе му кажат браќата на својот татко? Тие заклале една коза и неколку пати ја натопиле Јосифовата облека во крвта од козата. Потоа ја однеле облеката дома кај својот татко Јаков и му рекле: ‚Ова го најдовме. Види да не е тоа облеката на Јосиф‘.
Јаков видел дека тоа била неговата облека. ‚Диво животно мора да го убило Јосиф‘, плачејќи рекол тој. И токму тоа сакале браќата на Јосиф да помисли нивниот татко. Јаков бил многу, многу тажен. Со денови плачел. Но Јосиф не бил мртов. Да видиме што се случило со него таму каде што го одвеле.